Томановиќ во акција

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (405)

Од ракометното минато (36)

  • Со одлука на РСЈ, скопските „железничари“ продолжија да играат во Првата лига, која се зголеми на 14 екипи. Кавадарчани не успеаја во квалификациите во Плевље

На ракометарите на Работнички, кои во натпреварувачката сезона 1963/64 испаднаа од друштвото на најдобрите, сепак, со одлука на РСЈ, поради тешката ситуација во која се најде клубот по катастрофалниот земјотрес, им беше продолжен прволигашкиот статус. Овој потег на челните луѓе во Сојузот наиде на симпатии, не само во македонската спортска јавност туку воопшто на територијата во целата земја. Сите сочувствуваа со скопјаните и во тие тешки мигови по 26 јули 1963 година се бараше начин како да им се помогне на граѓаните побрзо да ја надминат кризата, а на спортистите да им создадат услови да ги продолжат своите активности. Во контекст на ова беше донесено и она решение Работнички, иако според резултатите требаше да се пресели во понизок ранг на натпревари, сепак, и понатаму да се натпреварува во Првата сојузна лига. Токму поради ова, за да нема во секое коло по една слободна екипа (бидејќи лигата требаше да има 13 члена), раководството на РСЈ донесе одлука во најквалитетната лига да се вклучи уште една екипа, па така, со 14 тима лигата ќе беше онаква каква што требаше да биде и секое коло ќе има комплетна програма без да има потреба една екипа да паузира.

Откако се одиграа квалификациите, Првата лига беше комплетирана, но, за жал, на македонските љубители на ракометот, посебно за кавадарчани, нивниот миленик Тиквеш не успеа да се пласира во елитата. На квалификацискиот турнир, кој се одигра во Плевље, Тиквеш во сите три настапи, против домаќинот Рудар, потоа Рудар од Трбовље и Младост од Загреб, доживеа порази. Така, Македонија и понатаму остана со еден прволигаш, Работнички. Но, како и да е, добро беше што, сепак, ракометот во нашата република ќе имаше претставник во најсилното друштво, па и понатаму во Скопје ќе се гледаа квалитетни прволигашки средби.

Без тројца клучни играчи

Во Работнички беа свесни оти во сезоната што претстои ќе треба да „загризат“ од петни жили за да ја оправдаат довербата на челниците на РСЈ, кои знаеја оти скопскиот тим има квалитети и токму поради тоа, а и поради тешката ситуација во која се најде по земјотресот, донесоа одлука клубот и понатаму да биде прволигаш.
За да може да се реализираат тренинзите, а сета работа да не паѓа само на грбот на Славко Матовски, во Работнички како тренер беше приклучен и поранешниот играч Драган Дале Геровски. Тој беше ракометар со големо искуство, кој почна со големиот ракомет во кој стана и југословенски репрезентативец, а потоа низа години беше еден од најдобрите играчи на „железничарите“ и воопшто во Македонија во мал ракомет.

Тренерскиот тандем го очекуваше голема работа и поради фактот што неколку клучни играчи веќе не беа во Работнички и требаше за нив да се најде адекватна замена. Одеднаш да ги немаш Милорад Миле Кратовалиев (замина во Борец), Александар Милиновиќ (се повлече од ракометот) и Мирослав Поповиќ (се врати во Вардар) не беше мала работа. Може да се каже оти дебармаалци останаа без тројца клучни играчи, столбови во тимот. Инаку, подоцна во тренерската работа, а и како играч, Кратовалиев ги покажа своите квалитети и благодарејќи најмногу на него во сезоната 1967/68 велешки Борец стана југословенски прволигаш.

Без оваа „тројка“ Работнички не беше оној стариот. Уште во подготвителниот период се почувствува оти екипата ја нема потребната сила. Затоа требаше многу да се работи и пред сѐ да се верува во играчите што беа на располагање, а тоа беа: Иван Томовски, Синиша Мајснер, Костадин Илиќ (голмани), Слободан Караџиќ, Никола Богдановски, Васил Брезовски, Теофил Томановиќ, Драган Бојаџиевски, Гаврил Штериев, Славе Атанасовски, Владо Гоцевски, Владимир Шахов, Љубомир Фишиќ, Никола Матовски, Србо Хаџиандоновиќ и Виктор Буклевски. Овој состав не беше за потценување, но последиците од земјотресот оставија длабока трага, па така, доигрувањето на натпреварите во Првата лига беше само формалност.

