Слонот на Трамп маскиран како тројански коњ?!

  • Еврокомесарката Марта Кос конечно ни нацрта кој е тројанскиот коњ што балканските земји би го внеле во ЕУ. Тоа е точно Америка, односно нејзината стратегија МАГА. Таа идеологија на која се заснова американската администрација на Трамп е неприфатлива за Брисел, па, според тоа, ни земјите кандидатки не смеат да соработуваат со МАГА?! А според Кос, таа идеологија навлегла во земјите на Западен Балкан. Тоа кажува дека Брисел станал сериозно раштиман оркестар, а, за жал на Македонија, и дека процесот на проширување е влезен во лоша фаза. Исланѓаните паметно одиграа. Секоја чест

Приказната за републиканскиот слон е од крајот на 19 век и таа веќе има митолошка димензија. Неа ја смислил новинар, еден карикатурист, кој замислил дека во една зоолошка градина сите животни ги плаши едно магаре (демократите) што наврело лавовска кожа. Сите се плашеле, но не и тромавиот слон. Подоцна тромавоста е заменета со атрибути како сила, интелигенција, меморија, верност… И, ете, се родил симболот на американските републиканци и тој не е сменет ни до денес.
Зошто се навраќам на оваа сторија, која е и лекција за моќта на новинарството, на тоа политичко новинарство што може да креира, да скенира, да навлезе во најсуптилните пори на човекот како политичко битие (зоон политикон). Од тие причини, како продолжувачи на таа новинарска линија денес размислуваме, верувам со право, дали неодамна токму еврокомесарката за проширување Марта Кос, сакајќи или не (и за ова имам свое мислење, зашто има многу откачени планети што орбитираат повремено надвор од гравитациските сили на Урсула фон дер Лајен), го нацрта тој тројански коњ од кој Брисел се плаши да не му влезе внатре преку идните членки од Западен Балкан. Замислете, еве една Македонија, која е на второ место на ранг-листата што најдолго чека за членство по Турција, е толкава опасност за најмоќниот демократски сојуз – Европската Унија. Да се чудиш! Во тој тројански коњ, кој историски можеби е и македонска измислица, веројатно би се нашле некои опасни вируси или шуга, за кои Брисел во моментов нема лек. Досега знаевме дека се мислеше на Русија и на некој начин на Кина, но работите отишле многу понапред.
Комесарката Кос пред неколку дена јавно побара земјите кандидатки да „мора“ да ги прекинат врските со движењето МАГА на Доналд Трамп ако сакаат да се приклучат кон ЕУ.
„Не треба да ризикуваме нашите идни членки да градат зависности од други што се спротивни на нашите долгорочни интереси“, изјави Марта Кос на настан организиран од Центарот за студии за европска политика во Брисел.
„За првпат во историјата имаме противници во процесот на проширување“, вели таа.
На прашањето кои се „противниците“ на ЕУ, Кос одговори: „Јасно е дека Русија е еден од нив“. Но ЕУ исто така чувствува „притисок од Западот, од идеолозите на МАГА што се обидуваат да нè убедат дека нашата европска цивилизација е во опаѓање, дека нашата економија е во опаѓање и дека немаме вистинска демократија“.

Кос открила дека има постојани обиди на администрацијата на Трамп да изгради политички и економски врски со земјите од Западен Балкан. На нејзината листа е Босна и Херцеговина, каде што влегува значителен американски капитал, потоа Србија, и таму во енергетскиот гигант Ѓердап влегуваат долари, Албанија, заради Кушнер и протестите, па и Црна Гора, која сега била фатена за врат од американските патриоти. Припадниците на МАГА прават ’ршум на Балканот. И нормално е да се прашаме зошто на ЕУ не ѝ пречеше ова кога парите одеа преку УСАИД и Соросовата мрежа. Долари се долари. Но тие пари не одат само во Западен Балкан, одат насекаде низ Европа и светот, според интересите на Вашингтон. Одат и кинески пари низ Европа, но за Брисел е проблем ако тие доаѓаат во Унгарија, во Србија или во Македонија на пример.
Значи, тројанскиот коњ е Америка, односно стратегијата на Белата куќа наречена „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). И во тоа нема ништо непознато, Трамп ги отвори картите и им нацрта на партнерите во Европа, но Брисел реши да удри по Балканот.
Оваа заканувачка изјава од еврокомесарката Кос доаѓа откако Исланд на референдум одби да почне разговори за членство и јасно е дека тоа беше сериозен удар за плановите на Брисел барем некого да протне низ бриселските врати. Сѐ погласно се зборуваше дека е составен новиот ЕУ-двоец во Исланд и Црна Гора, но сега работите одат на друг колосек. Проширувањето е влезено во старата фаза – ништо не се случува, само се даваат празни ветувања и се смислуваат решенија што не можат да се применат, како што е тоа со предлогот за укинување на ветото за одредени прашања од надворешната политика и за проширувањето. Но тоа е само план на хартија, а во реалноста е многу веројатно дека за таков квантен скок ЕУ ќе треба да го менува и базичниот договор од Лисабон. За тоа членките не се подготвени, иако кон такво решение притискаат и Германија и Франција.

Берлин и Париз се залагаат и за посериозни промени и до доменот на надворешната политика и безбедноста затоа што сметаат дека многу бавно се носат одлуки во време на брзи геостратегиски промени. И додека француско-германскиот двоец размислува каква Европа ќе гради, во нова брзина се ставија крајно десничарските партии и тие ги најавуваат промените. Нивниот притисок станува сѐ поочигледен, а тој притисок донесе и големи промени во европската имиграциска политика. Но атмосферата е таква што промените во Европа ќе се носат далеку од сегашните политички центри на левите и на десните опции.
Можеме да заклучиме дека во овој момент на сериозна идентитетска криза во ЕУ, Македонија заедно со другите земји од Балканот не може да гледа на својата европерспектива многу оптимистички. Можеби случувањата во Брисел не се хаос, но секако се очајнички обиди да се најде местото во новиот свет, а тоа тешко оди. На пример кога сте на некој прием, на пример во Казахстан, вие ќе видите дипломати од многу земји членки на ЕУ, но и претставник на дипломатскиот сервис на Унијата. Ова го наметнува прашањето – кого претставува тој дипломат на ЕУ?! И сите тие меѓусебни препукувања и нејаснотии, сега гледаме дека црната овца не бил еден Виктор Орбан, туку има повеќе контраши на политиките што ги креира Европската комисија, сега се префрлаат на сметката на перспективите на балканските земји. Марта Кос јасно ни кажува дека соработката со МАГА на Трамп за нив е тројански коњ. А тоа значи гледај во ѕвездите, таму сме некаде ние како идни членки. Многу далеку, нели, а можеби и недостижно.
Ова е особено жестоко болно за Македонија, која заради членство во ЕУ ги даде името и историјата, што ќе рече своето наследство, а доби само ронки и лажни ветувања.