Најновото издание на Меѓународниот стрип-салон и традиционалната стрип-колонија, организирани од Стрип-центарот на Македонија (СЦМ-Велес), започна во знак на историски успеси – голем бран пријавени дела на меѓународниот конкурс. За разлика од сродните дејности од поп-културата, како што се гејмингот, анимацијата, друштвените игри или музиката, кои често се преплетуваат, салонот го става фокусот на автентичниот деветти медиум без никакви дополнителни општествени и креативни додатоци. Впрочем, и самата стрип-култура самостојно се состои од повеќе култури, социјални пораки и уметнички светови. Овие манифестации се финансирани од Министерството за култура, како и од Општина Велес.

Традиционалниот меѓународен конкурс „Златен стрип“ привлече огромен број уметнички трудови, соборувајќи ги сите досегашни рекорди. Како што извести Томе Трајков од организацискиот тим, годинава нивните пријави многукратно се надминати од лани (497), со што конкурсот го достигнува својот историски врв по масовност на пријавени уметници од целиот свет. Во пристигнатите трудови доминираат стрипови од македонски автори од разни генерации и градови, што ги потврдува домашната уметничка сила и силниот континуитет на сцената. Сепак, конкурсот има силен глобален карактер – на него масовно учествуваат автори од балканските држави, но и од далечната Азија, Полска, па сè до Нигерија.

Годинава беа доделени главните награди „Златен стрип“. Прва награда добија „Вечно“ на Марко Стојановиќ (сценарио, Србија), Милорад Вицановиќ Маза (цртеж, БиХ) и Аљоша Томиќ (колор, БиХ). Втора награда зеде „Зимата на Арапахосите“ на Кристијан Секулиќ (Нови Сад, Србија), а трета награда – „Љубовта е тешка работа“ – Дуда Вукојев (сценарио, Србија) и Драган Павасовиќ (цртеж, Хрватска). Беа доделени и специјални награди по категории. За најдобро сценарио е награден „Светот ни припаѓа на сите нас“ на Хулја Колук (Турција). За најдобар цртеж е награден „Мечтаење“ на Александар Танчовски (Скопје, Македонија), а за најдобар уметнички израз – „На граница“ на Марко Стојановиќ (сценарио) и Марко Николиќ (цртеж), Србија.
Специјална награда за експериментален израз доби „Песок во грло“ на Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески (Скопје, Македонија). За најдобар дебитантски стрип признание доби „Ѕвездена мисија“ на Христина Крстиновска (Ресен, Македонија), а за најдобар ментор е прогласен Шенер Далиповски (Ресен, Македонија). Во категоријата „Возрасни признанија“, признанието за најмлад учесник го доби Лав Стојановиќ (7 г.) од Лесковац, Србија, а за највозрасен учесник – Тоде Блажевски (Скопје, Македонија). Специјални награди за млади автори беа доделени на „Обраснато“ на Матеа Аризановска, „Сараево сафари“ на Александар Бараковски и „Напивката“ на Марија Тошевска. Беа доделени и награди и дипломи по возрасни категории. Во категоријата до 14-годишна возраст наградата за најдобар стрип ја доби „Девојките на Марко“ на Ана Василева (Радовиш, Македонија). Дипломи добија „Мјаул“ на Теона Чаловска и „Без наслов“ на Маша Станојевиќ.

Во категорија до 18-годишна возраст награда за најдобар стрип освои „Така е пишано“ на Јасмина Јовчевска (Скопје, Македонија). Дипломи добија „Трошки надеж“ на Ива Давидовска (Крива Паланка, Македонија) и „Тајната на источниот блок“ на Јоана Кирку (Грција). С.Ј.