Фото: МВР

Вчера полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода С.Б.(41) од село Лешок, тетовско откако при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени карабин 7 мм со оптички нишан, пиштол „ЦЗ“ 9мм со празни рамки, воздушна пушка 5,4 мм со оптички нишан, како и куршуми од различен калибар, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, вчера околу 20:21 часот се лишени од слобода и А.М.(39), Д.М.(26), Б.С.(37), Р.Р.(66), Б.А.(37) и Р.В.(72), сите од Гостивар и Н.Л.(65) од Скопје. Било постапено по претходна пријава дека во село Куново, гостиварско има нарушување на јавниот ред и мир со истрели од огнено оружје. На местото се пронајдени чаури, а по извршените претреси во неколку нивни викенд куќи во село Куново биле пронајдени и одземени повеќе парчиња огнено оружје (ловечки карабини, ловечки пушки, пиштол) и поголема количина муниција.

Министерството информира и дека доцна синоќа, од 22:30 до 01:30 часот, полициски службеници од СВР Тетово во координација со САЕ „Тигар“ и Единицата за службени кучиња, врз основа на судска наредба, извршија претрес во куќа и барака-работилница во Тетово, користени од П.М. (36). Во работилницата се затекнати три лица – Л.С.(19) и двајца 16 – годишни малолетници, при што кај Л.С. и едниот малолетник се пронајдени бела прашкаста материја, марихуана и две дигитални ваги. Дополнително, во објектот беа пронајдени кутии со бела прашкаста материја и парични средства во различни валути и апоени, по што лицата се лишени од слобода.

По целосно документирање на случаите, во координација со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни пријави.