Како се снимаше култниот филм „Последниот цар“
Забранетиот град во Пекинг, кој повеќе од пет века бил политички и духовен центар на Кина од каде што императорите управувале со една од најголемите цивилизации во светот, секоја година привлекува меѓу 16 и 17 милиони посетители, што го прави најпосетуваната кралска палата во светот. Во просек низ неговите порти секој ден поминуваат десетици илјади луѓе, па поради огромниот интерес и потребата да се заштити ова непроценливо културно наследство, кинеските власти воведоа ограничување на бројот на посетители. Во најфреквентните периоди се дозволуваат до 80.000 посетители дневно, а билетите најчесто се резервираат однапред, особено за време на државните празници и туристичката сезона. Комплексот, кој зафаќа површина од околу 720.000 квадратни метри, денес е претворен во музеј во кој се чуваат повеќе од 1,8 милион културни артефакти – калиграфски дела, порцелан, накит, часовници, бронзени предмети и други непроценливи богатства од династиите Минг и Ќинг.
Иако често се споменува бројката од 9.999 соби, тоа е дел од стара легенда. Според традицијата, бројот 10.000 бил резервиран за небесниот владетел, па царската палата морала да има помалку простории од небесната палата.
Ова место важи за симбол на кинеската историја, империјалната традиција и архитектонското наследство, а неговата слава дополнително порасна по премиерата на филмот „Последниот цар“ на славниот италијански режисер Бернардо Бертолучи затоа што беше првиот западен филм снимен во автентичните простории на поранешната царска палата. Фактот дека еден филм што не е кинески е сниман внатре во локалитет што го носи предзнакот „забранет“ (никој не можел да влезе без дозвола од императорот, обичните луѓе немале пристап, а дури и високите државни службеници можеле да влезат само во одредени делови и во точно определено време) сам по себе е интригантен. Филмот прави портрет на последниот кинески император Пу Ји, кој и по падот на последната кинеска династија во 1912 година, извесно време продолжил да живее во внатрешниот дел од палатата, сè до 1924 година, кога засекогаш ја напуштил. Набрзо потоа комплексот бил претворен во музеј.
По долги преговори, кинеската влада дава историска дозвола
Кога италијанскиот режисер Бернардо Бертолучи во средината на 1980-тите години го започнал снимањето на филмот „Последниот цар“, ретко кој верувал дека ќе добие дозвола да снима во најстриктно чуваното место во Кина – Забранетиот град. Сепак, неговата идеја да направи филм што нема да биде само историски спектакл, туку ќе претставува длабока човечка приказна за човек што од божество станал обичен граѓанин – добива реализација.
По долги дипломатски разговори, кинеската влада дала т.н. историска дозвола – првпат западна филмска екипа да снима во поранешната царска палата. Одлуката била дел од политиката на постепено отворање на земјата кон светот, започната неколку години претходно.
Режисерот поминал месеци проучувајќи ги кинеската историја, царските церемонии и архитектурата на палатата. Работел со кинески историчари, советници и преведувачи за секој детаљ – од начинот на кој императорот се движел до распоредот на дворските церемонии и изгледот на царските одаи. Бертолучи бил познат по својот перфекционизам. Често чекал со часови за природната светлина да биде совршена, а големите сцени со илјадници статисти ги повторувал повеќепати додека не ја добиел саканата композиција. За него, секој кадар требало да изгледа како историска слика. Интересно е што Бертолучи не сакал да го претстави Пу Ји ниту како херој ниту како негативец. Наместо тоа, го прикажал како човек што постојано се обидува да го пронајде своето место во свет што драматично се менува. Токму таа човечка перспектива е една од причините зошто филмот и денес се смета за безвременско дело.

Режисерот често истакнувал дека не сакал да сними филм за политиката, туку за судбината на едно дете, кое уште на двегодишна возраст било прогласено за владетел на огромна империја за потоа да го доживее нејзиниот пад. Инспирацијата дошла откако Бертолучи ја прочитал автобиографијата на Пу Ји, со наслов „Од император до граѓанин“. Фасциниран бил од оваа драматична животна приказна што раскажува за дете што расте во целосна изолација зад ѕидините на Забранетиот град, убедено дека е „син на небото“, за подоцна да стане затвореник, а на крајот обичен граѓанин на новата Кина. Бертолучи сметал дека животот на Пу Ји личи на шекспировска трагедија. Наместо класична биографија за еден владетел, сакал да покаже како моќта може да биде и најголемиот затвор. Иако формално бил император, Пу Ји како дете немал вистинска слобода. Не смеел да ја напушти палатата, секој негов чекор бил контролиран, а околу него имало илјадници евнуси, дворјани и слуги, кои му се покорувале, но истовремено го држеле изолиран од реалниот свет. За да ја долови таа атмосфера, Бертолучи инсистирал филмот да се снима во реалниот простор – во самиот Забранет град. Тој верувал дека ниту едно филмско студио не може да ги пренесе големината, симболиката и емоцијата на местото каде што навистина живеел Пу Ји.
