Пол Ричард Галагер (лево) и Сергеј Лавров на заедничка прес-конференција во Москва - Фото: ЕПА

Повод: Посетата на Москва од страна на секретарот на Ватикан за односи со државите и меѓународните организации, Пол Ричард Галагер, во истата седмица како и директорот на ЦИА

  • Во седмица во која Москва истовремено ги прими шефот на американската ЦИА и еден од највисоките дипломати на Светиот Престол, тешко е да се избегне впечатокот дека зад сцената на руско-западната конфронтација повторно се движат некакви, засега невидливи, дипломатски нишки

Посетата на секретарот на Ватикан за односи со државите и меѓународните организации, Пол Ричард Галагер, на Москва, (од 24 до 28 август) и неговата средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со советникот на Владимир Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, и со претставници на Московската патријаршија предизвикаа особено внимание во јавноста. Особено агендата на посетата, која опфати разговори со претставници на високата руска дипломатија, потоа посета на Кремљ, па разговори со високи претставници на руската православна црква и, на крајот, посета на католичката заедница во Русија.

Ватиканскиот дипломат претходно беше во Украина и разговараше со Володимир Зеленски

Најважниот детаљ во целата приказна можеби не е она што Галагер го кажа во Москва, туку она што му претходеше на неговото пристигнување. Ватиканскиот дипломат претходно беше во Украина и разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Така, Светиот Престол внимателно го постави својот дипломатски терен, и тоа прво во Киев, а потоа во Москва.
– Тоа не е случајност. Ватикан сака да покаже дека не се обидува да биде „руски канал“ кон Западот, ниту пак „украински канал“ кон Москва. Амбицијата е поинаква – да биде еден од ретките актери што може да разговара и со едните и со другите. Во дипломатски услови, тоа е огромна предност. Но и огромен ризик. Зашто секоја страна може да се посомнева дека Ватикан е премногу близок до другата – вели наш соговорник, дипломат од кариера.

„Оваа војна мора да заврши“

По разговорот со Лавров, ватиканскиот висок дипломат, Галагер, испрати порака што беше едноставна, но политички внимателно формулирана: „Војната мора да заврши и конфликтот не може да биде решен со воени средства“.

Според Ватикан, разговорите со Лавров опфатиле меѓународни прашања, состојбата на католичката заедница во Русија и хуманитарни иницијативи поврзани со војната. Галагер нагласи дека продолжувањето на конфликтот ги зголемува жртвите и ги продлабочува материјалните и психолошките последици за населението.
– На прв поглед, сето ова звучи како уште една мировна декларација. Но во Москва секој збор има тежина. Галагер не зборуваше за капитулација, не бараше јавно од Москва да прифати конкретен мировен план и не се обиде да наметне формула за територијалното прашање. Тој направи нешто што можеби е дипломатски попрактично: ја бранеше идејата дека политичкиот процес мора повторно да стане возможен. Тоа е разлика – истакнува нашиот соговорник, дипломат со долго искуство.

Ватикан засега не посредува меѓу Путин и Зеленски

Нашиот соговорник посебно ни обрна внимание на дипломатската раздвиженост на Ватикан во последно време, за состојбите во Европа и перспективите за иднината на континентот.
– Треба да се биде внимателен со заклучоците. Лесно е посетата да се претстави како почеток на некаков ватикански мировен план. Достапните информации не го потврдуваат тоа. Но посетата може да биде нешто попрактично. Ватикан постепено гради предуслови за посредување. Прво се разговара за хуманитарни прашања. Потоа за заробеници. За исчезнати лица. За деца. За семејства разделени од војната. За црковни прашања. За комуникација. Тоа се теми околу кои политичките противници можат да разговараат без веднаш да мора да се согласат за конечната судбина на териториите. И токму тука се гледа можната сила на ватиканската дипломатија. Мирот можеби нема да започне со голем договор. Може да започне со мал договор што покажува дека договорот воопшто е возможен – образложува искусниот дипломат.

Зошто Москва ја отвори вратата за Ватикан?

Москва не е позната по тоа што лесно прифаќа западни иницијативи, особено кога тие се поврзани со Украина. Но Ватикан е поинаков актер.
– Светиот Престол нема формална амбиција да биде дел од блоковската архитектура на Западот. Нејзината моќ е токму во тоа што нема класична геополитичка моќ. Затоа Москва може да разговара со Ватикан без да создаде впечаток дека попушта пред Вашингтон или Брисел. Во исто време, Кремљ добива нешто што му е политички корисно, како што е можност да покаже дека, и покрај конфронтацијата со Западот, не е целосно отсечен од меѓународните дипломатски канали. Средбата на Галагер со Ушаков е особено интересна во овој контекст. Ушаков е еден од клучните надворешнополитички советници на Путин. Тоа значи дека разговорот не останал само на ниво на Министерството за надворешни работи. Со други зборови, Москва не му ја отвори само вратата на Ватикан, туку дозволи да влезе малку подлабоко во руската дипломатска архитектура. Имено, Галагер не е единствената ватиканска фигура во оваа приказна. Кардиналот Матео Зупи веќе има искуство со руската страна и со хуманитарните аспекти на војната. Неговата улога беше поврзана со прашања како враќањето деца и размена на заробеници. Рускиот амбасадор при Светиот Престол неодамна најави можност Зупи повторно да отпатува во Москва во септември. Ако се случи тоа, ќе биде многу позначајно од една изолирана посета. Зашто тогаш ќе можеме да зборуваме за континуитет на ватиканската дипломатија, а не за еднократен дипломатски гест. Галагер може да го отвори политичкиот канал. Зупи може да работи на хуманитарниот. А папата Лав Четиринаесетти може да ги обезбедува политичката тежина и легитимитетот на целиот процес. Тоа е потенцијално многу поинтересен модел од класичното посредување – вели нашиот соговорник, дипломат.

