Четирите куси текста во продолжение се замислени да функционираат како еден неделнички пакет, а не како четири изолирани вести. Имено, првиот ги поставува јавната порака и алармот, вториот го објаснува механизмот на ширење, третиот ја разбива претставата дека морбилите се безопасна „детска болест“, а четвртиот го затвора пакетот со конкретен повик за вакцинација и превенција.
Препораките, но и предупредувањата на нашиот Институт за јавно здравје, но и од Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, се исклучително сериозни. Во своите анализи и заклучоци презентирани во јавноста, сите споменати релевантни институции сумираат дека и покрај падот на бројот на случаи во поединечни земји, во Европа и Централна Азија во 2025 година, ризикот од нови епидемии останува, а за прекин на ширењето на морбилите е потребен опфат од најмалку 95 проценти со две дози вакцина.
Во еден таков контекст се и целта и пораката на оваа серија од четири текста во пакет до домашната јавност, во кои секој од свој агол информира и едуцира за здравствениот предизвик наречен – морбили.
1. МОРБИЛИТЕ ПОВТОРНО ТРОПААТ НА ВРАТА
Време е превенцијата да биде заедничка одговорност
- Превенцијата започнува со информираност, а колективната заштита започнува кога секој ќе го исполни својот дел
Морбилите не се болест од минатото. Тие се тука, а нискиот опфат со вакцинација повторно ја отвора вратата за нивно ширење. Во Македонија опфатот со првата доза МРП-вакцина и натаму е далеку под нивото потребно за колективна заштита. Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), националниот опфат со првата доза во 2023 година изнесувал 73,4 проценти, што е значително под препорачаните 95 проценти.
Токму таа разлика меѓу реалниот и потребниот опфат не е само статистика. Таа значи повеќе деца што остануваат без доволна заштита и повеќе простор за вирусот да се шири.
Морбилите се меѓу најзаразните вирусни заболувања кај човекот. Се пренесуваат преку воздухот и респираторните секрети при кашлање и кивање, а вирусот може да остане во воздухот до два часа откако заразеното лице ќе го напушти просторот. Тоа значи дека едно заболено дете или возрасен може да биде почеток на многу поширок синџир на заразување. Затоа прашањето за вакцинацијата не е само индивидуална одлука. Тоа е прашање на заштита на целата заедница. Особено на оние што не можат да бидат вакцинирани поради медицински причини и на најмалите деца, кои сè уште не ја достигнале возраста за вакцинација.
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека за да се спречат епидемии на морбили потребен е опфат од најмалку 95 проценти со две дози вакцина во секоја заедница. Кога тој праг не е достигнат, вирусот добива можност да пронајде доволно голем број незаштитени лица за да продолжи да циркулира.
И Европа веќе го почувствува тоа. Во 2024 година во Европскиот Регион биле регистрирани повеќе од 127.000 случаи на морбили, највисок број во последните 27 години. Во 2025 година, бројот на случаи значително се намалил, но СЗО и УНИЦЕФ предупредија дека условите што овозможија повторно појавување на болеста сè уште постојат.
Затоа предупредувањето не треба да се сфати како причина за паника, туку како повик за навремена реакција. Најважниот чекор е едноставен. Имено, родителите да го проверат вакциналниот статус на своите деца. Доколку детето ја пропуштило вакцината или дозата, потребно е да се разговара со матичниот лекар или со надлежната здравствена служба за навремено дополнување на вакцинацијата.
Натаму, одговорност имаат и институциите. Потребни се точни и навремени информации, достапни вакцини, активно повикување на невакцинираните деца и ефикасен систем за следење на заразните заболувања.
Но одговорност има и секој од нас. Во време кога дезинформациите за вакцините се шират побрзо од кога било, одлуките за здравјето на децата мора да се темелат на проверени медицински информации, а не на страв, гласини и објави од непроверени извори.
Морбилите можат да се спречат. Вакцината е една од најмоќните алатки со кои располага современата медицина за спречување на ова заболување. Затоа денес најважната порака не е „да се плашиме од морбили“, туку „да не им дозволиме да се вратат“. Превенцијата започнува со информираност. А колективната заштита започнува кога секој ќе го направи својот дел. Н.М.
