Магдалена Стојмановиќ-Константинов
Научната фантастика често во своите сценарија и хипотези ја обработува и идејата за човечката бесмртност, која е можна доколку се надминат недостатоците на телото. Дуалистичката перспектива на светот, односно претставата за човечкото суштество составено од душа и тело, ги синтетизира бесмртноста на човекот, која е можна преку бесмртната душа, и смерноста на човекот, која е врзана за телесниот аспект на човековото битие.
Во својот дијалог „Федон“ Платон вели дека „телото е гробница на душата“, односно дека телото е своевиден затвор за пространството на душата. Истата идеја продолжува и во христијанските учења, иако христијанството му признава поголем статус на телото, бидејќи Исус воскреснува не само со селење на душата туку и со телесниот дел од својата богочовекова природа.
Во научната фантастика се анализира теорија на случај во кој човекот ќе може до бесконечност да го продолжува својот живот доколку својата свест ја трансгенерира во машина. Машината со бесконечните можности за нејзина поправка и развојот на отпорност има капацитети да го продолжи животниот век на човекот. Но клучната дилема што се поставува тука е дали трансхуманизмот ќе донесе – ослободување или нова верзија на човечкото постоење, ослободувајќи го од вирусот и стравот за смртноста, или човекот ќе остане вечно заробен во своите стари улоги и персоналноста. Односно дали потенцијалното селење на човек од тело во киборг ќе значи нова можност за негово унапредување или само бесконечно повторување на истите стари улоги и навики?
Во германската трилер-серија „Касандра“, жена-киборг добива можност за бесмртност, таа целосно ги има свеста и меморијата на својата човечка верзија, но не се апстрахира од моментот да биде „сопруга“, „мајка“, „чуварка на семејството“. Токму ова сценарио ја разработува дилемата дали човекот ќе се ослободи или, напротив, ќе остане вечно заробен во својот стереотипен образец, особено ако е жена.
Симон де Бовоар вели дека жена не се раѓа туку дека жена се станува. Општествениот инпут во градење на родовиот идентитет го прави човекот социјален симулакрум, кој имитира одредени вредности сходно со улогите. Дона Харавеј, пак, вели дека киборгот има потенцијал да ги укине традиционалните идентитети и да ги избрише родовите разлики.
Но и најоптимистичките сценарија за технологијата како ослободување на традиционалните идентитети можат да се релативизираат со тоа што се поставува прашањето што доколку добиеме „неуспешен киборг“ токму како што е „Касандра“. Наместо да излезе од страта улога, таа само станува технолошки усовршена и бесмртна верзија на традиционалниот идентитет. Дали телесното е единственото ограничување на човекот или бесмртноста може да стане затвор доколку состојбата на свест остане иста и човекот се трансцендентира во иста состојба на свест само во нов изглед на материјализација?
Надминувањето на човечките слабости можеби воопшто не е во поправање на дефектите што ги носи телесната природа. Напротив, вистинското надминување на човек во „натчовек“, како што би рекол Ниче, можеби се состои токму во способноста да ги надмине идентитетите, улогите и стравовите што го држат заробен и, на крајот, што ќе остане од човекот доколку ги редуцира своите стравови, улоги, идентитети и навики. Дали ќе се врати во состојба на табула раса, како што го опишуваше Џон Лок, или сепак во состојба на целосна слобода, која нема да значи слобода од нешто (ослободување), туку слобода за да се биде нешто поинаку?
Можеби токму во тој празен простор, ослободен од однапред зададените значења, човекот за првпат нема само да постои бесконечно, туку ќе добие можност слободно да избере што ќе стане.



































