Напредуваме. Од банална документаристика во кибер панк. До вчера нордистанците вербално се тепаа околу казните за странци, а веќе денес очи си вадат за дата-центри. Јас, како еден од ретките што не се родени со сите можни знаења за животот, вселената и сè друго, молчешкум ја следам напнатата расправија. Досега научив дека дата-центрите се едни многу згодни зданија што ќе нè внесат во иднината збогатувајќи ни ја економски сегашноста, додека сосема не ни ја девастираат стварноста преку уништување на природата, со посебен осврт на водата. Двата табора се толку жестоки во своите научно-аналитички презентации поткрепени со експертско-академски познавања што на еден прост и неук лик како мене му доаѓа од срам да ја пикне главата под перница и да се чувствува како бескорисна пеперутка што не ја опрашува вселената, ама се прашува – дали андроидите во Периферал сонуваат електрични овци и планираат мрачни скенирања.
Мојата измрцварена креативност и двата табора ги доживува како фантазмагоричен сон, кој ми ја скокотка среде спиење фантазијата, сеедно од која страна на перницата ја држам главата – едните ги доживувам како футуристичка машина во која се соединиле парната локомотива на Стивенсон и автомобилот што се враќа во иднината на доктор Емет Браун, а другите се прекрасна генетска мутација меѓу Сара Конор и Грета Тумберг. И покрај фактот што датацентрашите ја нарекуваат екогерилата простачка и нецивилизирана багра без грам познавање за модерната технолошка револуција, а овие им враќаат дека се обични платенички ѓубриња напикани во анусот на моќта – и едните и другите посветено се држат до начелата на својата спасувачка мисија – првите сакаат да ја спасат економијата, а вторите природата. И јас им се восхитувам. Просто не можам да верувам – за мене е тоа речиси научна фантастика – толку луѓе што не успеаја ни сопственото вековно име на државата да го зачуваат, одеднаш се топорат како спасители на економијата или природата – сеедно. Гледам во театарот на оваа вербална војна и замислувам: на едната страна среде бојното поле стои оној на кого му забранија да си го открива сопственото минато, ама он ќе крева дата-центри на иднината, а спроти него застанува противникот на кого му го зедоа идентитетот, но затоа спремен е да ги спасува реката и планината. И одеднаш иднината, реката и планината запаѓаат во тешка депресија со самоубиствена тенденција.
Аман бе, Русјаков, на секоја тема, ти – името, па името.
Јас ви реков – немам намера да престанам – единствен начин да побегнете од мене како што бегате од идентитетската катастрофа префрлајќи ја одговорноста на политичарите, странците и пеперутките што не ја опрашуваат вселената – е да престанете да ме читате. Мојата намера е да бидам дата-центар за еколошко вознемирување на совеста, сеедно што газот сместен на песочна плажа или во удобна фотелја мисли дека може да побегне од неа расфрлајќи се со своите мисли за сенешто, надвор од суштината – и ќе дадам сè од себе да ѝ се наметнам на иднината, а таму, еве наслушнувам – внуците на вашите правнуци ја превртуваат реченицата срамејќи се од неа – а бе, го читавте она што некојси Русјаков одамна го пишувал, имало времиња кога Македонија била нордистанска провинција на безумноста, нашиве предци што не кренале глава кога им ги ликвидирале името, идентитетот и суштината си ваделе очи едни на други на теми како дата-центри и влијанието на пеперутките што не ја опрашуваат вселената врз црните дупки што ги проголтуваат совеста и одговорноста.
Името сигурно нема да ни ја зајакне економијата и да нè смести во 21 век среде предизвиците на новата технолошка револуција.
И секако нема да ни ги спаси реките и планините од аздисите на модернава цивилизација.
Јас сум обединител. Сакам кога неспособноста да се зачува сопственото битие се обединува, иако сама по себе има закрвени ставови за секоја проклета будалаштина. Така поедноставно ја доживувам како same shit, сеедно што од петни жили се труди да има свое мислење за сенешто во секоја бесмислена дебата. А теми за дебати, да ги ринеш со лопата – одговорноста, трпението и паметењето се категории што вмрежената јавност одамна ги избриша. Вчера си вадеа очи за „Безбеден град“, денес за дата-центри, а веќе утре тема на која ќе се вкрстат копјата може да биде прашањето: дали пеперутките што не ја опрашуваат вселената, сепак, вибрираат космички фреквенции мавтајќи со крилјата и тогаш – животот со идентитетска припадност само за по дома и безличност за севкупна употреба може да продолжи.
Океј, Русјаков, се изнајаде лајна против јавноста и дебатите во кои таа ужива конфронтирајќи се, туку имаш ли ти став за дата-центрите и ајде да видиме на која групировка ѝ припаѓаш!
Pardon my French, ама I Don’t Give a Fuck!!! Со три извичника. Роден сум во град каде што некои чичковци одлучиле дека многу згодна ствар е да кренат фабрика за топење олово и цинк. Поради тие оџаци се чувствувам како суперхерој – мутант од Икс-мен, со посебни моќи да ги контролирам пеперутките што не ја опрашуваат вселената – бидејќи сум роден со одвишок прст на едната рака, веднаш отстранет, и недостаток на меланин што засекогаш ми ја одзеде радоста да уживам во сончевата ерекција. Потоа, од Титово Иксменово се преселив во градот каде што секоја населба си имаше своја фабрика, цигари се чуреа од автобус до болница и никој не обрнуваше внимание дали изгрејсонцата се gluten-free за разлика од ноќите со полна месечина. Датацентричните поддржувачи сигурно ќе ми објаснат дека сме биле во тек со светската индустријализација, ама и повеќето од идните воини на Џон Конор ќе ме убедуваат дека можеби се немало екосвест, но тоа тогаш сепак било социјална, праведна и вистинска држава. А и едните и другите, најчесто, своите аргументи за расправија ги црпат од новите универзитети на вештачката интелегенција. Оттука, ако јас се прашувам, не дата-центри – дата-градови нека се подигнат сосе молови, салони за убавина и роботизирана администрација – или сосема спротивното – целосна екологизација, враќање кон природата и за секоја рака, мотика – но, бидејќи не сум исклучив, немам проблем ако некој смисли од двете крајности, комбинација – можете што сакате да правите со обезименава територија – мене, и онака, подолго време ме интересираат само пеперутките што не ја опрашуваат вселената и што, по ѓаволите, нивните крилја шепотат?



































