Европска централна банка - Фото: ЕПА

Централните банки прават напори за отворање пошироки комуникациски канали со граѓаните

  • Во свет на чести и брзодвижечки шокови, каде што неизвесноста е висока и пазарите реагираат веднаш, централните банки се соочуваат со фундаментален комуникациски предизвик, а тоа е „како централните банки да ѝ помогнат на јавноста да ги разбере целите на монетарната политика и наедно да објаснат како политиката може да еволуира како што се менуваат економските услови“?
  • Во овој поглед, објаснувањето на надлежностите, политиките, функцијата на централната банка и на начинот на кој економската неизвесност и ризиците влијаат на алтернативните сценарија стана основа на комуникацискиот прирачник на централните банкари со обичните граѓани

Од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) пристигна исклучително интересна информација во делот од банкарското работење, која се однесува на односот на централните (национални) банки кон граѓаните на матичните земји. Имено, од ММФ информираат дека „паралелно со примарните активности на централните банки за приспособување на алатките кон понесигурен свет, или кон средина во која финансиските шокови зачестуваат, тие во своите преструктурирање сѐ поинтензивно практикуваат активности во делот од „комуникација со јавноста и граѓаните“.

Сѐ повеќе објаснувања, толкувања, разјаснувања, интерпретации и образложувања на централните банки кон граѓаните

– За време на ерата на ниска инфлација што следуваше по глобалната финансиска криза, комуникацијата беше доминирана од насоки за иднината, фокусирани на претходно обврзување за веројатна идна патека на политичките каматни стапки. Таквиот пристап може да биде ефикасен кога политиката е заглавена на долната граница и очекувањата за инфлација се намалуваат. Но обврските може да станат скапи кога околностите се менуваат. Шоковите во понудата, изненадувањата во инфлацијата или наглите промени во рамнотежата на ризиците може да бараат од креаторите на политиките да го приспособат курсот – истакнуваат аналитичарите на ММФ.

Потоа додаваат дека поради овие причини, комуникацијата на централните банки се префрли кон објаснување како политиката ќе реагира како што се развиваат економските услови и стануваат достапни нови податоци.

Разбирање на реактивните функции

Аналитичарите на ММФ укажуваат дека една од главните или централни задачи беше комуникацијата: како креаторите на политиките ги толкуваат дојдовните податоци, ги проценуваат ризиците и ги навигираат компромисите помеѓу клучните цели на централните банки. Јачината на основната инфлација, еволуцијата на инфлациските очекувања и природата на преносот на монетарната политика се клучните влезни податоци за нивната реакција.

„Зависноста од податоци“ е еден термин што централните банки често го нагласуваат, термин што укажува колку се битни податоците, како тие податоци ги обликуваат одлуките и што можат да значат идните непредвидени околности. Целта е да им се помогне на јавноста и на заинтересираните граѓани да ја разберат логиката што ги води при носење одлуки од страна на централните банки.
– Централните банки ги пренесуваат своите ставови за економските перспективи преку прогнози и сценарија. Ова е клучно бидејќи политичките одлуки се базираат на тоа каде се очекува да оди макроекономијата. Но прогнозите не се ветувања. Во свет склон кон шокови, тие се предмет на огромна неизвесност. Ако прогнозите се соопштуваат премногу прецизно или проекциите за каматните стапки на политиката се толкуваат како обврски, ревизиите може погрешно да се протолкуваат како пресврти на политиката. Во овој контекст, сценаријата можат да помогнат да се илустрира како политиката може да реагира под различни економски исходи, а наедно да се зајакне фактот дека идните одлуки ќе зависат од дојдовните податоци и еволуирачките услови – укажуваат од НБРСМ.

Комуникација за свет склон кон финансиски шокови

Аналитичарите на ММФ нагласуваат оти прогнозите треба да бидат придружени со јасно објаснување на ризиците. Ефикасното соопштување на одлуките може да ѝ помогне на јавноста подобро да разбере како политиката може да реагира под алтернативни економски исходи. Спротивно на тоа, обврските за патеката на стапките треба да бидат исклучителни и условни, со јасни клаузули, така што секое условно ветување е јасно подредено на мандатот за стабилност на цените.
– Јасната комуникација може да ги зацврсти очекувањата и да ја поддржи одговорноста. Но повеќе комуникација не е секогаш подобра. Социјалните медиуми, автоматизираната анализа на вести и вештачката интелигенција значат дека комуникациите на централните банки се анализираат во реално време. Премногу детали можат да доведат до тоа пазарите прекумерно да се фокусираат на декодирање на централната банка, наместо на процена на фундаменталните фактори. Оттука, условеноста во однос на еволуирачките изгледи е основна – нагласуваат од ММФ.
Тие додаваат дека целта на комуникацијата на централните банки не е да се елиминира волатилноста. Напротив, таа е да се намали неизвесноста за тоа како централната банка ќе одговори, ограничувајќи ги изненадувањата околу политичките одлуки.

Волатилноста, сама по себе, не е непожелна, велат од ММФ и додаваат дека кога цените на активата се движат како одговор на нови информации за дојдовните макроекономски податоци што ги обликуваат изгледите за инфлација и раст, пазарите ја извршуваат својата суштинска функција за откривање на цените. Таквата волатилност ја поттикнува информативната содржина на очекувањата и за возврат може да им обезбеди информации на креаторите на политиките.
– Успешната комуникација зависи од поттикнување подобро разбирање на рамката на политиките. Тоа значи да се биде јасен во врска со целите на централната банка, реактивната функција и прогнозите. Со оглед на високиот степен на неизвесност на глобално ниво, централните банки треба да бидат експлицитни во врска со ризиците, со цел точно да го одразат степенот на основната макроекономска неизвесност – се нагласува во нивната анализа. Е.Р.


Транспарентноста на Народната банка

Што се однесува, пак, до транспарентноста на НБРСМ, таа е загарантирана со повеќе одредби и активности предвидени со Законот за Народната банка. Во него е предвидена точна процедура за изборот на членовите на советот, но и предвидени се периодични обраќања на гувернерот пред Собранието или неговите комисии, во врска со прашања од монетарната политика и финансискиот систем и состојбата на економијата.

Наедно се предвидени редовно објавување на финансиските извештаи, редовно информирање (најмалку двапати годишно) на Собранието и јавноста за монетарната политика, за остварувањето на нејзините цели и нејзините ставови за реалните варијабли во економијата.
– Годишно поднесување до Собранието и до министерот за финансии и објавување еден или повеќе извештаи одобрени од Советот на Народната банка во врска со состојбите во економијата за време на финансиската година, како и за перспективите за економијата за следната година, со посебен осврт кон целите на политиките на Народната банка и состојбата на банкарскиот систем на нашата земја. Квартално објавување извештаи за монетарната политика на нејзината интернет-страница – се исто така меѓу мерките предвидени за информирање.

Предвидено е и објавување извештај за финансиската стабилност за претходната година на нејзината интернет-страница и/или на друг начин утврден од страна на гувернерот на Народната банка. Јавно објавување на целите на монетарната политика, објавување на одлуките на Советот на Народната банка во „Службен весник на Република Македонија“, како и достапност на статистички податоци и информации. Е.Р.