Фото: ОФМ

ОДБОЈКА

  • Македонската репрезентација од идната недела четврти пат во низа ќе игра на европските првенства, а во групата Б, во Софија, ќе се сретне со Бугарија, Полска, Украина, Португалија и со Израел. Покрај Македонија, и Португалија испишува идентичен успех, четврти пат по ред ќе настапи на ЕП, пишува ОФМ

Најдобрите македонски одбојкари од идната недела четврти пат во низа ќе играат на европските првенства (ЕП). По дебито во Љубљана (Словенија) во 2019 година, Македонија избори учество и на ЕП 2021 во Тампере (Финска), а потоа беше кодомаќин на ЕП 2023, во Скопје. Македонските одбојкари од 9 септември ќе играат на ЕП 2026 во групата Б, во Софија (Бугарија), заедно со домаќинот Бугарија, потоа Полска, Украина, Португалија и со Израел. Покрај Македонија, и Португалија испишува идентичен успех, односно четврти пат по ред ќе настапи на континентален собир, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Во завршната фаза од подготовките за четвртото учество на машкиот национален одбојкарски тим на европските првенства е предвидено избраниците на селекторот Јошко Миленкоски да одиграат три контролни натпревари, пишува ОФМ. Бугарскиот суперлигаш Берое 2016 од Стара Загора е спаринг-партнер на сениорите од вчера до четврток, а мечевите се играат во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Берое 2016 во минатата сезона играше во плејофот во бугарската Суперлига, а имаше и историски настап во европскиот Челинџ-куп. Натпреварите со екипата од Стара Загора за македонските репрезентативци ќе бидат одлична можност за проверка на формата во пресрет на настапот на ЕП 2026, пишува Одбојкарската федерација на Македонија.

Ова ќе биде 34. издание на континенталните првенства во одбојка, а ќе се игра во Италија, Бугарија, Финска и во Романија. Ќе има вкупно 24 репрезентации, а ќе се игра во Неапол/Модена (Италија, група А), Софија (Бугарија, група Б), Тампере (Финска, група Ц) и во Клуж (Романија, група Д). Финалето на програмата е на 26 септември во спортската арена „Унипол форум“ (капацитет 12.800 седишта), во предградието на Милано, Асаго, во Италија, пишува ОФМ.

Новиот европски првак ќе обезбеди директен пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес (САД), а првите три репрезентации на ЕП 2026 ќе обезбедат учество на Светското првенство (СП) во 2027 година во Полска.
Првпат по ЕП 1967 четирите полуфиналисти од претходно СП (Италија злато, Бугарија сребро, Полска бронза и Чешка четвртопласирана на СП 2025) ќе настапат на едно европско првенство. Италија е последната репрезентација на која ѝ успеало истовремено да биде и светски и европски првак, по триумфите на СП 1998 и на ЕП 1999, потсетува Одбојкарската федерација на Македонија. Г.И.