- Засега се обезбедуваат учесници во екипна конкуренција, а следен турнир на кој ќе се одредува олимписки патник е претстојното Европско првенство за одбојкари, на кое ќе игра репрезентацијата на Македонија. Според информациите, досега, пласман на ЛОИ 2028 обезбедиле репрезентации во одбојка, хокеј на трева, фудбал, бејзбол, т.н. флег фудбал (варијанта на американски фудбал), коњички спортови, триатлон…
Листата со учесници на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес (САД) полека почна да се пополнува, засега во екипна конкуренција, а следен турнир на кој ќе се одредува олимписки патник е претстојното Европско првенство за одбојкари, на кое ќе игра репрезентацијата на Македонија.
Според информациите, досега, покрај домаќинот САД, чии спортисти автоматски се пласираа на ЛОИ 2028, настап на 34. летни Игри обезбедија, на пример, женските одбојкарски репрезентации на Канада и на Тајланд, потоа во хокеј на трева Холандија (жени) и Белгија (мажи), во фудбал за мажи Мексико, во крикет Австралија, Индија, Јужна Африка и Велика Британија, во бејзбол Доминиканската Република и Венецуела, во т.н. флег фудбал (варијанта на американски фудбал) ќе играат Канада (мажи и жени) и Мексико (жени), во коњички спортови (дресура) настап обезбедија Германија, Велика Британија, Данска, Белгија, Холандија и Шведска, во триатлон (мешана штафета) Франција…
Во тек е Европското првенство за одбојкарки што се игра во Азербејџан, Чешка, Шведска и во Турција (во тек се натпреварите од осминафиналето), од кое новиот првак ќе обезбеди настап на Летните олимписки игри во 2028 година.
Новиот европски шампион и во машка конкуренција ќе учествува на Игрите во Лос Анџелес. Годинашното Европско првенство за одбојкари (34-то издание) почнува на 9 септември, а домаќини се Италија, Бугарија, Финска и Романија. Репрезентацијата на Македонија е во групата Б (натпреварите ќе се играат во Софија), во која ќе се сретне со селекциите на Бугарија (9 септември), Украина (11 септември), Полска (13 септември), Португалија (15 септември) и на Израел (16 септември).
Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе играат во осминафиналето. Полска е актуелен европски првак. Освојувачите на медали на годинашното ЕП ќе обезбедат учество на Светското првенство во Полска в година.
Македонската репрезентација четврти пат во низа ќе учествува на континентално првенство во одбојка за мажи. Црвено-жолтите дебитираа во 2019 година (мечевите ги играа во Словенија, го освоија 17. место), во 2021-та (во Финска, 23. позиција) и во 2023 година (Македонија беше еден од четирите кодомаќини на шампионатот, се пласира во осминафиналето, го освои 16. место). Н.М.
































