Фото: Фрипик

Како се одбележува првиот училиштен ден низ светот?

  • Со првото училишно ѕвонче, денеска започнува новата учебна година за основците и за средношколците во нашата Македонија. Како што ве дружеше цело лето, така и додека трае училиштето „Колибри“ ќе биде ваш другар од букви, ваш учител од зборови, ваш забавувач, воспитувач и информатор. На сите ученици, наставници и на сите оние што се вклучени во образовниот процес им посакуваме успешно пливање во морето на знаењето

Почетокот на новата учебна година е радосен ден за сите ученици, кои повторно ќе седнат во училишните клупи, ќе се видат со своите соученици и со наставниците и ќе раскажат како го поминале летниот распуст. За првачињата, пак, овој датум има посебно значење, затоа што првпат ќе се соочат со училишната средина.

Први септември не е секаде почеток на новата учебна година

Во Финска, Данска, Шведска и во Холандија учебната година започнува во август, во Германија, Унгарија, Латвија, Словенија, Словачка, Полска, Бугарија, Шпанија, Србија и во Македонија, учебната година започнува во септември, но не секаде на ист датум. Во различни земји од светот, со одредени ритуали, свечености, симболи и церемонии се одбележува овој ден.

Во Јапонија, учебната година почнува на први април. За првачињата, во оваа држава, почетокот на учебната година е голем семеен настан. Тогаш ним им се подарува специјален ранец, кој е посебен подарок од родителите или од бабите и дедовците. Постои и свечена церемонија за сите ученици.

Во Германија, пак, се изведува еден интересен обичај, наречен „шултуте“ („Schultüte“). Првачињата добиваат голем конус од картон, украсен со шарени мотиви, наполнет со слатки, играчки и училиштен прибор. Детето го носи со себе на првиот училиштен ден и го отвора по церемонијата.

Во Индија првиот училиштен ден се одбележува со песни, танци, цвеќе и со посебен пречек на првачињата. Во одредени региони постојат и традиции поврзани со благословување на почетокот на образованието.

Добре дојде во светот на знаењето

Учениците во Бутан вообичаено носат национална традиционална облека како училишна униформа. Облеката на момчињата се нарекува „го“, а на девојчињата „кира“. Така, и првиот училиштен ден има силен национален и културен карактер.

Во Холандија, велосипедот е исклучително важно превозно средство. Така, учениците најчесто во училиште одат со велосипед. Па затоа, првиот училиштен ден за првачињата претставува и семеен велосипедски настан, кога првпат одат на училиште, а некои првпат возат велосипед на подолга релација.

И во Русија, учебната година започнува на први септември. Таму овој датум се одбележува како Ден на знаењето. Првиот училиштен ден има свечен карактер, со говори, цвеќе, музика, а особено познат е ритуалот на „првото ѕвонче“. Често постар ученик носи прваче, додека ѕвони со ѕвонче, симболично означувајќи го почетокот на учебната година.

Во Австралија многу родители го фотографираат детето пред да тргне на училиште, често со табличка на која пишува кое одделение го започнува. Фотографиите „прв ден на училиште“ („First day of school“) станале препознатлив семеен ритуал, кој сега е проширен низ повеќе држави во светот.

Во некои училишта во Кина постои традиција инспирирана од конфуцијанската култура, наречена „каибиџи“ („Kaibizhi“) или церемонија на отворање на четката. На децата симболично им се покажува како да напишат прв знак со кинеска четка. Таа претставува влегување во светот на знаењето.

Начините се различни, но желбите, идеите и пораките насекаде низ светот се слични и содржат љубов и поддршка за учениците. Во поддршката и во честитките се приклучува и „Колибри“ и ви пожелува многу среќа!


Како светот им посакува добредојде на првачињата?

Фото: Magnific

1. Во Израел и во Русија децата садат дрво на почетокот на школувањето. Тоа е симболика: како што расте дрвото, така расте и детето со знаење.

2. Во Нов Зеланд и во Финска првачињата добиваат своја прва книга наместо само училиштен прибор. Книгата станува симбол на нивното влегување во светот на знаењето.

3. На Филипините се организира „патека за првачиња“, каде што постарите ученици ги пречекуваат најмладите со аплауз, балони или со пораки за добредојде и им подаруваат цвет како симбол на нивното идно растење.

4. Некои наставници во САД му оставаат лична порака на секое дете уште пред да влезе во училницата – нешто едноставно како: „Добре дојде! Ќе имаме прекрасна година заедно“.

5. Во Тајланд, во некои училишта почетокот на учебната година, особено за најмладите ученици, може да биде проследен со будистички ритуали и благослов. Монаси ги посетуваат училиштата, а учениците присуствуваат на молитви и церемонии со кои се посакуваат среќа, успех, мудрост и добро здравје во новата учебна година. Особено е интересен обичајот „саи син“ („Sai Sin“) – бела света врвка што монахот може да му ја врзе на зглобот на детето како симбол на благослов и заштита.