Иран ги осуди новите американски санкции и заканите кон земјите што тргуваат со Техеран, нарекувајќи ги „чин на државен и економски тероризам“, пренесе ДПА, повикувајќи се на иранските државни медиуми.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, Советот за безбедност и земјите членки на ОН го повика меѓународното тело да реагира на новата американска кампања за економски притисок.
Според иранската државна агенција ИРНА, Арагчи навел дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да ги прекинат легитимните економски односи на Иран со други земји, откако, според него, не успеале да ги постигнат своите цели преку војната.
Тој оцени дека санкциите намерно им нанесуваат штета на цивилите, ограничувајќи го пристапот до храна, лекови, медицинска опрема, енергија и други основни производи.
Арагчи ги повика Советот за безбедност и членките на ОН да ги осудат и отфрлат американските „еднострани принудни мерки и секундарни санкции“. Тој побара од земјите да не ги спроведуваат мерките, а од Вашингтон да престане да врши притисок врз трети држави да ги прекинат економските односи со Иран.
Американското Министерство за финансии во понеделникот објави нова кампања за економско изолирање на Иран, која опфаќа санкции против речиси 60 лица, компании и бродови.
Мерките се насочени кон мрежи поврзани со набавките за иранските нуклеарни и балистички програми, продажбата на нафта и кибернетички активности. Вашингтон го прошири и списокот на економски сектори во кои соработката со Иран може да доведе до секундарни санкции, вклучувајќи ги технологијата, златото, воздухопловството, поморскиот транспорт и дигиталните средства.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент предупреди дека земјите и компаниите што ќе продолжат да соработуваат со Иран ризикуваат да бидат исклучени од финансискиот систем заснован на доларот.
Сепак, Вашингтон не соопшти кои држави би можеле да бидат погодени од дополнителните мерки ниту кога тие би стапиле во сила.



