2. ВИРУСОТ НЕ ИЗБИРА
Како се шират морбилите, дури и со „мал пропуст“ во заштитата
- Најголемиот ризик се појавува таму каде што има поголем број лица без доволна имунолошка заштита. Едно заболено лице може да зарази голем број невакцинирани лица
Морбилите имаат една особина што ги прави особено опасни за заедниците со низок вакцинален опфат – исклучително лесно се пренесуваат. Вирусот се шири преку воздухот и капките (аеросоли) што ги исфрла заразеното лице при кашлање, кивање или дишење.
Заразувањето може да се случи и без директен физички контакт! Уште позначајно е тоа што заразеното лице може да го пренесува вирусот пред да стане очигледно дека е болно.
Според истражувањата на центрите за контрола и превенција на болести на САД, лице со морбили може да биде заразно од четири дена пред до четири дена по појавата на исипот. Токму затоа вирусот тешко се запира откако ќе почне да циркулира.
Најголемиот ризик се појавува таму каде што има поголем број лица без доволна имунолошка заштита. Едно заболено лице може да зарази голем број невакцинирани лица. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека од едно лице заболено од морбили може да се заразат до 18 други невакцинирани лица.
Тоа ја објаснува и важноста на колективниот имунитет. Кога доволно голем дел од населението е заштитен, вирусот многу потешко наоѓа пат до нови домаќини. Но кога опфатот паѓа, се создаваат таканаречени имунолошки дупки. Во нив вирусот може да се шири од едно на друго лице и постепено да создаде епидемиски синџир.
Проблемот не е само во националниот просек. И таму каде што просечниот опфат изгледа релативно висок, локалните средини со многу невакцинирани деца можат да бидат особено ранливи.
Токму затоа СЗО инсистира на најмалку 95 проценти опфат со две дози во секоја заедница, а не само на национално ниво. Во Македонија нискиот опфат со МРП е причина за сериозно внимание. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека и покрај подобрувањето во 2023 година, првата доза МРП била далеку под препорачаниот праг од 95 проценти. Тоа е предупредување дека вирусот не смее да се потцени.
Морбилите не се појавуваат затоа што „сезоната е лоша“. Тие се појавуваат кога вирусот ќе најде доволно незаштитени лица.
Причините за невакцинирање можат да бидат различни – од пропуштена вакцина и тешка достапност на здравствените услуги до страв, недоверба и дезинформации. Затоа борбата против морбилите не е само медицинска.
Таа е и информативна, образовна и институционална. На јавноста ѝ се потребни јасни одговори, а на родителите – достапни здравствени работници со кои можат отворено да разговараат. Бидејќи кога станува збор за морбилите, секоја пропуштена можност за вакцинација може да биде нова можност за вирусот.
А најдобриот начин да се прекине тој синџир е тој воопшто да не започне. Н.М.
3. ОД КОМПЛИКАЦИИ ДО ДОЛГОРОЧНИ ПОСЛЕДИЦИ
Морбилите не се само „детска болест“
Во јавноста морбилите понекогаш сè уште се доживуваат како вообичаена детска болест што „се прележува“. Медицинските факти зборуваат поинаку. Морбилите се сериозна вирусна инфекција што може да предизвика тешки компликации и, во одредени случаи, да заврши со смртен исход.

Почетокот често наликува на други респираторни инфекции. Се јавуваат висока температура, кашлица, течење на носот и потоа карактеристичен исип што се шири по телото.
Но опасноста не завршува со исипот. Морбилите можат да предизвикаат пневмонија, тешка дијареја и дехидратација, воспаление на мозокот и други сериозни компликации.
Кај најмалите деца ризикот од тешко заболување е особено значаен. Поголем ризик постои и кај лица со ослабен имунитет и кај деца со неадекватна исхрана.
Но последиците можат да бидат подолготрајни од самата акутна инфекција. СЗО предупредува дека морбилите можат да го нарушат имунолошкиот систем и да ја намалат неговата способност да се брани од други инфекции. Тоа значи дека детето што ќе ги прележи морбилите не мора веднаш да биде целосно надвор од ризик. Во најтешките случаи можат да останат трајни последици, вклучително и оштетување на слухот или видот, како и невролошки оштетувања.
Токму затоа е опасно морбилите да се романтизираат како нешто што „сите порано го прележувале“. Медицината денес има можност да спречи голем дел од ова страдање. Вакцинацијата не гарантира дека никој никогаш нема да се разболи, но две дози вакцина обезбедуваат многу високо ниво на заштита. Според СЗО, две дози вакцина што содржи компонента против морбили обезбедуваат до 97 проценти доживотна заштита.
