ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН
М-р Никола Ристевски
Во учебната 1884/85 година, Петар Поп Арсов го започнува своето образование во четвртиот клас на солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Како значаен економски и културен центар, градот Солун одиграл клучна улога во проширувањето на интелектуалните хоризонти на македонските ученици. И покрај строгиот конзервативен режим наметнат од Бугарската егзархија, институцијата дејствувала како средиште на напредни идеи. Преку богатиот библиотечен фонд – кој опфаќал дела од класични и современи европски и руски автори (Шекспир, Иго, Пушкин, Гогољ, Лермонтов, Писарев) – како и преку илегалната дистрибуција на забранета литература, во гимназијата постојано растела револуционерна свест кај младината.
Поп Арсов ја почувствувал револуционерната клима во институцијата уште во првата година од својот престој, за време на ученичкиот бунт на почетокот од 1885 година, предводен од Ѓорче Петров и Пере Тошев. Овој настан, кој резултирал со исклучување на четиринаесет ученици, привремено ги пасивизирал немирите, но не го изгаснал отпорот. Во следниот период, со континуираното доаѓање на нови ученици од сите краишта на Македонија, се интензивирала нивната меѓусебна соработка. Со запишувањето на Даме Груев во учебната 1886/87 година, тој и Поп Арсов иницирале формирање на таен ученички кружок. Оваа неформална организација, посветена на анализа на историски и актуелни политички прашања, одиграла клучна улога во артикулирањето на ученичкото незадоволство, кое кулминирало за време на бунтот во учебната 1887/88 година. Овој период го означува директното политичко профилирање на учениците и нивното отворено спротивставување на големобугарската политика во Македонија. Анализата на причините за бунтот од 1887/88 година укажува на сложена заднина. Во овој контекст, бунтот бил директно насочен против директорот Кандиларов (како експонент на политиката на Стамболов), а индиректно против асимилаторските цели на бугарската влада врз македонското население. Политичките превирања им овозможиле на учениците простор за истакнување на сопствените приоритети и инсистирањето таа да се одвива на нивниот мајчин македонски дијалект. Значајно влијание врз ваквата артикулација на македонската национална свест имал и економот на гимназијата, Темко Попов (кој бил официјално во контакт со српскиот конзул Петар Карастојановиќ). Преку својата програма од јуни 1887 година, која содржела јасно дефинирана македонска национална идеологија, Попов дополнително го стимулирал и канализирал бунтовничкиот дух на македонските ученици. Иако првичниот поттик за нередите произлегол од политичките пресметки меѓу поддржувачите и противниците на политиката на Стамболов, македонските ученици се вклучиле во бунтот со јасни сопствени цели: укинување на строгиот касарнски режим во пансионот и воведување на македонскиот јазик во наставниот процес. Сепак, нивните барања останале неисполнети. Наместо реформи, управата одговорила со репресија – 38 македонски ученици биле трајно исклучени од институцијата.
Принудени да бараат алтернативни патишта за продолжување на своето образование, овие младинци набрзо влегле во сферата на интерес на српската образовна пропаганда во Македонија. Во овој критичен период, Петар Поп Арсов и Даме Груев веќе се истакнале како неоспорни предводници на ученичкото движење. Поради својата лидерска улога, Поп Арсов бил меѓу исклучените ученици. Неговиот бескомпромисен ангажман ќе продолжи и подоцна, за време на школувањето во Белград, каде што поради истите принципиелни ставови и отпор кон пропагандите, ќе се соочи со идентична судбина и ново исклучување.
Според македонската енциклопедија, МАНУ 2009
Кој бил Темко Попов?
Темко Попов од Охрид (1855-1929) – истакнат македонски „национален сепаратист“, а потоа соработник на српската пропаганда и политика. По Српско-бугарската војна (1885), група македонски дејци (Васил Карајовов, Наум Евров, Коста Групчев, Темко Попов, Исаија Мажовски, Ѓорѓија Пулевски и др.) во Софија формираат Македонски комитет за борба против денационализацијата на Македонија. Во тоа време во Софија анонимно е објавена брошурата „Српската пропаганда“, авторски помогната од Т. Попов и К. Групчев. Но за да обезбедат поддршка за реализација на својата национална програма се обраќаат до српската Влада и во почетокот на август 1886 година во Белград доаѓаат Н. Евров, Т. Попов, К. Групчев и В. Карајовов и постигнуваат договор за соработка и помош, во кој се прифаќа барањето за обнова на Охридската архиепископија со своја хиерархија, со свои училишта и учители на македонски јазик (но со српската азбука) и да почне печатењето на весник и книшки на тој јазик, а сето тоа да има српска финансиска поддршка. Во следната година Темко станува економ во Солунската егзархиска гимназија и на 19. V 1887 г. тој му ја поднесува на српскиот солунски конзул својата програма за поставување учители, објавување брошура и издавање весник на македонски во Солун или во Цариград под наслов „Македонија“ (или „Македонски лист“). Ги поттикнува учениците да бараат македонски јазик во наставата, а по нивниот бунт ги организира да заминат за продолжување на школувањето во Србија. Н.Р.
(продолжува)


































