Триесет и пет години независност на Македонија (4)
- Во Македонија врие како во кошница. Се влошуваат односите со Југословенската народна армија. Македонските власти изразуваат незадоволство, даваат отпор на мобилизациите и се борат за спас на војниците разместени во касарните низ Југославија
На 19 август се случи настан од светско значење. Извршен е државен удар во СССР, претседателот Горбачов е симнат од власт, почнат е распадот на советската империја. Советскиот комунизам ги доживува последните денови. Кратко потоа независност прогласуваат Украина и балтичките земји.
Во Македонија врие како во кошница. Се влошуваат односите со Југословенската народна армија. Македонските власти изразуваат незадоволство, даваат отпор на мобилизациите и се борат за спас на војниците разместени во касарните низ Југославија. Претседателот Глигоров му пишува писмо на генералот Вељко Кадиевиќ, сојузен министер за одбрана, со барање војниците од Македонија да не се упатуваат во кризните подрачја, а оние што се во касарните да се вратат дома. Да нема натамошна мобилизација. Добива краток, суров, војнички одговор што значи одбивање на барањето.
На 22 август се одвива драматична седница на Собранието. На дневен ред се односите со Југословенската народна армија. Тие односи се доста комплицирани, неизвесни и заканувачки. Македонското раководство на секој начин гледа да не ја вовлекува државата во воените настани во Словенија и Хрватска. Но таму и во другите републики има многу војници од Македонија. Неколку од нив загинати или убиени. Голем број мајки придружени од граѓани протестираат и бараат тие да се вратат назад. Македонија носи одлука да не праќа нови регрути и бара начин да ги врати оние што се во југословенските касарни. Војската се заканува.

Ноќта меѓу 21 и 22 август припадници на Министерството за внатрешни работи, претставници на Владата и други лица, по писмен налог од Глигоров, извршиле ненадеен упад во просториите на Министерството за одбрана и насилно ги одзеле документите со воената евиденција. Дежурните вработени биле приведувани во полициски станици, грубо заплашувани и присилувани да даваат информации. Евиденцијата била однесена на тајно место, ЈНА да не може да ја врати.
Според подоцнежното искажување на претседателот на Владата, Никола Кљусев, нему, на потпретседателот Ристовски и на други лица им се заканувале од Армијата со затвори и ликвидации, поради што биле принудени неколку дена да се кријат во илегални станови низ Скопје. Врз нив бил вршен и друг вербален притисок.
Експресно е разрешен генерал-мајорот Ристо Дамјановски, првиот министер за одбрана на независна Македонија. Официјална причина за неговото разрешување беше тоа што министерот со своите оценки и видувања на состојбите јавно покажувал несогласување со Владата. Попросто речено, Дамјановски не ги почитувал ставовите на Владата туку им давал приоритет на ставовите на Армијата. Разрешениот министер од собраниската говорница упадот во Министерството го нарече пуч и ги критикуваше насилните постапки изразувајќи мислење дека евиденцијата можела да се предаде и по претходен договор.
Неколку дена подоцна конференција за печат држи Командата на Третата армиска област, задолжена за Македонија. Началникот на Генералштабот, Митре Арсовски, бара толеранција и разбирање, како и подготвеност од страна на армијата за дијалог, со цел да се надминат недоразбирањата. Вжештените релации главно се потсмирија, Армијата вети дека ќе може да се гласа во касарните, дека од нејзина страна нема да се прават никакви пречки во спроведувањето на референдумот. Конфликтот меѓу независна Македонија и ЈНА повторно се актуализира пет-шест месеци подоцна, во 1992 година, кога по една новонаметната неизвесна ситуација ЈНА, договорно меѓу двете страни, меѓу претседателот Глигоров и генералот Благоје Аџиќ, замина од Македонија.
Изданијата на НИП „Нова Македонија“ во јули-август 1991 објавуваат неколку отворени писма од македонски високорангирани генерали што служат во ЈНА. Дане Петковски, генерал во пензија, носител на Споменица 1941, генерал-мајорот Зоран Костовски, генерал-потполковникот Милан Ружиновски, генерал-полковникот Александар Спиркоски, командант на Белградската воена област, од војската оценет како еден од најталентираните генерали што ги имала повоена Југославија, се обраќаат до македонската јавност во обид да ја убедат да гласа за останок во Југославија.
Сите тие го делат ставот дека Југославија и ЈНА се единствената алтернатива за македонскиот народ. Нивните оценки се дека Македонија нема просторни, демографски, економски и геостратешки претпоставки да живее како самостојна државичка надвор од југословенската заедница. Според нив, станува јасно дека со секој обид за одвојување од Југославија однапред е потпишана смртна пресуда за македонската поличка, културна и национална самобитност. На еден или друг начин генералите ги повикуваат граѓаните на Македонија да се спротивстават на сите дезинтегрирачки процеси, го повикуваат македонското раководство да мисли со ладна глава и бараат поддршка и доверба во Југословенската армија.