Секој случај на морбили затоа треба да се сфати сериозно. Не само поради самиот пациент туку и поради можноста тој да им го пренесе вирусот на други. Особено се загрозени оние што не можат да бидат вакцинирани или сè уште не ја примиле потребната доза.
Затоа заштитата од морбили е и прашање на солидарност. Кога родител ќе го вакцинира своето дете според препораките, не го штити само него. Тој придонесува и за создавање безбедна средина за целата заедница. Во услови на низок опфат, ризикот повторно расте. А кога вирусот еднаш ќе почне да се шири, цената се плаќа преку заболени деца, хоспитализации, отсуства од училиште и работа, дополнително оптоварување на здравствениот систем и, во најтешките случаи, трајни последици.
Затоа најдобриот третман за морбилите и натаму е – нивната превенција. А превенцијата започнува пред првиот случај. Н.М.
4. ВАКЦИНАТА КАКО ШТИТ
Зошто 95 проценти се границата што не смееме да ја игнорираме
- Светската здравствена организација (СЗО) препорачува најмалку 95 проценти од децата да бидат заштитени со двете потребни дози вакцина против морбили за да се спречат епидемии и да се одржи колективната заштита
Во борбата против морбилите постои јасна цел, а тоа е да нема доволно незаштитени лица за вирусот да може да се шири! За тоа е потребен висок и одржлив вакцинален опфат. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува најмалку 95 проценти од децата да бидат заштитени со двете потребни дози вакцина против морбили за да се спречат епидемии и да се одржи колективната заштита.
Македонија сè уште не ја достигнува оваа цел. Според Институтот за јавно здравје, во 2023 година опфатот со првата доза МРП изнесувал 73,4 проценти. Тоа значи дека постои значителен простор за подобрување.
Зад секој процент стојат конкретни деца. Некои ја пропуштиле вакцинацијата поради заборавена или одложена доза. Други можеби се дел од семејства што имаат сомнежи или стравови. Постојат и деца до кои здравствениот систем потешко допира.
Сите овие причини бараат различен пристап, но имаат исто решение – детето да биде навремено заштитено. Тука е важна улогата на здравствените работници. Родителите треба да имаат можност да поставуваат прашања и да добиваат јасни, стручни и проверливи одговори. Одлуките за вакцинацијата не треба да се носат врз основа на непроверени информации од социјалните мрежи.
СЗО и УНИЦЕФ предупредуваат дека дезинформациите и недовербата кон вакцините, заедно со структурните пречки, се меѓу факторите што придонесуваат за пропуштена вакцинација. Затоа издигањето на свеста е исто толку важно колку и обезбедувањето вакцина. Потребна е континуирана комуникација со родителите, а не само реакција кога ќе се појави епидемија. Потребно е навремено повикување на децата што заостануваат со календарот. Потребно е подобро следење на локалните опфати, бидејќи националниот просек може да ги скрие областите во кои ризикот е поголем. И потребна е брза реакција кога ќе се појави сомнителен или потврден случај.
Искуството од Европа покажува колку брзо може да се врати болест што долго време се сметала за ставена под контрола. Во 2024 година, Европскиот Регион регистрираше повеќе од 127.000 случаи на морбили, додека во 2025 година бројот падна за речиси 75 проценти, но СЗО и УНИЦЕФ предупредија дека ризикот останува сè додека постојат имунолошки празнини. Во еден таков контекст, пораката за Македонија е повеќе од јасна.
– Не треба да чекаме епидемија за да се сетиме колку е важна вакцинацијата. Треба да дејствуваме пред вирусот да добие шанса. Проверете го вакциналниот статус на вашето дете. Разговарајте со лекарот ако имате дилема. Побарајте проверени информации. И кога нема медицинска причина за одложување или избегнување на вакцинацијата, не одложувајте ја заштитата. Затоа што 95 проценти не е само бројка. Тоа е граница зад која заедницата станува значително побезбедна. А секое дете што ќе биде навремено вакцинирано е уште еден чекор подалеку од епидемијата – велат нашите соговорници од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Н.М.
































