Македонија е премногу толерантна спрема своите внатрешни квислинзи, кои отворено работат за интересите на соседните метрополи против Македонците и не го кријат тоа!

СТАВ

Тодор петров

Има едно правило: Кога ќе згазнете во жив песок, не мрдајте, зашто колку повеќе мрдате толку побрзо тонете, до – да ве снема, како и да не сте постоеле. Таков е Љубчо Георгиевски. Од премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ со шеснаесетзрачното златножолто сонце на партиските книшки и со фалангите на Александар Македонски до Индија до главен мегафон на Софија во антимакедонските политики кон Македонците и Македонија.

Во една од неговите антимакедонски бљувотини ја убедува јавноста дека бугарска окупација врз Македонија во Втората светска војна нема, бидејќи Македонија не била држава. Значи, Бугарија ја окупирала Југославија, односно Србија. Ами, ако Бугарија го окупирала вардарскиот дел од Македонија под Југославија односно Србија, што окупирала во Македонија – Срби или Бугари? Окупаторот на мојот окупатор не значи дека е мој ослободител, туку нов окупатор! Ослободителот од мојот окупатор е мој нов окупатор! Веројатно имало Македонци што во Втората светска војна ги пречекале бугарските окупациони војски на улица, ама радувајќи се поради ослободувањето од српските окупатори, не затоа што Македонците биле Бугари! И Бугарите во Бугарија ги пречекале германските војски, ама како сојузници: Бугарите не ги пречекале Германците во Бугарија на улица, затоа што Бугарите биле Германци! Логика! И додека бугарските историчари зборуваат за бугарска воена окупација врз Македонија со анексија, Љубчо Георгиевски вели дека македонски национален интерес бил да потврдиме, како што вели и Софија – нема бугарска окупација во Македонија во Втората светска војна! Намерата е проѕирна: ревизија на историјата – во Македонија се водела граѓанска војна, односно пресметка помеѓу бугарската левица и бугарската десница… Хахахаха, до која забеганост се опсервира јавноста во индоктринацијата и прифаќањето на новокомпонираната „заедничка“ историја (македонската како бугарска), која ни ја накалеми Зоран Заев! СДСМ веќе го избришаа АСНОМ од преамбулата на Уставот, за да се инјектира општа амнезија: Да се избрише Манифестот на АСНОМ, кој прокламира ослободување и обединување на Македонија!
Тоа била целта на Националноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна во сите делови на Македонија! Македонските партизани се бореле заедно со грчките, српските, бугарските и албанските партизани заради ослободување на Грција, Србија, Бугарија и Албанија од монархофашистите и колаборационистите, но убедени во ветувањата на комунистичките партии на окупираните територии на Македонија за ослободување и обединување на Македонија во нејзините етноисториски граници!

За жал, Македонија е премногу толерантна спрема своите внатрешни квислинзи, кои отворено работат за интересите на соседните метрополи против Македонците и не го кријат тоа!

Спротивно на историската вистина, Љубчо Георгиевски на порталот „Утре.мк“ вели: „Вториот момент сега малку навлегува во една сфера на компарација, тоа е моментот кога зборуваме за бугарски фашистички окупатор. Значи кога зборуваме за тој дел на окупатор, некако подзабораваме една работа, од страна на македонските национални интереси, од страна на македонскиот идентитет, од страна на одбраната на нашите македонски интереси. А, мене, морам да ви кажам, не само што ме иритира туку и ме згрозува амнезијата со која влегуваме во целата таа ситуација. Значи, кога го употребуваме зборот бугарска окупација, ние автоматски во истиот момент, како да подразбираме дека ние до тој момент сме си биле една слобода држава, еден слободен народ, и одеднаш доаѓа еден бугарски окупатор кој ни ја зема таа слобода“.

И бидејќи баба лаже, трап не лаже, еве што се вели на седницата на бугарскиот парламент одржана на 19 април 1941 година…

Претседателот на народното собрание: Има доволен број пратеници, го отворам заседанието. Господа народни пратеници, ќе ви се обрати премиерот. Ќе даде изјава во врска со заземањето од страна на нашите воени сили и администрација на новоослободените бугарски територии. Му давам збор на премиерот.

Премиерот на Бугарија, Богдан Филов (*): Целиот бугарски народ денес гледа како се остваруваат неговите идеали за создавањето на една моќна и обединета Бугарија, од Дунав до Бело Море, и од Охрид до Црно Море.

Пратениците: Ураааа, урааааа!

