АТЛЕТИКА
Донесовме одлука да се откажеме од медалите како награди. Ова глобално првенство е стремеж да се одреди единствениот спортист што ќе биде на врвот. Доделувањето награди за првите тројца не се чувствуваше како верно на тој основен концепт, рече претседателот на СА, Себастијан Коу
Во пресрет на сосема новото глобално првенство, Врвното светско првенство во атлетика, Светската атлетика (СА) ги откри трофеите што ќе му бидат доделени на секој шампион. Фокусот на единственоста на тоа што значи да се биде врвен шампион резултира со преосмислување на наградите. Нема да има медали, бидејќи примарната цел е да биде крунисан најдобриот од најдобрите, пишува СА. Наместо тоа, трофеј ќе им биде доделен на атлетичарите што ќе излезат како победници.
– Донесовме одлука да се откажеме од медалите како награди на Врвното првенство. Ова глобално првенство е стремеж да се одреди единствениот спортист што ќе биде на врвот. Доделувањето награди за првите тројца не се чувствуваше како верно на тој основен концепт, па затоа сме фокусирани на трофеите што им се даваат на победниците во секоја дисциплина – рече претседателот на СА, Себастијан Коу.
Сите спортисти ќе добијат уникатен подарок што го слави нивното учество во Врвното светско првенство и му оддава почит на нивниот статус како најелитни атлетичари во светот, пишува СА. Подароците за учество се персонализирани алки, секоја со врежано име на спортистот на надворешноста и официјално име на настанот на внатрешноста.
Трофејот што ќе го освои секој победник е дизајниран да се поврзе со соодветната алка за учество за да формира едно инклузивно парче, пишува СА. Обликот на трофеите го одразува обликот на логото со ѕвезда на првенството. Трофеите нема да бидат доделени на начин како традиционална церемонија на доделување медали. По победата во натпреварот, секој врвен шампион ќе го земе својот трофеј од држачот на секое место на натпревар, каде што ќе го чека во текот на целото натпреварување. Моментот на трофејот ќе биде обележан со видео, звук и со огномет, а по почесниот круг врвните шампиони ќе се пробијат до трибините и низ публиката до т.н. микс-зона на телевизијата со своите трофеи.
Ова светско првенство е дизајнирано да ја реши дебатата за тоа кој е најдобар од најдобрите, а ќе настапат светски и олимписки шампиони, победници на Дијамантската лига и највисокорангираните атлетичари во годината. Првото издание ќе има историски награден фонд од 10 милиони долари, пишува СА. Н.М.
































