Во објектот „Панорама“ при ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“ во Општина Центар се гради нов армирано-бетонски потпорен ѕид, со кој треба да се стабилизира земјиштето и да се спречат понатамошни ерозивни процеси, пренесе МИА.
Од Општина Центар информираат дека конструкцијата е проектирана според конфигурацијата на теренот и се изведува во шест одделни кампади. Ѕидот, заедно со темелот, ќе има вкупна висина од 3,20 метри и ќе биде изведен од армиран бетон согласно важечките технички стандарди.
Во рамки на зафатот се предвидува и соодветен систем за одведување на водата. Зад потпорниот ѕид се поставува дренажен слој од дробен камен обвиткан со геотекстил, како и ПВЦ дренажна цевка со дијаметар од 300 милиметри, поставена на нивото на темелот, за одведување на подземните и инфилтрираните води.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за значаен инфраструктурен зафат, при што безбедноста на децата била приоритет уште пред почетокот на градежните работи.
Поради изведбата на работите, децата од објектот „Панорама“ привремено се префрлени во објектот „Бели Мугри“, каде што продолжиле со редовниот престој.
Од Општина Центар посочуваат дека и понатаму ќе инвестираат во објектите за детска заштита, со акцент на нивната безбедност, стабилност и подобрување на условите за престој и згрижување на децата.



































