Фото: ЕПА

Функционерите во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп научија внимателно да ги избираат своите зборови за да избегнат да го претекнат својот шеф. Но се чини дека секогаш се подготвени да зборуваат за една тема – Европа. Од потпретседателот на САД па надолу, американските функционери се претставуваат себеси како да се учесници на мисија за спасување на западната цивилизација од Стариот Континент, кој го сметаат за своја лулка. Масовната миграција, ограничувањата на говорот и предавањето на националниот суверенитет, како што тврдат тие, им се закануваат не само на трансатлантските односи туку и на самата идеја за Европа.
– Ние нема да го спасиме Западот ако Европа не се среди. Долго време бев загрижен, поголемиот дел од изминатите две децении, дека Европа изврши цивилизациско самоубиство – рече Кевин Робертс, претседател на Фондацијата „Херитиџ“, конзервативниот аналитички центар што помогна во подготвувањето на агендата за вториот мандат на Доналд Трамп.

„Цивилизацијата што ја браниме е стара 3.500 години“, додаде тој, трасирајќи ја низ Ерусалим, Атина, Рим, Лондон и Филаделфија. Тврдејќи дека Европа треба да се спаси од самата себеси, администрацијата ги поддржа истомислечките партии и движења преку Атлантикот. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, отиде дотаму што водеше кампања за Виктор Орбан, поранешниот премиер на Унгарија и ѕвезда водилка на популистичко-националистичката десница, во пресрет на она што се покажа како изборен пораз на Унгарецот.

Во Стејт департментот службениците издвоија милиони долари во грантови за истомислечки групи во Европа што се борат против „цензурата“ и развиваат „цивилизациски врски“ меѓу САД и европскиот континент. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, рече дека американскиот претседател „со право ги предупреди другите светски лидери дека западната цивилизација ќе продолжи да еродира ако брзо не го сменат курсот“.

Фокусот на Европа го прошири трансатлантскиот јаз и ги принуди функционерите и коментаторите од двете страни на Атлантикот да се запрашаат зошто МАГА се насочила кон Европа. Сара Роџерс, заменик-државна секретарка за јавна дипломатија и една од најгласните критичарки на Трамп кон Европа, негира дека администрацијата на американскиот претседател сака кавга.
– Нашата стратегија за национална безбедност и другите изјави што ги дадовме често се формулираат како критики врз Европа или напади врз Европа, а тоа не е терминологијата што јас би ја користела. Кога се залагаме за овие теми, тоа не е затоа што американскиот народ или ние, како негови претставници, сме заинтересирани за конфликт со Европа. Тоа е затоа што се идентификуваме со Велика Британија и Европа на многу начини… Кога станува збор за одредени предизвици, сите сме заедно во ова – изјави таа за „Фајненшл тајмс“.

Роџерс има улога што традиционално се користи за унапредување на меката моќ на САД преку образовни размени и културни програми. Поранешната адвокатка, сепак, е попозната по остри објави на социјалните мрежи за европските и британските миграциски политики и напорите за регулирање на говорот на омраза. Претходно годинава Роџерс рече дека Германија увезла „варварски орди насилници“. Подоцна таа разјасни дека сакала да истакне поента за истрагата за говорот на омраза од 2018 година против германски пратеник од десницата што користел слични термини. Нејзиниот став за слободата на говорот во Европа е во спротивност со релативната тишина на администрацијата за авторитарните држави. Во јуни таа го посети Туркменистан, правејќи скудни осврти врз слободата на говорот.
– Нашиот ангажман за овие прашања зависи од длабочината на нашата поврзаност со земјите, природата на нашиот сојуз, зависи од историјата и траекторијата на земјата – рече таа.

Гледиштето на МАГА за Европа како цивилизација на работ на пропаст произлезе од американската нова десница, интелектуален и политички екосистем што цветаше помеѓу двата мандата на Трамп. Додека републиканците ги отфрлаа остатоците од реганистичкиот конзерватизам, нова кохорта аналитички центри и интелектуалци поврзани со МАГА се обидоа да ја претворат суровата моќ на политичката машина на Трамп во идеолошка доктрина и политичка програма.
– Годините на претходниот претседател Џо Бајден им дадоа на сојузниците на Трамп простор за да го развијат она што го сметаа за интелектуално јадро на трампизмот – рече Џошуа Тревино, виш директор во Институтот за политика „Америка на прво место“.
Објаснувајќи зошто администрацијата на Трамп толку отворено зборуваше за слободата на говорот, Тревино рече дека американските конзервативци „всушност се грижат што се случува во Европа“ затоа што ја гледаат како дел од себе – а особено Велика Британија како извор на предците. Тоа чувство на сродство значеше дека политичката насока на Европа може да се чувствува како „морална повреда“.
Всушност, постојат два различни стандарда во начинот на размислување меѓу конзервативците во односите со странските нации, според Тревино. Едниот е повеќе трансакциски, другиот цивилизациски.

Строгата нова теорија на МАГА за атлантската алијанса ја изложи американскиот потпретседател на Минхенската безбедносна конференција минатата година. Венс рече дека најголемата закана за Европа не доаѓа од Русија или Кина, туку „одвнатре“ – нејзиното наводно отстапување од САД во вредности како што е слободата на говорот. Тоа размислување подоцна беше кодифицирано во Националната стратегија за безбедност, планот за надворешната политика на САД, кој повика на „култивирање на отпор“ кон цивилизацискиот пад на Европа. Во стратешкиот документ на американскиот Стејт департмент беше поставена слична цел: да се „обнови цивилизацискиот сојуз со европските држави“.

