КОШАРКА – ПО ПОБЕДАТА НА ДУЕЛОТ СО АВСТРИЈА ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2029
- Секогаш е добро кога едно натпреварување ќе се почне со победа. Не е пресудно дали некој ќе погоди или ќе промаши отворен шут. Најважен е начинот на кој играме и како ја градиме нашата игра, изјави селекторот Жозеп Мариа Берокал
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија со убедлива победа на дуелот на гости со селекцијата на Австрија, со 91-59, ја почна втората рунда од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Избраниците на македонскиот селектор Жозеп Мариа Берокал по мечот во Виена се уште поблиску до пласман на главните квалификации за ЕП 2029. Победата на црвено-жолтите во ниту еден момент не доаѓаше во прашање, а селекторот Берокал не го криеше своето задоволство од карактерот и од тимската игра на своите избраници.
– Секогаш е добро кога едно натпреварување ќе се почне со победа. Овој ФИБА-прозорец беше сосема поинаков од претходните, среде лето, некои играчи можеби уште не се во посакуваната натпреварувачка форма, а имавме и многу кратки подготовки. Имаше многу прашалници пред натпреварот околу тоа како ќе изгледаме на теренот, но покажавме дека знаеме и можеме да играме. Тимскиот дух најдобро се виде токму во одбраната. Го задржавме противникот на само 59 поени, што е одличен дефанзивен учинок против шутерска екипа. Ги добивме сите четвртини, а кога ја движиме топката во нападот, играме квалитетно. Не е пресудно дали некој ќе погоди или ќе промаши отворен шут. Најважен е начинот на кој играме и како ја градиме нашата игра. Мозес Рајт дефинитивно треба да биде нашиот главен стожер и референца под кошевите. Играчите од негов калибар се тука за да прават разлика на паркетот, а тоа сега беше повеќе од очигледно. Се надевам дека и во следните предизвици ќе можеме да сметаме на целиот состав. Извлековме одличен резултат, момците покажаа карактер и ова е само успешен прв чекор – рече Берокал, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Плејмејкерот Ненад Димитријевиќ беше една од централните фигури во играта на македонската селекција. Членот на солунски Арис имаше 15 поени, 14 скока и 11 асистенции. Виктор Ефремовски реализира 17 поени, Рајт 12 поени и девет скока, Адем Мекиќ 12 поени, Виктор Ташовски девет, капитенот Војдан Стојановски седум поени…
– Секогаш е убаво да се победи. Имавме и многу загубени топки, можам да набројам уште неколку работи што треба да ги поправиме, но генерално сум задоволен, бидејќи ја завршивме работата за која дојдовме тука. Среќен сум и поради атмосферата во репрезентацијата. Одигравме добар натпревар и заслужено победивме. Ни претстои меч против Кипар во Скопје во ноември. Можеби ќе биде тежок натпревар на физички план, но подготвени сме за тоа, оти знаеме како да играме. Лично сум одиграл голем број натпревари од таков тип. Очекувам да бидам дел од репрезентацијата и на тој дуел – изјави Рајт, пренесе КФМ.
Првопласираните од секоја претквалификациска група ќе играат во квалификациите за ЕП 2029, а сите други во третиот круг од претквалификациите. Македонската репрезентација треба да го одигра следниот натпревар на 26 ноември, дома со селекцијата на Кипар, која, исто така, со победа ја почна оваа фаза од претквалификациите, откако на свој терен ја победи Австрија со 77-72. Г.И.
ГРУПА Ф
Кипар – Австрија 77-72
Австрија – Македонија 59-91
ТАБЕЛА
Македонија 1 1 0 91-59 2
Кипар 1 1 0 77-72 2
Австрија 2 0 2 131-168 0
Идно коло: Македонија – Кипар (26.11), Австрија – Кипар (29.11).
































