- Kога политичарот ќе ја преземе државната функција, мора да постои јасна граница меѓу неговите лични ставови и обврската што ја презел кон граѓаните. Бидејќи не се поставува прашање дали тој смее да има симпатии кон друга држава, туку дали функцијата што му ја довериле граѓаните е во корист на Македонија или за некој друг
Вообичаено се смета дека кога некој ќе биде избран за пратеник, именуван за министер или поставен на некоја висока државна функција, со тоа добива и многу јасна задача – да работи во интерес на државата и на граѓаните што му ја дале довербата.
Барем така треба да пишува во описот на работното место. Но во политичката практика се чини дека описот понекогаш трпи и одредени слободни интерпретации. Па така, можеме да забележиме случаи во кои функционерот добива позиција, мандат и плата од Република Македонија, а потоа, во зависност од политичката, етничката или идеолошката матрица, кај него се појавува и еден дополнителен, „непишан“ работен ангажман: застапување интереси што не се баш национални, односно македонски.
Тоа е во најмала рака невкусно, непринципиелно и неетичко однесување, да не бидеме груби па да кажеме и нечесно, кон државата во која живее и работи и кон народот што треба да го застапува. Самото прифаќање јавна функција истовремено значи и прифаќање обврска за лојалност на избраните функционери кон јавноста на која се назначени да ѝ служат и од која добиле доверба. Тоа е моралната основа на јавната функција.
Одговорноста е дотолку поголема затоа што на функционерот му се доверени овластувања што граѓаните не ги поседуваат: влијание врз законодавството, контрола врз јавните ресурси и способност за обликување на националната политика, дипломатски статус, а во одредени случаи и пристап до доверливи информации. Но што се случува кога личната и етичката ориентација на функционерот ќе се судри со официјалната политика на државата?
- Јавниот односно државниот интерес мора да биде над личните, партиските и надворешнополитичките наклоности на оние што добиле доверба и мандат да ја претставуваат Македонија
Повод за ова прашање е овонеделниот бојкот на собраниската сесија посветена на 35-годишнината од независноста на Украина. Некои од пратениците од албанските партии во Македонија не присуствуваа на настанот, што беше поврзано со нивно незадоволство од изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски при неодамнешната посета во Белград за почитување на територијалниот интегритет на Србија и позицијата на Киев кон Косово.
Пратеникот може лично да ѝ се восхитува на друга земја, да се согласува со нејзината идеологија или дури и да верува дека одредени нејзини политики се исправни, но тоа е негово приватно право, кое не смее да влијае на неговиот професионален ангажман и да резултира со самоволен бојкот на државните политики. Неговиот политички компас не смее да биде расипан.
Функционерот може легитимно да каже: верувам дека државата икс има подобар економски модел и мислам дека мојата земја треба да учи од него. Тоа е политичка процена. Но ако истиот политичар ефикасно смета дека треба да ги унапредува интересите на државата икс, дури и кога тие се во конфликт со интересите на луѓето што го избрале, тогаш природата на односот се менува. Тој всушност го потчинува јавниот интерес во однос на надворешниот интерес.
Замислете министер за надворешни работи што свесно ја застапува дипломатската агенда на туѓа влада. Па, тоа и не е баш толку тешко, треба само да се потсетите на такви случаи на македонската политичка сцена од пред некоја година.
Впрочем, ако одреден функционер не се согласува со официјална државна политика, негов одговор може да биде институционално и политичко дејствување, но најчесно би било да отстапи од функцијата, ако баш е толку доследен до сопствените убедувања.
Да, тој може да има лични идеолошки убедувања. Но кога ќе ја преземе државната функција, мора да постои јасна граница меѓу неговите лични ставови и обврската што ја презел кон граѓаните. Бидејќи не се поставува прашање дали политичарот смее да има симпатии кон друга држава, туку дали функцијата што му ја довериле граѓаните е во корист на Македонија – или за некој друг.



































