МОК
- Пресреќен сум што успеав да го освојам златниот медал и да ја направам Македонија горда. Овој успех е резултат на многу работа, тренинзи и одрекувања, рече на вчерашниот прес во МОК единствениот носител на златен медал од МИ, каратистот Матеј Белистојаноски
Македонските спортисти остварија одличен настап на Медитеранските игри (МИ) во Таранто (Италија), каде што освоија вкупно шест медали, од кои едно златно, две сребра и три бронзи. Со тоа Македонија го повтори бројот на освоени медали од МИ во Тарагона 2018 година, кога беа освоени две злата, едно сребро и три бронзи. За претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, настапот на македонската делегација е успешен, укажувајќи дека медалите се потврда за квалитетот на македонските спортисти.
– Шест медали од Медитеранските игри се резултат со кој треба да бидеме горди. Тие се освоени со огромен труд на спортистите, нивните тренери и федерациите, а се радост за македонската јавност. МОК ги овозможи сите услови на овие Медитерански игри, а спортистите ни возвратија со медалите. Нивниот настап претставува потврда дека Македонија има спортисти што можат да се борат за највисок пласман на големите меѓународни натпреварувања – рече Димевски, на вчерашниот прес одржан во просториите на МОК, а по повод настапот на македонските спортисти на МИ во Таранто 2026.
Единствениот златен медал на овие Игри го освои каратистот Матеј Белистојаноски во тежинската категорија до 67 кг. Членот на КК Олимпик, Белистојаноски, со пет победи во низа стигна до посакуваното злато.
– Пресреќен сум што успеав да го освојам златниот медал и да ја направам Македонија горда. Овој успех е резултат на многу работа, тренинзи и одрекувања. Благодарност до сите што беа со мене и ме поддржуваа. Ова претставува дополнителен мотив да продолжам да работам и да се борам за нови спортски успеси – не го криеше своето задоволство Белистојаноски.
Да потсетиме дека покрај Белистојаноски, борачите во слободен стил, Фати Вејсели (74 кг) и Реџеп Хајдари (до 97 кг), се закитија со сребро. Бронзи, пак, освоија Вероника Консевиќ (до 57 кг) и Ахмад Магомедов (до 86 кг) исто така во борење, слободен стил, додека боксерот Ален Рустемовски освои бронза во категоријата до 60 кг.
– Медитеранските игри се натпреварување со исклучително силна конкуренција и секој освоен медал има голема тежина. Нашата делегација покажа борбеност, професионалност и квалитет. Како шеф на делегацијата, горд сум на начинот на кој нашите спортисти ја претставуваа Македонија. Имавме огромен предизвик како делегација, затоа што на сите мултиспортски случување, секогаш има некаков проблем, дали е тоа транспортот, сместувањето и слично. Но ние направивме сѐ нашите спортисти да не го почувствуваат тоа и да се грижат само за подобар резултат – изјави Петар Спасеновски, кој беше шеф на македонската делегација на МИ во Таранто.
За успехот на македонските борачи, со задоволство говореше и Могамед Ибрагимов, единствениот борач што освои олимписки медал за Македонија по осамостојувањето. Тој беше трет на Олимписките игри (ОИ) во Сиднеј 2000.
– Четири медали во борење на Медитерански игри е огромен резултат. Тоа покажува дека имаме квалитетни борачи и дека работата што ја вложуваме дава резултати. Овие медали се мотив да продолжиме уште посериозно и да создадеме услови за уште поголеми успеси на следните големи натпреварувања што нѐ очекуваат – потенцираше Ибрагимов. Г.И.































