- Нашиот главен град, со над 600.000 жители, до почетокот на 1990-тите години имаше 16 киносали, дури и специјализирано кино за деца и млади, а 35 години подоцна имаме само еден мултиплекс, комерцијално кино каде што мора да се прикажуваат и македонските авторски филмови
Во рамките на 17. „Македокс“ во „Лабораториум“ се одржа панел-дискусија со тематски наслов „Културната инфраструктура пред европската престолнина на културата 2028“, која се обиде да даде одговор на прашањето каде исчезнаа кината. Учесници на дискусијата беа: Звонко Наумоски – шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – европска престолнина на културата“; Билјана Лунга Филиповска, советничка за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање во Агенцијата за филм на Македонија, Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма (МКЦ), и Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“, а модераторка беше Марина Костова, филмска критичарка и потпретседателка на светската организација на ФИПРЕСЦИ.
Дискусијата отвори разговор за актуелната состојба на киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и за чекорите што треба да се преземат за таа да стане посилна, подостапна и поодржлива. Костова во својот вовед ги истакна радоста и посветеноста на претходните генерации кон одењето во кино.
– За жал, со текот на времето таа радост почна да се губи. Ние бевме сведоци и сега сме сведоци дека нашиот главен град, со над 600.000 жители, до почетокот на 1990-тите години имаше 16 киносали, дури и специјализирано кино за деца и млади, а 35 години подоцна имаме само еден мултиплекс, комерцијално кино каде што мора да се прикажуваат и авторските филмови на нашите автори. Има и две киносали, во Кисела Вода и во Драчево, каде што повремено се прикажуваат филмови – посочи Костова.
Дискусијата на панелот таа ја насочи кон откривање нови идеи што би помогнале во враќањето на кинокултурата во градот и во државата. Првото прашање беше упатено до Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма во МКЦ, која зборуваше за просторите што ги освоија со фестивалот „Синедејс“, но и за застојот во работата на двете киносали „Милениум“ во ГТЦ и „Фросина“ во МКЦ.
– Мене ми е тешко дури и да се потсетувам на сите тие настани поради емотивноста и приврзаноста кон сето тоа што порано се случувало. Ние свесно го извадивме „Синедејс“ во летна варијанта на отворени простори затоа што сакавме да имаме физичко издание во период кога сите затворени простори не можевме да ги користиме за време на ковид-пандемијата. Сакавме да ја имаме публиката присутна во живо и да не го изгубиме континуитетот на фестивалот. Губењето на кинопросторите, како „Милениум“ и „Фросина“, не можам да кажам дека е нешто друго, освен политичка одлука да се изгуби МКЦ како простор. Како што гледате, не само во однос на МКЦ, туку и културата во Македонија, воопшто, сѐ повеќе регресира, се пробува на сите начини да се укинат простори, да се укинат концепти, да се укинат колективни договори за да може полесно понатаму да функционираат другите делови што не се поврзани со критичката мисла и со јавноста. Затворањето на киносалите носи голема загуба за градот, за филмските работници, за спроведувањето на програмите што сакавме да ги пласираме како јавни политики за да заличиме на град што ја доби титулата европска престолнина на културата – рече Арсова.
Фестивалот „Македокс“ своите проекции ги одржува на отворени простори во „Куршумли-ан“, „Сули-ан“ и на платото пред Музејот на Македонија. За принципот на откривање и опстојување на отворени простори зборуваше Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“.
– Нашата цел е „Македокс“ да се прошири во повеќе простори во старата чаршија. „Куршумли-ан“ е магичен простор и е симбол на фестивалот, но сите ние мораме да сме реални дека тој простор е навистина во незавидна состојба и еден ден ќе мора да се реставрира. Станува збор за споменик на културата што со години не е реставриран и треба да дојде до тоа. Би било штета за фестивалот да остане без просторот и да биде оставен на милост и немилост на политиката без разбирање од властите. По 17 години мислам дека оставивме белег во градот во однос на прикажувањето документарни филмови и треба сите заедно да размислуваме како работите би се менувале во иднина – рече Набаков.
Фондацијата „Скопје 2028 – европска престолнина на културата“ е основана од Град Скопје, но како правно лице е засебна и автономна. Фондацијата е основана со цел да ја реализира програмата на назначениот проект, чиј домаќин ќе биде Скопје во 2028 година.
– Филмот и киноприкажувањето треба да бидат едни од основните нишки во спроведувањето на програмата, меѓутоа „ЕПК Скопје 2028“ го нема мандатот институционално да ги решава проблемите со киноприкажувањето што се таложеле во изминатите 30 години. Она што можеме да го направиме е со јавни повици да ги повикаме сите заинтересирани страни да аплицираат и да понудат одредени креативни решенија – објасни Звонко Наумоски, шеф на операции во Фондацијата „Скопје 2028 – европска престолнина на културата“.
Претставничката на Агенцијата за филм, Билјана Лунга Филиповска, ги потврди изнесените факти дека киноприкажувачката состојба во Скопје е многу лоша. Според евиденцијата на податоци од филмската дејност што ја води Агенцијата, најголемиот концентриран кинокапацитет во градот е комерцијалното кино „Синеплекс“. Меѓу активните кинопростори во Скопје, таа потсети на значајната функција на киното во Кинотеката, додека во последниве две години и во Скопје веќе има еден модел што се развива и, всушност, е киномрежа – „Киноверзум“.
– Кога зборуваме за воспоставување киномрежа, важно е да се потсетиме дека тоа не е модел што треба да го измислуваме од почеток. Не зборуваме за идеја што никогаш не постоела. Скопје веќе имало култура на маалско кино – кино до кое се стигнувало пеш, кино во населбата, кино што било дел од секојдневниот живот. Прашањето денес не е дали можеме да го замислиме тоа, туку дали можеме, со денешните услови и модели, повторно да создадеме една современа киномрежа и да ја вратиме публиката во локалните кина – истакна Билјана Лунга Филиповска. С.Ј.


