Последните денови пред референдумот
Од 30 август СССР веќе не постои, комунизмот завршува како владејачки систем. Во Македонија сите високи функционери, партиски претседатели, директори на институции десетина дена се растрчани низ градови и села да го пропагираат референдумот и да ги повикуваат граѓаните да гласаат. Се држат митинзи, собири, трибини, тркалезни маси. Се вклучи и Македонската православна црква, која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија го обнароди значењето на референдумот како трето илинденско послание.
Мнозинството граѓани и натаму се во дилема – дали навистина станува збор за независност или за приклучување кон некаква Југославија.
Вреди да се споменат и неспособноста на западноевропските земји да ја решат југословенската криза, нивната превртливост и лицемерност. Настојувајќи да се најде мирно решение, на 27 август таа година Европската заедница (ЕЗ) донесе Декларација за Југославија. Со Декларацијата се гарантираше неповредливост на надворешните и внатрешните граници, право на изјаснување на народите за сопствениот суверенитет, негирање на употребата на сила како политика на свршен чин, а во спротивно се предвидуваа ригорозни санкции. Ништо од тоа не се оствари.
Почнува септември, неколку дена до датумот на референдумот. Со денови по ред во белградските весници „Политика“ и „Политика експрес“ се објавуваат текстови со груби напади врз раководството на Република Македонија со обвиненија дека ја издало Југославија, дека „тајно“ пактира со Бугарија, со Албанија и со странски сили. Дека потајно се вооружува и се подготвува за војна со ЈНА.
На 4 септември, четири дена пред референдумот, во Македонија престојуваат неколкумина амбасадори од најважните западноевропски земји, придружени од амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Канада и Австралија што се на должност во Белград. Освен што сакаат да чујат што ќе се случува, тие сакаат и да упатат пораки за мирољубиво решавање на југословенската криза. Разговараат за можностите дали може да се дојде до нов договор меѓу југословенските народи.
Македонското раководство го искажува својот став – Македонија може да биде во Југославија само доколку е тоа сојуз на суверени држави и доколку во него бидат сите поранешни републики. Значајно е да се обележи дека во тие моменти ЕЗ и Франција го поддржуваат предлогот за создавање „унија на југословенските држави“.
Најверојатно по совет и препорака на амбасадорскиот кор, само ден по тој разговор Република Македонија упати подолг меморандум до Европската заедница во кој земјите членки се запознаваат со македонските ставови. Во него се наведува дека Македонија се залага за сојуз на суверени држави, меѓутоа актуелните настани ја принудуваат да се подготвува за целосна независност. Во овој меморандум за првпат ѝ се соопштува на Европската заедница дека Република Македонија го напушта комунизмот, дека нема да се потпира на национализмот како замена на комунизмот.
Само ден пред македонскиот референдум, на 7 септември, во Хаг, ЕЗ (сегашната Европска Унија) организираше мировна конференција за Југославија, која пропадна уште пред да почне. Тој ден може да се означи и како ден на дефинитивниот распад на југословенската федеративна држава. Денот потоа, 8 ептември, е денот на конечното осамостојување на Република Македонија, „држава на македонскиот народ и на сите граѓани“ што живеат во неа. Така гласеше најраширената дефиниција.
На 8 септември 1991 се одржа референдумот. Со „ЗА“ гласаа 97,9 отсто од оние што излегоа на гласање. Според толкувањето на изборната комисија, мнозинството граѓани се изјасниле за првата варијанта – за самостојна, суверена држава Република Македонија. Објавените резултати во одредени кругови беа примени со голема радост, во други со резерва. Мошне важно беше што референдумот помина во мирна, демократска атмосфера и најлегална процедура. Ако некој сакал да фалсификува, тешко дека ќе можел да преправа, да уништува или да фалсификува стотина илјади гласачки ливчиња.
Во моментот на референдумот, според официјалните статистички податоци, Република Македонија зазема 25.713 километри квадратни во границите на Југославија. Има 1.912.257 жители. Националниот состав е следен: Македонци 67,1, Албанци 19,8 и други 13,3 отсто.
Благодарност до библиотеката „Браќа Миладиновци“
Подготовките за фељтонот посветен на 35-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија ги вршев во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Таму на располагање ми беа оригиналните комплети од весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“ и неделникот „Пулс“ од јули и август 1991 година. Ја користам можноста да се заблагодарам за разбирањето што беше покажано, за помошта што ми беше дадена, за условите што ми беа обезбедени неколку дена да работам непречено. Посебна благодарност изразувам кон в.д. директорката Анета Механџиска, како и до другите раководни и нераководни лица што покажуваа пресретливост, љубезност и услужливост. Библиотеката „Браќа Миладиновци“, сместена во центарот на Скопје, е храм на книгата, место на мир, простор со беспрекорна хигиена. Посетете ја! П.К.
(продолжува утре со: Другото лице на референдумот – Глигоров, Кљусев, Андов…)
Повикот на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија во бурите на југословенскиот распад
Патот кон осамостојувањето: Прашањето и датумот
































