Три гонга и уште по нешто

Љубомир Јованоски

Веројатно сте слушнале за насловната музичка нумера на маестро Енио Мориконе од вестерн шпагети филмот „Добриот, грдиот и лошиот“ („Il buono, il Brutto, il cattivo“) на Серџо Леоне. Повозрасните, сигурно. Таа беше белег и на македонскиот музички идентитет во осумдесеттите години од минатиот век. Екипа предводена од музичкиот мајстор со истенчен сенс Ѓоко Георгиев и неговите редовни соработници, меѓу кои и познатиот Мице дискџокејот, направија музичка емисија што во попладневните саботни часови ги навлекуваше љубителите на музиката да си ги потпрат ушите на радиоапаратите за да слушнат што е актуелно на домашната и светската музичка сцена. Музичката нумера на Мориконе од саундтракот на филмот се претвори во вистински бренд и на нашето македонско музичко небо, па во саботните пладневни мигови младиот ама и повозрасниот свет својата музичка вселена ја полнеше со звуците на оваа прекрасна радиоемисија. Не се знае кој повеќе придонесе за вестерн шпагетите на сињор Леоне да станат препознатливи низ светот. Дали аријата на Мориконе или визуелниот, извонредно атрактивен момент на директорската палка на Леоне, туку посебноста на музичкиот квалитет високо ја крена штицата на нивото на вредност во светот на овој вид популарен филмски жанр. Леоне, кој претходно ја најави својата успешна филмска приказна со историскиот спектакл „Колосот од Родос“ и вестерните без правила „За долар повеќе“ и „За неколку долари повеќе“, го навлече маестрото Мориконе да креира музика препознатлива низ светот. На тој начин европскиот шпагети вестерн сниман во ентериерите на Шпанија и во студијата на римска Чинечита се претвори во чудовишна култна ставка во светот на заработувачката, која агресивно се замеша во неприкосновеното каубојско царство на Холивуд. Како и да е, „Трите гонга“ на Георгиев и екипата составена од претежно млад свет, кој го сочинуваа снимателот Божиновски, Васја, Предраг, Драгољуб и Мице, заслужува почит за печатот што го втиснаа во музичкиот свет на македонската радиска продукција.

Богатиот репертоар на „Охридско лето“ понуди вистински музички вредности и уште еднаш го потврди својот несомнен уметнички дигнитет. Секако дека на секогаш будните критичари останува оцената и процената за сите вредности од понудата на овој величествен уметнички фестивал, но јас би напишал нешто што мене лично ми остана во сеќавање, надвор од случувањата. Вообичаено, уметничкиот бастион – Амфитеатарот беше достапен и за комерцијални настапи на уметници од некогашната заедничка држава. Во просторот на уличката Миладиновци, каде што се и камените седишта односно стоечките места за ВИП-посетители, кои не успеале или не сакале да го арчат скромниот ваканциски буџет, чичка од народ. Наредени во три реда, луѓето се креваат на прсти за да можат со својата технолошка гордост – телефоните – да зафатат делови од сцената за да се пофалат пред блиските и пријателите со чинот на присуство на значаен настан. Патем, сите ние на таа уличка сме илегалци. Единствено може да нѐ оправда што Амфитеатарот е со ограничен број на седишта, нели? Па, да продолжам понатаму кон поентата. Пејачката совршено набива атмосфера и нè воведува во сè позасилен ритам. На тој начин нè прави активни учесници во нејзиниот сè пожесток перформанс. Во дел од концертот кога пред мене се начичка група од млади и направи мала мешаница, одлучив малку да здивнам бидејќи ме заплисна мирис на алкохол и цигари. Седнав на камената ограда од приватните домови и „густирав“ од заднинската атмосфера. Со аматерско око на опсервер (набљудувач), забележав млад брачен пар и синче од некоиси шест-седум години. За да може на раат да го одгледаат концертот, таткото му го дава својот телефон на синчето. Момчето се оддалечува и седнува на камената ограда. Осамено е во малиот број пасивни учесници на настанот. Си велам, еден професионалец, трговец со бели робје, лесно би го намамил со само за него познати методи и би го одвел некаде во непознато.
Неодговорност? Ама не, само еден од карактеристичните белези на совремието. Веројатно наскоро богатите ќе ги придружуваат роботи извежбани за борба со натрапници. Само не знам како ќе им се внесе душа за да ни бидат рамноправни соговорници, содружници и пријатели. Не дај боже да не нè препознаат со нивните системи за идентификација.

Бидејќи станува збор за забавен летен калеидоскоп, ќе се навратам повторно на едно минато „Охридско лето“ бидејќи сметам дека ќе биде интересно за читателите. Станува збор за период пред ковид-агонијата. Иако не бевме свесни што ќе нѐ снајде со вирусната пандемија што ни се токмеше, честите земјотреси што го погодија Охрид тоа лето не беа нималку наивни и безопасни. Малку-малку па потрес. Колку и да е приспособлив и безбеден, човекот секогаш се чувствува исплашено кога станува збор за сеизмички катастрофи. Дури и подготвениот и навикнат на потреси јапонски граѓанин деновиве беше изложен на земјотресни удари во кои имаше и настрадани. Да не зборуваме за кутрите од Перу, Колумбија и Венецуела каде што имаше голем број жртви.

Во предворјето на „Света Софија“ се одвиваше концертот на скопските солисти предводени од маестро Васил Атанасов, уметниците Томе и Наташа Атанасови и многубројниот ансамбл врвни инструменталисти. Во публиката, мојата ќерка Милица, синот Златко и мојата дробност. Одненадеж, пристигна голема група на кинески туристи. Тие веднаш дисциплинирано си ги зазедоа своите места. Трибината беше полна, атмосферата на високо музичко ниво. Одненадеж стресе. Музиката продолжи без да запре, луѓето започнаа да се загледуваат небаре се неодлучни во тоа како треба да постапат. Бидејќи над нас беа само стебла и ѕвездено небо, немаше потреба од страв. Истото тоа беше и за ансамблот, бидејќи тие беа далеку од стреата, која при посилен удар можеше да ги загрози. И во моментот кога потресот запре, од стотина грла излета олеснителна, гласна издишка, а потоа и силно ракоплескање. Постапката беше спонтана и успешно се вклопи во амбиентот. На лицата молснаа насмевки, а ансамблот огнено го продолжи својот музички настап. По завршувањето на концертот, Мими веднаш направи фотографија. Кога ја видовме, излезе дека само јас и Златко сме блажени помеѓу гостите од Кина. На својот Фејсбук таа напиша: „Овде некој не е наш! “

Без политички додаток не може да се замисли ниту еден запис. Деновиве господинот Доналд изјави дека Ормускиот Теснец е територија што им припаѓа на Соединетите Американски Држави. Значи, по Венецуела и обидот за присвојување на Гренланд, на ред стаса и овој дел од територијата сопственост на Иран, Оман… Силата не го моли Господа. Во светскиот казан во кој се вметнати разни мирудии, сигурно се вари некоја манџа. Овој пат кулинарскиот тим е значително проширен. Се чини дека на повидок се решенија што посочуваат на ведра зора. Па, нека биде така!