По победите во Струга и во Битола вратен оптимизмот

Иако се мислеше дека Работнички ќе биде лесен залак за другите прволигаши во сезоната 1964/65 воопшто не беше така. Клубот собра сили и во рамките на своите можности успеваше да се носи со ривалите. За ова заслуга имаше тренерскиот тандем Матовски-Геровски, кој максимално го искористи летниот период и ја зацврсти „разнишаната“ екипа. Уште во подготвителниот период се виде оти ќе има резултати од нивниот ангажман. Сето ова беше поткрепено и со покажаното на тренинг-натпреварите, а пред сѐ со победите на летните турнири во Струга и во Битола. Сето ова го враќаше оптимизмот, иако последиците од земјотресот не можеа да бидат толку брзо надминати и уште се чувствуваа.

Во летните месеци, една година од катастрофата, се одржа и првата „Средба на солидарноста“, која беше организирана во повеќе спортови, но најголем акцент беше ставен на атлетиката, борењето и на ракометот. Неколку ракометари на Работнички настапија за градската репрезентација на Скопје и всушност тие беа носители на играта. Со оваа спортска манифестација, Скопје покажа дека спортот се враќа во живот, а истовремено им изрази благодарност за сите што му помогнаа во најтешките моменти. Тоа беше и поентата на организирањето на „Средбата на солидарноста“, која од година на година стануваше сѐ поквалитетна. Ова особено се почувствува на шаховскиот турнир на кој учествуваа познати велемајстори меѓу кои имаше и светски прваци.

Опстанок преку дополнителните квалификации

Направив една мала дигресија, а сега повторно се враќам на ракометот. Нема сомнение дека главна цел на ракометарите на Работнички беше да се обезбеди опстанокот во елитата и да му се покаже на спортскиот свет дека, заедно со животот во Скопје се враќа и спортот. Со оглед на тоа што лигата беше зголемена на 14 екипи и шансите за опстанок, особено за оние што се сметаа за аутсајдери, беше поголема. Меѓу нив беше и Работнички, иако спортско Скопје не мислеше така. Симпатизерите на прволигашот веруваа во своите миленици и, ако ништо повеќе, очекуваа барем опстанок во Првата лига преку дополнителните квалификации.

Почетокот не беше според посакувањата и очекувањата, дури тој ги врати сомнежите оти шансите на Работнички за опстанок се минимални. На стартот беа доживеани три пораза, и тоа два во Скопје, од Динамо (Панчево) и од Загреб и еден во Белград, од Партизан. Но ова не ги поколеба играчите, чија стратегија беше да не трошат сили против објективно посилните противници, туку да се оди на позитивен резултат против аутсајдерите. Ова во продолжението и се случи. Во Скопје беа совладани екипите на Босна со 12-11, новолигашот Рудар од Трбовље со 15-11, Железничар со 17-6 и Борац со 18-11.

На крајот од календарската година, Васил Брзовски повторно беше прогласен за најдобар ракометар во 1964 година, а во првите 10 беа уште петмина играчи на Работнички, Томановиќ (2), Бојаџиевски (3), Штериев (5), Матовски (8) и Мајснер (9).
Пролетниот дел беше многу турбулентен и крајот Работнички го дочека на 13. место со осум победи. Меѓутоа, среќна околност беше што од последните четири екипи испаѓаше само последниот, во случајов Сплит, а другите три играа дополнителни квалификации за евентуален опстанок во елитната лига. Работнички, токму во тие квалификации што се играа во Белград, успеа да оствари две победи и да остане прволигаш. Скопскиот тим во првата од двете средби го совлада тимот на Рудар од Плевље со 22-20 во еден тензичен меч, во кој атмосферата ја подгреа тренерот на Рудар, инаку професор на ДИФ во Сараево, Јанковиќ. Верувале или не, тој во еден момент на нервоза извадил и револвер и им се заканувал на водството на Работнички и на резервните играчи! Ете, уште ова го немаа доживеано скопските ракометари, некој, и тоа во текот на играта, да им се заканува со огнено оружје!
Во вториот настап, скопјаните во коректен натпревар го совладаа риечки Кварнер со 18-14 и така го обезбедија опстанокот во Првата ракометна лига.