Секој дел од снимањето бил внимателно следен од кинески експерти
Снимањето започнува во 1986 година и претставува огромен логистички предизвик. Продукцијата добива пристап до повеќе дворови, порти и палати, но под строги услови. Дел од снимањата се одвивал рано наутро, пред комплексот да биде отворен за посетители, а секое движење на актерите и техничката екипа било внимателно координирано со кинеските власти за да не се оштетат историските објекти. За да се долови раскошот на последните денови на кинеската империја, во снимањето учествувале илјадници статисти, меѓу кои и припадници на кинеската армија, кои ги играат царските стражари, дворјаните и војниците. Во некои сцени биле ангажирани повеќе од 9.000 статисти, што претставува еден од најголемите масовни ангажмани во историјата на филмот.
Особено се впечатливи сцените со малиот цар, кој како дете пристигнува во Забранетиот град и станува владетел на огромна империја, без вистинска моќ. Автентичните дворови, мермерните тераси и величествените палати му даваат на филмот историска веродостојност што тешко може да се постигне во студио. Во снимањето учествувале и голем број кинески историчари и културни експерти, кои се грижеле костимите, церемониите и дворските обичаи да бидат што е можно поверодостојно прикажани. Секој дел од снимањето бил внимателно следен од кинески експерти за културно наследство. Една од највпечатливите сцени – крунисувањето на малиот Пу Ји – била снимена во вистинскиот двор каде што во 1908 година навистина бил прогласен за император. Тоа ѝ дава на приказната исклучителна историска автентичност.
Интересно е што актерот Џон Лоун, кој го толкува возрасниот Пу Ји, немал можност да се сретне со вистинскиот император, бидејќи Пу Ји починал во 1967 година. Наместо тоа, актерот се подготвувал преку неговата автобиографија, историски документи и разговори со луѓе што го познавале. Во филмот учествуваат актери од Кина, Јапонија, Велика Британија и САД, а дијалозите се на англиски, мандарински и јапонски јазик. Музиката, која ја компонираат Рјуичи Сакамото, Дејвид Бирн и Су Конг, дополнително ја доловува атмосферата на преминот од царска Кина кон модерната ера.
Куриозитет е што по успехот на филмот значително се зголемил бројот на туристи што сакале да ја посетат Забранетата палата. За многумина низ светот токму „Последниот цар“ бил првата можност да ја видат внатрешноста на овој величествен комплекс и да се запознаат со животот на последниот кинески император. И денес, речиси четири децении по премиерата, „Последниот цар“ се смета за едно од најавтентичните историски филмски остварувања, не само поради наградите што ги освои туку и затоа што успеа да ја доближи богатата кинеска историја до светската публика преку снимање на вистинските локации каде што тие настани се одвивале.
По премиерата во 1987 година, „Последниот цар“ се стекнува со светски успех и освојува дури девет „оскари“. Бертолучи добива „оскар“ за најдобар режисер, а филмот е прогласен и за најдобар филм на годината. Со ова остварување тој не само што создаде едно од најзначајните историски дела во светската кинематографија туку и го отвори патот за поголема културна соработка меѓу Кина и западниот филмски свет. И денес Бернардо Бертолучи останува запаметен како режисерот што успеал да ја отвори вратата на Забранетиот град за светската публика и преку судбината на еден човек да ја раскаже приказната за крајот на една империја. А „Последниот цар“ не е запаметен само како филмска биографија за последниот кинески император туку и како историски проект што ја отвори вратата за меѓународни филмски продукции во Кина. Благодарение на визијата на Бернардо Бертолучи и ретката дозвола за снимање во Забранетиот град, филмот останува уникатен спој на историјата, културата и филмската уметност.
Денес снимањето во палатата е строго ограничено
Неколку значајни кинески филмови и телевизиски продукции се снимани во Забранетиот град во Пекинг, иако денес снимањето таму е многу строго ограничено заради заштита на културното наследство. По 1990-тите, повеќето продукции користат реплики на палатата изградени во филмски студија.
„Опиумската војна“ е историски кинески филм во режија на Си Јин, снимен по повод враќањето на Хонгконг на Кина. Некои од сцените се снимени во Забранетиот град, со дозвола од кинеските власти. „Основањето на Републиката“ е историска драма, посветена на создавањето на Народна Република Кина, а неколку сцени се снимени во делови од Забранетиот град и во неговата околина. Филмот „1911“, во кој глуми Џеки Чен, ја обработува револуцијата од 1911 година. Некои сцени се снимени во автентични историски локации во Пекинг, вклучувајќи делови од Забранетиот град.
Забранетиот град се појавува и во повеќе кинески историски серии, но најголемиот дел од нив се снимени во верни реплики на палатата, а не во оригиналниот комплекс. Денес дозволите за снимање во Забранетиот град се издаваат многу ретко и најчесто за документарни филмови, културни проекти или кратки промотивни видеа. Поради тоа, „Последниот цар“ останува најпознатото и најамбициозно филмско остварување снимано во автентичните простории на некогашната царска палата. В.Д.


































