Интервју со Татјана Гочкова–Стојановска, ќерка на авторката на детската песничка „Брзај, брзај прваче“
- „Брзај, брзај прваче“ е песна што е длабоко врежана во колективната меморија на Македонија. Но, зад песната стои една авторка и една приказна која многумина можеби не ја знаат. Тоа е Косара Гочкова, авторката за која во ова интервју ќе направиме осврт на нејзиното творештво и љубовта кон децата, кои таа ги покажуваше преку нејзините дела.
За ова, но и за наследството кое Косара Гочкова го оставила зад себе, разговараме со Татјана Гочкова-Стојановска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и ќерка на авторката на една од најпрепознатливите детски стихотворби во земјата
За почеток, раскажете ни малку за вашата мајка. Каква беше Косара Гочкова?
-Косара Гочкова беше исклучителна личност, со една, би рекла, ренесансна широчина. Имаше остар ум и многубројни дарби, кои неуморно ги усовршуваше – посебно би издвоила дека беше инспиративен професор, учебникар од највисок ранг, подеднакво се изразуваше во поезијата и во прозата и поседуваше изразен талент за сликање.
Но, она што веднаш се препознаваше кај неа беа благородноста на карактерот, високите вредносни стандарди и големата внатрешна сила и храброст. За мене, спојот на тивката природа и силата на карактерот беа едни од нејзините највпечатливи особини.
Длабоко веруваше во важноста на образованието, на културата и уметноста, како и во вредностите што треба да им се пренесат на следните генерации. Нејзиниот професионален пат, кој подоцна ја однесе на многу одговорни академски и општествени позиции, на некој начин природно произлезе од таквите определби, но и од нејзината посветеност и од личниот интегритет.
Со што се занимаваше и каков беше нејзиниот професионален пат?
-Нејзините професионални и творечки патишта меѓусебно се испреплетуваа и беа во најтесна поврзаност со областа на образованието, книжевноста и уметноста. Професионалната кариера ја започнува како наставник по македонски јазик во неколку училишта, а подоцна станува директор на ОУ „Коле Неделковски“. Потоа продолжува како професор на Педагошката академија, а своето долгогодишно искуство во образованието го надградува и на институционално ниво, како помошник-министер во Министерството за образование, во секторот за основно образование. На тој начин, образованието го познаваше од повеќе перспективи – од непосредната работа со децата и наставниците, преку образованието на идните наставници, до учество во оформувањето нормативни образовни политики.
Паралелно со тоа се одвиваше и нејзиниот исклучително богат авторски пат. Беше автор на читанки, учебници и граматики за основно и за средно образование, и на бројни поетски и прозни дела. Како долгогодишен член на Друштвото на писатели на Македонија, за своето книжевно творештво добила значајни признанија, меѓу кои и наградата за животно дело.
А, покрај зборот, нејзин начин на изразување беше и сликарството. Сликаше од љубов и задоволство, најчесто цвеќе, а своите дела ги претстави и на неколку изложби.
Би рекле, образованието, книжевноста и уметноста не беа одделни области во нејзиниот живот, туку различни изрази на еден ист непресушен порив – неуморно да твори и, на свој препознатлив начин, да го пренесува она во што верува.

Каква беше нејзината врска со децата? Дали отсекогаш имала посебна чувствителност кон детскиот свет?
-Нејзината поврзаност со децата и со детскиот свет беше длабока и повеќеслојна и, всушност, се проткајуваше низ целиот нејзин личен, професионален и творечки пат. Уште на почетокот на кариерата, како наставник по македонски јазик во основно училиште, а подоцна и како директорка, таа секогаш беше во непосреден контакт со децата, со нивниот начин на размислување, со нивните интереси и потреби.
Таквата блискост подоцна најде свој одраз во нејзиното творештво. Пишуваше поезија и проза за деца, но истовремено создаваше учебници и граматики. Така, на детето му се обраќаше и како автор и како педагог – настојувајќи сложеното да го направи разбирливо, а знаењето – блиско и достапно на детската возраст.
Мислам дека токму таа способност да го погледне светот и од перспектива на детето, кај неа поттикнуваше посебни чувства.
Кои нејзини дела би ги издвоиле како препорака за родителите, а кои можат силно да влијаат со позитивен пример во воспитувањето на децата?
-Во секој дел од нејзиното творештво за деца се препознава топлиот однос кон детето и кон вредностите и ликовите што сакала да му ги доближи. Можам да издвојам неколку наслови на поетски дела наменети за деца: „Децата дури спијат“, „Синооко изворче“, „Бојата на светлината“, „Сребрена сончева роса“, „Трапа-трупа“, збирката раскази „Роза и Мимоза“.
Но, ова прашање ме поттикнува да кажам нешто што го сметам за подеднакво важно, еден личен белег на нејзиното однесување: таа отсекогаш го сметаше за драгоцено времето поминато со детето – во читање, во разговор за прочитаното, во размена на мисли и впечатоци. Веруваше дека токму тие моменти создаваат емотивен однос и градат трајна врска меѓу родителот и детето. Беше со длабоко уверување дека читајќи им на децата, им ја пренесуваме љубовта кон книгата и им помагаме да изградат чувство на лбискост со родителот кое, еден ден, и самите ќе посакаат да го создадат со своите деца.
Тоа е едно од нештата што сум ги понела од неа и што, верувам, и самата авторка би им го препорачала на родителите. Срдечно ви благодарам за ваквото прашање.
Како настанала „Брзај, брзај, прваче“? Дали знаете што ја инспирирало да ја напише?
