Невообичаен експеримент
Можеби на прв поглед не изгледа така, но закопувањето на повеќе од 2.000 памучни машки гаќи од страна на швајцарски научници претставува сериозен научен експеримент, чија цел беше да се провери колку е биолошки активна почвата. Имено, колку побрзо се разградува материјалот толку е поголема биолошката активност, а бидејќи дождовните црви, инсектите, габите и бактериите што живеат во почвата го разградуваат органскиот материјал, памучната долна облека била одличен избор за овој експеримент, чии резултати се објавени во научното списание „Плентс, пипл, планет“.
Повеќе од илјада волонтери на илјада локации низ Швајцарија закопаа долна облека и ќесички чај (кои и претходно се користеле за вакви проверки), а еден од резултатите ги потврди претходните научни предупредувања за тоа како луѓето се однесуваат кон природата и животната средина.
Како што се испостави, меѓу различните видови почва, добро одржуваните тревници се покажаа како најмалку биолошки активни. Според претходните предупредувања на научниците, уредените тревници претставуваат биолошки сиромашни и монотони монокултури, кои бараат големи количества вода, што значи дека почвата под таквата површина не е нужно здрава.
Од друга страна, ваквиот наод треба сериозно да се сфати бидејќи, на крајот на краиштата, почвата го произведува поголемиот дел од храната што ја консумираме и претставува дом за милијарди организми, што ја прави исклучително важен екосистем на нашата планета.
