Идеолошката расфрленост на американската нова десница опфаќа десничарски популисти, национални конзервативци, постлиберални католички интелектуалци, либертаријански технолошки основачи и десничарски активисти.
– Тоа се два тренда што се спојуваат: долгиот пад на американскиот општествен договор и самоволното претпоставување во сите западни демократии дека претставничката демократија е како вечен часовник што никогаш не треба да се поправа – рече Констанца Штелценмилер, директорка на центарот за САД и Европа во Институтот „Брукингс“ и уредничка-соработник на „Фајненшл тајмс“.

Бранот беше потпомогнат од финансирање од технолошки милијардери како што е Питер Тил, еден од првите поддржувачи на Ванс. Арно Миранда, соработник-истражувач на францускиот универзитет „Саенс По“, рече дека донаторите идентификувале „потреба за поелитистички пристап што би му дал насока и доктрина на трампизмот“.

Технолошката десница, како што понекогаш е позната, има своја посебна забелешка против ЕУ, која се обиде да постави заштитни огради околу големите технолошки компании и наметна милијарди евра казни според своите правила за конкуренција и дигитални правила. Ова е проткаено со елементи на „темното просветлување“, филозофија влијателна во делови од технолошката десница, која ја смета демократијата за пречка за технолошкиот напредок и тврди дека државите треба да се водат повеќе како корпорации. Миранда рече дека Европа, според ова гледиште, служи како предупредување за тоа што би можеле да станат САД ако не го променат курсот.
– Станува збор за заработка. Не станува збор за принципи, не станува збор за правни култури, туку за профит – рече Штелценмилер.

Исто така, јасно е дека постои длабоко негодување кон ЕУ и нејзината извршна рака, Европската комисија. Тие често се претставуваат со полуапокалиптичен говор како узурпатори на националното самоопределување на земјите членки на европскиот блок.
– Мислам дека и двeте се ужасни. Мислам дека се злобни. Мислам дека се зли – рече Робертс од Фондацијата „Херитиџ“.

Антипатијата кон Брисел го отсликува непријателството на МАГА кон елитните институции на Америка: универзитетите, медиумите, судството и кариерните јавни службеници што беа нападнати во вториот мандат на Трамп.
– Администрацијата на Трамп – како и многу други националистички бунтовнички движења и партии во западните земји – има проблем со универзитетите и образованите елити – рече Јорам Хазони, израелско-американски политички теоретичар чија книга „Доблеста на национализмот“ од 2018 година се смета за централен текст на американската нова десница.

Хазони призна „тензија“ помеѓу наведената цел на администрацијата на Трамп да се повлече од улогата на САД како глобален полицаец и нејзиното мавтање со прст кон Европа. Но тој го спореди спорот со кавга меѓу браќа и сестри.
– Браќа и сестри – тие се караат. Понекогаш постарите браќа и сестри се караат со своите помлади браќа и сестри, не од гадење или омраза, туку од љубов – рече тој.
Братската наклонетост на Трамп беше изразена на начини што ги потресоа сојузниците во текот на изминатите 18 месеци: закани за насилно заземање на Гренланд, повисоки царини за сојузниците и редовни упади во внатрешната политика на Европа. Централно место во сето тоа имаше имиграцијата. Стратегијата за национална безбедност на САД отиде дотаму што тврдеше дека Европа би можела да биде „непрепознатлива“ за 20 години, што потенцијално би го загрозило НАТО.
– Воениот сојуз мора да се базира на цивилизациски консензус. И ако забележиме ерозија на тоа, односно цивилизациско бришење, тоа ќе биде многу загрижувачко за нас – рече Мајк Гонзалез, виш соработник во Фондацијата „Херитиџ“.

Всушност, нешто над 10 проценти од населението на ЕУ е родено во странство, во споредба со речиси 16 проценти во САД, иако втората администрација на Трамп започна немилосрдна репресија врз имиграцијата. Критичарите тврдат дека преокупацијата понекогаш е исполнета со антиисламски чувства насочени кон имиграцијата во Европа од Блискиот Исток. Фиксацијата со имиграцијата ја принуди администрацијата на Трамп да ги поддржува европските политички движења што на други начини се спротивставуваат на нејзината надворешна политика. Во Германија таа најде заедничка кауза со десничарската АфД за имиграцијата, иако партијата е жестоко против големите зголемувања на трошоците за одбрана.
– Тие ги поддржаа кандидатите и партиите поради нивниот став за миграцијата, кој всушност е доста систематски против интересите на Америка на глобално ниво. Заедничките непријатели се поважни од интересите на САД во геополитиката – рече Томас Рајт, виш соработник во Институтот „Брукингс“ и поранешен службеник за национална безбедност во администрацијата на Бајден.

Иако поразот на Орбан наведе некои да предвидат дека движењето МАГА можеби губи влијание во Европа, нема знаци дека неговите реторички напади се намалуваат. Лора Филд, чија книга „Бесни умови“ ги испитува интелектуалните струи зад МАГА, вели дека ценењето на чувството на движењето за еврофилија е клучно.
– Постои целата оваа претензија дека тие се вистински наследници на европската цивилизација, дека ќе се вратат во татковината и ќе ги превоспитаат овие несигурни Европејци за нивните сопствени корени. Тоа е детска карикатура на Европа и е фундаментално несериозна на многу начини – заклучува Филд.