Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави потпиша седумгодишни договори со производителите на оружје „Џенерал Дајнамикс Орднанс“, „Тактикал Системс“ и „Локхид Мартин“, со цел да се зголеми производството на ракети и да се забрза нивната испорака.
Како што соопшти Пентагон, договорите се насочени кон зголемување на производствените количини и скратување на роковите за испорака на клучни компоненти за ракети кои ги поддржуваат програмите на системот за терминална одбрана на големи височини – ТХААД, како и на системот за унапредување на ракетниот сегмент „Патриот“ – ПАК-3 МСЕ.
Новите договори се дел од напорите на американското Министерство за одбрана да ги зајакне капацитетите за воздушна и противракетна одбрана и да одговори побрзо на растечките безбедносни предизвици.
Заменик-министерот за одбрана на САД задолжен за набавки и одржување, Мајкл П. Дафи, оцени дека договорите претставуваат нов пристап во соработката меѓу Министерството за одбрана и воената индустрија.
– Денешното соопштение е пример за еволуцијата на начинот на кој соработуваме со индустријата за да го прошириме нашиот одбранбен арсенал и да одговориме на новите закани. Ја намалуваме бирократијата, ги скратуваме роковите и брзо го зголемуваме американскиот производствен капацитет за испорака на напредни системи за воздушна и ракетна одбран – изјави Дафи.
