Премиерот Богдан Филов: Бугарскиот народ секогаш ќе искажува најголема благодарност и големо признание кон силите на Оската и кон нивните големи водачи Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го остварија обединувањето на Бугарија. Овие чувства ќе се особено силни кон Германија, чии војски дејствуваа во Македонија и Беломорието, и кои на тој начин беа непосредните ослободители на овие бугарски територии. Во знак на благодарност кон оној што нѐ водеше мудро низ сите досегашни тешкотии и кој може да посведочи за обединувањето на Бугарија, за неговото величество царот ослободител Борис Трети, ура!

Пратениците: Урааааа! Урааааа!

(*) Богдан Филов (роден на 10 април 1883, а стрелан на 1 февруари 1945 година во Софија) е премиер на Бугарија од 16 февруари 1940 до 9 септември 1943 година. Како бугарски премиер, на 1 март 1941 година Богдан Филов официјално го потпиша пристапувањето на Царството Бугарија кон Тројниот пакт со нацистичка Германија, фашистичка Италија и царството Јапонија. По деветтосептемврискиот преврат во 1944 година и доаѓањето на новата власт предводена од комунистите и поддржана од Советскиот Сојуз, Богдан Филов беше уапсен и изведен пред новоформираниот Народен суд, поради: (1) Сојуз со нацистичка Германија: Како премиер, на 1 март 1941 година Богдан Филов официјално го потпиша пристапувањето на царството Бугарија кон Тројниот пакт; (2) Окупација на делови од Југославија (вардарскиот дел од Македонија и делови од Србија) и Грција (Тракија); (3) Носење на антисемитскиот Закон за заштита на нацијата и депортацијата на над 11.000 Евреи од окупираните територии во Македонија и Тракија во нацистичкиот логор на смртта „Треблинка“; и (4) брутална воена и полициска пресметка против антифашистичкото партизанско движење во Бугарија и окупираните области. Народниот суд го прогласи за виновен за национално предавство, вовлекување на Бугарија во војна и соработка со фашизмот, заедно со другите двајца кралски регенти (принцот Кирил и генералот Никола Михов), 22 министри и десетици пратеници. Сите беа стрелани ноќта на 1 спроти 2 февруари 1945 година на гробиштата во Софија, а нивните тела беа фрлени во масовна гробница создадена од кратер од бомба.

И бугарските историчари потврдуваат дека во 1941 година, Бугарија како дел од фашистичката оска извршила окупација и анексија на Македонија. Еве дел од јавна дебата на бугарската државна телевизија.

Новинарот: Каква е точно улогата на бугарската армија во тие територии. Таа е окупатор или влегува како сојузник на германските војски?

Историчарката: Прво, ние сме сојузници. Државата е сојузник во рамките на Тристраниот пакт! Тоа е јасно. На 19 април 1941 година, Драганов (**), полномоштен министер (амбасадор) во Берлин, ја информира Софија дека е дадена согласност бугарските војски да влезат во Македонија и Тракија. Првично, наредбата е само за воена окупација. Окупацијата се претвора во анексија.

Новинарот: Многу е важно да се разберат овие термини. Се потрудив да видам како е во германскиот текст, таму точно е употребен терминот окупација!

Историчарката: Точно, Германија ни дозволува да влеземе и да окупираме. Така што, првичната идеја е за воена окупација. Тие територии на германските карти се означуваат со демаркациона линија. Но бугарската политика ги прифаќа како присоединети и на 14 мај 1941 година Народното собрание го прогласува обединувањето со татковината.

(**) Прван Драганов (роден на 4 февруари 1890 година, а стрелан на 1 февруари 1945 година во Софија) е бугарски дипломат и министер. Во 1941 година, за време на Втората светска војна, тој ја извршувал функцијата полномошен министер (амбасадор) на Бугарија во Берлин, Германија (од 1938 до 1942 година). Клучни историски детали поврзани со него во овој период се: (1) Како амбасадор во Берлин, Прван Драганов бил главната алка за комуникација меѓу Адолф Хитлер и бугарскиот цар Борис Трети. На 27 март 1941 година (по воениот удар во Белград), наводно Хитлер го примил Прван Драганов да му соопшти дека „македонското прашање ќе се реши во корист на Бугарија“. По Берлин, Прван Драганов бил амбасадор во Мадрид, а во летото 1944 година за кус период станал и министер за надворешни работи на Бугарија во владата на Иван Багрјанов. По деветтосептемврискиот преврат во 1944 година и воспоставувањето на комунистичката власт во Бугарија, тој е осуден на смрт од Народниот суд и е стрелан на 1 февруари 1945 година.