-Авторката најнепосредно го познаваше детското срце – на своите деца, на децата од училиштата во кои работеше, ја познаваше атмосферата на првиот училиштен ден и подеднаквата возбуда и во срцата на учителките. Таа блискост со светот на децата, со ликот на насмеаното прваче – неминовно мораше да најде посебно место во нејзината поезија. Мислам дека токму од тие причини песната звучи и толку едноставно и природно, во неа нема конструирана приказна, туку препознатлива сцена: учителка, букви, песнички, ѕвонче и деца собрани за првиот час.
Во оваа стихотворба е преточена желбата да се овековечи еден од оние посебни и драгоцени мигови во животот на детето – тргнувањето на училиште! Тоа е првиот поголем чекор од сигурноста на домот кон еден нов свет, исполнет со возбуда, љубопитност и очекување.

Што мислите дека сакала едно дете да почувствува кога ќе ја слушне песната?
-Мислам дека, пред сè, сакала да му влее радост и охрабрување пред средбата со новото и непознатото. Првата строфа не случајно почнува со поттик, таа го насочува детето кон училиштето со ведрина, без страв и несигурност, кон место во кое ќе биде очекувано и добредојдено, кон кое ќе може да тргне со елан и доверба.
Светот на децата е денес многу поинаков. Имаме интернет, социјални мрежи, четови, групни четови … Но, што мислите дека останало исто кај децата?
-Интернетот, социјалните мрежи и групните четови целосно го променија начинот на кој децата меѓусебно комуницираат, но во основата на таа комуникација и натаму стои длабоко вкоренетата потреба на секое дете за вистинска блискост и постојана поддршка. Во својата суштина, тоа ги има истите потреби: да биде сакано, видено и слушнато, да биде прифатено од своите врсници и да се чувствува сигурно. Формите на комуникација се менуваат, но со детската душа секогаш мора да се биде внимателен – таа е по својата природа чувствителна и ранлива.
Како ви звучи тоа што песна создадена пред толку години денес повторно се користи за да зборува за односот меѓу децата?
-За мене е особено убаво чувството што песна создадена пред толку години не останала само како топло, носталгично сеќавање, како рефлексија во умот на неколку генерации, туку повторно воспоставува контакт со денешните деца и добива нова можност да им проговори на нивниот јазик и во нивното време.
Во тоа гледам еден убав континуитет меѓу: времето – кога песната химнично ги испраќаше првачињата кон училиштето со ведрина, со радост и со чувство дека влегуваат во еден нов свет во кој ќе стекнат другари и во кој ќе припаѓаат и: денешниот миг – кога односите меѓу децата се одвиваат во многу поинакви околности, а истата песна потсетува колку е важно училиштето да биде навистина простор на другарство, на блискост и прифаќање.
Би рекла, тоа е најубавиот начин едно дело да продолжи да живее, не само да биде запаметено, туку повторно да биде препознаено и да стапува во дијалог со времето во кое се изведува.
Дали мислите дека денес песната добива и едно ново значење?
-Да, мислам дека добива, секако, а можеби токму времето што поминало ни овозможува да и пристапиме на песната и на еден поинаков начин. Имено, „Брзај, брзај прваче“ е создадена во време кое го карактеризирало не само поинаков општествен туку и поинаков детски свет, но, вредностите што ги носи песната не му припаѓаат само на тоа време: другарството, сочувството, ведрината, чувството на припадност – сето она што го прави детството побезбедно, поисполнето и посреќно – е севременски идеал.
Денес, децата растат во многу поинаква средина, со многу нови можности, но и со нови форми на осаменост, на исклучување и несигурност. Токму од таа гледна точка, дел од пораките во песната денес како повторно да се кристализираат, овозможувајќи ни да ги слушнеме многу појасно и да се навратиме на нивното значење.
Дали мислите дека пораките што им ги упатуваме на децата преку песните и приказните можат да влијаат врз тоа какви луѓе ќе станат?
-Да, длабоко верувам дека можат. Зборовите, сликите и приказните со кои децата растат и со кои се сретнуваат од најрана возраст, постепено стануваат дел од нивниот внатрешен свет. Преку таа симболика најлесно се учи како да се препознае добрината наспрема неправдата, блискоста наспрема осаменоста, се учи како да се сочувствува, да се разбере светот и низ очите на другиот.
Од тој аспект, од особена важност е какви содржини им се нудат на децата. Песните и приказните што ги слушаат и читаат имплицитно им пренесуваат вредности, им ја развиваат чувствителноста и им помагаат во градењето односи.
Творештвото за деца носи во себе една особена одговорност.
И, можеби, најважното: што мислите дека можеме сите да направиме за училиштето да биде место во кое секое дете ќе се чувствува безбедно и прифатено?
-Можеме, најнапред, да тргнеме од тоа дека одговорноста е лична и никој не треба да биде изземен. Таа е, истовремено и – системска и лежи врз сите – училиштето, наставниците, родителите и пошироката средина. Децата го откриваат светот преку постапките на возрасните, преку начинот на кој ние разговараме, судиме, прифаќаме или исклучуваме. Доколку очекуваме почит и толеранција од ген ерациите што доаѓаат, тоа е семето што треба да го посееме.
И, тука, повторно би се вратила на едноставната и ведра слика од песната – дете кое брза кон училишниот двор. Задача на возрасните е училиштето да биде место кон кое секое дете навистина ќе тргне со такво чувство: дека таму припаѓа, дека е прифатено, безбедно и дека некој со радост го очекува. Исто како дома.
Убаво е да се види кога една вистински успешна компанија преку својата дејност поддржува вредности, се грижи за културното наследство и поврзува генерации.































