Колку пораките што ги испраќаат верските лидери за големите празници се искрени, а колку се напишани во протоколарна форма? Дали честитките на политичарите ја отсликуваат реалноста или се само куртоазни? Им значат ли на верниците и граѓаните таквите пораки?
Велат дека празничните денови се време кога човек треба да им се посвети на оние што ги сака, кои ги почитува, на луѓето со кои го поминува животот. Речиси сите честитки за празниците се наменети за лично добро на оној кому му се честита и за благосостојба на неговото семејство. И, секако, во тоа нема ништо лошо. Напротив, симболиката на овие денови е токму можноста да си посакаме подобро утре, да се поттикнеме да направиме нешто добро за себеси и за луѓето околу нас, зашто добрите дела не познаваат разлики, тие се израз на заедништво и сплотеност. Таквата моќ особено ја даваат верските празници. Токму тие денови нѐ потсетуваат на љубов, на мир и на хуманост.
Но колкумина од нас пред празничните богати трпези помислиле на оние што за време на празниците поминуваат со една корка леб и во студена постела? Колкумина од нас ги сфаќаат празничните денови во духот на солидарноста? Дали овие денови биле поттик за создавање добри дела, не само кон блиските, туку и кон непознатите, сиромашните, болните?
Колку пораките што верските лидери ги испраќаат за големите празници се искрени, а колку се напишани во протоколарна форма? Дали честитките на политичарите ја отсликуваат реалноста или се само куртоазни? Им значат ли на верниците и граѓаните таквите пораки? Ова се некои од дилемите што остануваат да лебдат во јавноста откако ќе завршат сите празнувања и меѓусебни честитки, кои најчесто се исполнети со зборови за подобро утре, голема радост, заедништво, а веќе од следниот ден се враќа сликата на поделби, политички навредувања, говор на омраза, секојдневие на кое луѓето веќе одамна навикнале.
Должност на верските лидери е да им укажуваат на верниците за општествената и политичката состојба во државата, односно да бидат во тек со сите новости и случувања. На тој начин луѓето ќе знаат како да реагираат на одреден проблем и како да ги поучат своите соседи. Тоа не е тешко применливо. Тие не мора да проповедаат само во верските храмови или за време на обредите, верското учење можат да го пренесуваат и на улица или на маалските собиралишта.
Време е претставниците на црквата овие денови да ги поминат меѓу сиромашните, да посетат некоја народна кујна, во овој зимски период да организираат акции за помош на бездомниците.
Дали некој од владиците на МПЦ-ОА отишол во центарот за бездомници во Момин Поток да им честита Божиќ на луѓето што престојуваат таму?
На секој духовен водач должност му е да ги обедини верниците, да шири добрина, да го искористи своето влијание за да се обиде светот околу себе да го направи барем малку подобар. Потребни се поголема иницијатива и активност на верските водачи кон социјалната компонента во општеството.
Јасно е во какви меѓучовечки односи живееме денес. Постојано се зборува за мир, а сѐ повеќе се тежнее кон војна. Се зборува за љубов и благосостојба меѓу луѓето, а сѐ повеќе се сее криза меѓу народите и државите. Како сѐ уште да не се слушнати пораката за мир на Земјата и повикот за добра волја меѓу луѓето
Верските челници не треба да заборават дека сите анкети покажуваат дека луѓето искажуваат доверба во верските институции. Според истражувањата, населението во државата има доверба во верските заедници, односно речиси 65 отсто одговориле дека им веруваат на МПЦ, ИВЗ и другите цркви. Таа доверба верските лидери треба и да ја оправдаат.
Треба да се фокусираме на она што е еднакво важно за секој граѓанин, без разлика на верата и етничката припадност. Дали може да се стави крај на поделбите, на омразата, на општество, кое е како со нож поделено?
И политичарите треба да ја напуштат реториката на омрази и поделби, зашто ова општество мора да се навикнува на еден поинаков дискурс, кој треба да се пренесе и кај партиските членови. Ако од утре сѐ се врати по старо, добрите зборови за празниците повеќе изгледаат лицемерно отколку искрено.
Јасно е во какви меѓучовечки односи живееме денес. Постојано се зборува за мир, а сѐ повеќе се тежнее кон војна. Се зборува за љубов и благосостојба меѓу луѓето, а сѐ повеќе се сее криза меѓу народите и државите. Како сѐ уште да не се слушнати пораката за мир на Земјата и повикот за добра волја меѓу луѓето.
Неколку реченици ми останаа во главата читајќи го Божиќното послание на архиепископот г.г. Стефан, во кое вели дека на човештвото му се потребни пастири што народите ќе ги упатат на патот на вистината.
„Има денешнава генерација морални и мудри луѓе, кои човештвото ќе го насочат кон искрено и вистинско човекољубие. Има ли денешново човештво пастири, кои народите ќе ги упатат по патот на вистината и животот? И има ли некаде, па и меѓу нас, слични на оние витлеемци што во срцата и душите свои ќе најдат место и ќе му подарат пештера на Господа? Конечно, ќе го најде ли современото човештво вистинскиот пат, патот на мирот божји што надвишува секој ум, или, пак, ќе продолжи кон бездната на злото и гревот, кон раздори и војни?!“