Православно-ватиканскиот канал е еднакво важен

Посетата на Галагер има уште една димензија што лесно може да биде занемарена. Тој не разговараше само со руските државни структури. На програмата беше и средба со митрополитот Антониј од Волоколамск, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија. Тоа е важно затоа што Руската православна црква во последните години стана многу поблиска до државниот наратив на Кремљ. За Ватикан, затоа, контактот со Московската патријаршија е истовремено и дипломатски и религиски канал. И можеби токму тука лежи една од најдолгорочните цели. Ако политичарите не можат да разговараат, можеби верските институции можат да го зачуваат минимумот на човечки контакт. Не е доволно за мир. Но може да биде доволно за да не исчезне можноста за мир. Р.С.


„Коинциденцијата“ на посетата на Москва од страна на директорот на ЦИА и на високиот дипломат од Ватикан

Деновиве известивме и анализиравме за посетата на Москва од страна на американскиот директор на ЦИА, Џон Ретклиф. А во истиот период таму беше и највисокиот дипломат на Светиот Престол. Има ли оваа коинциденција некакво значење?
– Временската коинциденција е речиси филмска. Едновремена посета на претставник на најмоќната разузнавачка служба во светот, а другиот претставник на една од најстарите дипломатски институции – и да доаѓаат во ист град, но преку две сосема различни врати, е мошне индикативно – ни образложува нашиот соговорник, дипломат.

Тој направи паралела помеѓу двете посети и пораките пренесени од страна на Ретклиф и Галагер.
– Ретклиф разговара со руските разузнавачки претставници, а Москва потврди дека Владимир Путин бил информиран за разговорите, иако самиот Ретклиф не се сретнал со рускиот претседател. Деталите останаа доверливи. Галагер, пак, зборува јавно за мир. Едниот канал е помалку таен. Другиот е јавен. Едниот зборува јазик на националната безбедност. Другиот јазик на дипломатијата и хуманитарноста. Но нивната истовременост испраќа еден заеднички сигнал: и покрај војната, комуникацијата со Москва не е прекината. Само се одвива преку различни, внимателно чувани канали – образложува нашиот соговорник.

ЦИА разговара во сенка, Ватикан разговара под рефлектори

Оваа разлика е суштинска. Разузнавачките канали служат за прашања за кои владите не сакаат јавноста да знае дека се разговара. Тие можат да бидат корисни за спречување ескалација, размена на пораки или тестирање на позициите на другата страна. Ватиканската дипломатија има сосема друга функција. Таа мора да биде доволно јавна за да создава политички легитимитет, но доволно дискретна за да не ги затвори каналите.

Затоа Галагер може да каже: „Оваа војна мора да заврши“. Но не мора да каже: „Еве под кои услови Москва мора да се согласи“. Токму таа разлика може да му даде простор на Ватикан што го немаат класичните западни посредници. Но, во овој контекст, нашиот соговорник сосема легитимно отвора ново дипломатско прашање.
– Што е подготвена да прифати Москва? И што е подготвен да прифати? Додека одговорите на овие две прашања се далеку едни од други, Ватикан не може да направи чудо. Неговата дипломатска моќ има граници. Светиот Престол може да отвори врата. Не може да ги натера Москва и Киев да поминат низ неа – вели нашиот соговорник.

Ватикан не брза

– Во современата дипломатија постои опсесија со големи самити, историски договори и спектакуларни мировни декларации. Ватикан игра друга игра. Побавна. Потивка. Со повеќе посредници и повеќе паралелни канали. Тоа е стратегија што изгледа неефикасно додека не стане потребна. А кога ќе дојде моментот кога Москва и Киев повторно ќе бидат принудени сериозно да разговараат, прашањето ќе биде кој сè уште има пристап до двете страни. Тогаш вредноста на оние што денес одржуваат контакти може нагло да порасне – вели дипломатот.

Тој смета дека вистинската вредност од посетата на Галагер претставува приказот оти функционира комуникацијата помеѓу Москва и Ватикан.
– Посетата на Пол Ричард Галагер не го донесе мирот во Украина. Но можеби не требаше да го донесе. Нејзината вистинска вредност е во нешто многу поскромно, односно да покаже дека каналот Москва–Ватикан сè уште функционира. Во време кога политичките односи меѓу Русија и Западот се сведени на конфронтација, санкции, закани и воена логика, самото одржување на дијалогот станува дипломатски ресурс. А Ватикан, за разлика од Вашингтон или Брисел, може да си дозволи да чека. И да разговара со Москва, и да разговара со Киев. Да работи на хуманитарни прашања. И да не бара секој разговор веднаш да произведе договор. Можеби токму тоа е вистинската стратегија на папата Лав Четиринаесетти. Не да биде човекот што ќе ја запре војната. Туку да се погрижи, кога еден ден ќе се создадат услови за нејзино запирање, да постои мост по кој дипломатијата може да помине. А во моментов, во Москва, тој мост има едно име – Ватикан – вели на крајот на разговорот нашиот соговорник, дипломат од кариера. Р.С.