Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (31)
Се случува нешто чудно со современиот човек. Сè почесто сака да има миленик, но сè поретко му дозволува на тој миленик да биде животно. Кучето станува бебе, мачката станува бебе, а границата меѓу љубовта кон животното и потребата животното да ја пополни човечката празнина станува сè потенка. Колички, чевличиња, фустанчиња, немедицински балсами за шепи за „мекост“, безброј играчки, креветчиња и цела индустрија изградена околу една порака: твојот миленик треба да биде што посличен на бебе. Прашањето е непријатно, но мора да се постави: сакаме ли куче или сакаме доживотно бебе?
Неотенијата е реален биолошки феномен – задржување одредени младешки карактеристики во возрасниот организам. Кај милениците, човекот со вештачка селекција во последните децении интензивно ги засилува особините што му биле привлечни: голема глава, крупни очи, кратка муцка, заоблено лице, кратки нозе, помало тело. Токму ваквите инфантилни карактеристики кај животните можат да предизвикаат кај човекот посилна потреба за грижа. Проблемот започнува кога желбата животното да изгледа „слатко“ станува поважна од неговата функционалност и здравје.
Мопсот, францускиот и англискиот булдог се очигледни примери на екстремно скратена муцка, со последици врз дишењето, терморегулацијата, спиењето и физичката активност. Дачхаундот и басетот се пример за друга крајност – намерно издолжено тело и скратени екстремитети, со зголемен ризик од проблеми со ‘рбетот. Токму поради ваквите екстремни конформации во повеќе земји се воведуваат ограничувања и притисокот врз одгледувачите расте. Но феноменот не завршува со неколку познати раси. Еден од најдрастичните примери кај мачките е шкотскиот фолд, кај кој свитканите уши се последица на наследно нарушување на развојот на ’рскавицата. Ветеринарските процени се особено остри: карактеристиката е поврзана со остеохондродисплазија, деформации на опашката и екстремитетите, болна дегенеративна артроза и ограничување на движењето и природното однесување. Со други зборови, она што човекот го гледа како „слатко свиткани увца“ е поврзано со здравствена цена што ја плаќа мачката.
Во Европа денес има 306 милиони миленици во 140 милиони домаќинства, односно 49 проценти од домаќинствата имаат најмалку еден миленик; само кучиња има околу 91 милион, а мачки 111 милиони. Во истата Европа во 2024 година се родиле околу 3,55 милиони деца, а просечната стапка на плодност паднала на само 1,34 деца по жена, далеку под нивото од 2,1 потребно за едноставна репродукција на населението. Овие бројки сами по себе не докажуваат дека милениците ги „заменуваат“ децата и би било несериозно да се извлече таков заклучок. Но отвораат важно општествено прашање: не смееме да дозволиме растот на улогата на милениците да стане замена за човечките односи и семејството. Зашто миленикот и детето не се конкуренција. Напротив. Детето може да научи од животното што значат грижа, одговорност, емпатија, трпение и почит кон друго живо суштество. Систематски преглед на истражувањата покажува позитивни поврзаности меѓу односот со милениците и социјалниот развој, емпатијата, социјалната интеракција и чувството на одговорност кај децата, иако авторите правилно предупредуваат дека квалитетот на доказите не е доволен за да се тврди дека секое дете автоматски ќе ги развие овие особини само затоа што има миленик.
А и животните добиваат нешто од децата. Детето е непосредно, искрено, љубопитно и разиграно – поблиску до спонтаноста на животинскиот свет отколку возрасниот човек со своите правила и социјални маски. За кучето тоа е игра, движење и комуникација; за мачката – стимул, интеракција и симулација на лов. Кај расните мачки, кои поради безбедност и здравствени причини не треба да се пуштаат слободно надвор, токму ваквата симулација на лов преку игра е важен начин да се зачуваат дел од природните потреби.
Не треба да заборавиме дека миленикот некогаш имал јасна употребна вредност: кучето било чувар на домот, чувар на добиток, трагач, ловџија; мачката била истребувач на глодачи и штетници. Денес неговата улога е во голема мера поинаква – отворено психолошка, како друштво, емоционална поддршка и дел од семејството. Тоа не е ништо лошо. Напротив, тоа е прекрасна нова улога. Но токму затоа мора да биде свесно прифатена, а не да се претвори во ексцес во кој човекот почнува да бара од животното да ја замени неговата човечка врска, партнер, дете или пријател.
Јас ова го гледам секојдневно и во Центарот за благосостојба на миленици „Туту“, каде што покрај работата со животните, многу внимание посветуваме и на едукација за одговорно сопствеништво. По 25 години работа со животни, за мене една работа е неспорна: љубовта кон миленикот не се мери со бројот на работи што ќе му ги купиме, туку со тоа колку добро ги разбираме неговите вистински потреби. Кучето треба да трча, да мириса, да истражува, да игра и да комуницира. Мачката треба да се качува, да набљудува, да се крие, да истражува и преку игра да го задоволува инстинктот за лов. Тоа не се дефекти што треба да ги отстраниме за животното да стане „погодно“ за нашиот живот.

Затоа мора да направиме разлика меѓу грижа и антропоморфизација. Кога болно или старо куче користи количка затоа што не може да оди, тоа е помагало. Кога здраво куче го возиме во количка затоа што сакаме да изгледа како бебе, тогаш количката повеќе не му служи на животното – туку на фантазијата на сопственикот. Ако на кучето му ставиме заштита на шепите поради снег, сол или жежок асфалт, тоа е грижа. Но ако од здраво животно правиме кукла со чевличиња, гардероба и козметички препарати само за да ја задоволиме нашата потреба да имаме „бебе“, тогаш веќе не зборуваме за благосостојба.
Тоа не е секогаш љубов. Понекогаш е киднапирање на идентитетот на животното. Миленикот може да биде член на семејството. Може да биде пријател, извор на радост, сигурност и емоционална поддршка. Но не е човек. Не е дете. И не треба да биде замена за човек. Можеби затоа најодговорното сопствеништво започнува со една едноставна мисла: не прашувајте „што можам да направам моето куче да биде послично на мене“, туку „што можам да направам за моето куче да има што подобар живот како куче“. Зашто иднината на домашните животни не треба да биде свет во кој тие изгледаат сè повеќе како бебиња, а сè помалку како животни, туку свет во кој конечно ќе научиме да ги сакаме токму онакви какви што се.
Илија Петковски



































