Пророштвата на еден Французин за Македонија

Во раните деведесетти години од минатиот век имав една кратка, но незаборавна средба со тогашниот директор на Францускиот културен центар во Скопје, господинот Андре Вињ. Беа тоа првите години од осамостојувањето на Македонија, време кога странските држави сѐ уште немаа свои амбасади, но функционираа два културни центра – францускиот и американскиот. Функционираа многу повеќе како културни центри, а помалку како агентурни локации, ако всушност имало потреба од такви агентури за толку мала и далечна југословенска република каква што беше Македонија.
Господинот Вињ беше човек близу шеесеттата, со уредно дотерана брадичка, бил новинар, писател и дипломат, така ми се претстави, ако добро се сеќавам. А се сеќавам дека не носеше обични чевли туку кломпи на боси нозе. Морам да признаам дека бев малку изненаден од тој недипломатски бонтон, но подоцна разбрав дека си имал мака со болки во стапалата.
Сите овие неважни детали ги спомнувам за да дојдам до најважното. Директорот на центарот во почетокот на разговорот се интересираше како е поставена и како функционира НИП „Нова Македонија“, потоа бараше од мене да му изложам како гледам на развојот на Република Македонија по независноста. Беше заинтересиран да чуе и каква е положбата на Албанците во Македонија. Ова последново беше безмалку главното задолжително прашање на сите подоцнежни амбасадори или други странски претставници што ја посетуваа „Нова Македонија“. По тоа прашање нивниот интерес беше централен.
Слушаше внимателно што слушаше, како културен човек не ме прекина во ниту еден момент додека зборував, иако и самиот себеси си забележував дека на некои места, за да бидам поубедлив, „чукам празна слама“. Му кажав што му кажав и, колку што можев да заклучам, нешто ми поверува, за нешто беше свесен дека го вртам за да се покажам поинфомиран отколку што сум.
Зеде збор, говореше мирно без повишување на тонот, рамна река. Со нешто се согласи, околу некои нешта изрази несогласување. Она што нема да го заборавам е неговата перцепција каде ќе се движи и што ја чека Македонија по одвојувањето од југословенската федерација. Негово мислење беше дека ние Македонците премногу и прерано се радуваме на независноста, а не знаеме и не можеме да претпоставиме какви проблеми, пречки и неизвесности нѐ очекуваат. Не зборуваше за некакви војни со кои беа зафатени другите републики, туку за другите насоки што ќе ја определуваат иднината на новата државна конституција, на новото уставно и општествено уредување.
Ми го кажа следново: Вашата држава, вашата политика, го напушти комунизмот како идеологија и како навигатор за државно управување го избра капитализмот како систем на владеење. Тој премин нема да биде лесен, може да биде трауматичен за многу луѓе. Во таа смисла сега имате избор меѓу три општествени капиталистички модели. Едниот е нордискиот, поточно шведскиот модел, кој се покажува како мошне успешен. Но вие сте далеку од него, премногу сиромашна земја сте, а и вашата национална и духовна култура е далеку зад нивната. Значи, тој не е за вас.

Вториот модел е францускиот, кој горе-долу, е сличен и присутен и во други европски земји. Тој подразбира сигурна и стабилна демократија, солидно организиран државен правен систем, развиена локална самоуправа, добро решена социјала, што подразбира успешно здравство образование и национална култура потпомогнати од државниот буџет. Таквиот модел најмногу би ви одговарал, но убеден сум дека вашето политичко раководство нема да го прифати. Вашето раководство ќе се определи за третиот модел, а тоа е американскиот капитализам. Него ќе го прифати, а тоа е најпогубното што ќе го направи Македонија.
На моето прашање зошто е такво неговото мислење и на што се потпира тоа, ми даде поподробно објаснување, особено за последиците од прифаќањето на американскиот модел. Притоа „мсје“ Вињ ме предупреди дека тој е член на француската Социјалистичка партија и изнесените погледи се повеќе израз на неговата политичка определба отколку мислење на официјалната француска политика.
Набројувам неколку од неговите објаснувања.
Вие набрзо ќе станете сурова и безмилосна капиталистичка држава. Каубојска држава, како Америка при формирањето. Во Македонија набрзо ќе почне жестока борба за распределба на капиталот, борба во која не се избираат средства да се стигне до целта. Приватизацијата ќе го покаже своето грдо лице, сите приватизации ќе се одвиваат криминогено, ќе се бие битка за долар повеќе.
Ќе завладее корупција, најпрвин во владата и меѓу министрите, потоа тоа ќе се движи до најдолните функционери. Ќе нема бесплатно здравство, бесплатно школство. Ќе доаѓаат странски капитал и нови газди што не знаат за милост, што не почитуваат ниту синдикални ниту човекови или работни права. Државата ќе биде во туѓи раце, не во ваши.
Треба да бидете свесни дека со менувањето на државното устројство ќе се менува и националниот менталитет на луѓето. Ќе има малкумина енормно богати и многумина сиромашни. Блиските ќе се оддалечуваат едни од други, секој ќе се плаши за своето работно место и за местото во општеството. Позната ви е реченицата од капитализмот дека „секој секому му е волк“. Семејствата нема да бидат сплотени како што биле порано, а брачните врски нема да бидат трајни и стабилни.

Потоа искажа предупредување и за меѓунационалните односи. Имајте на ум, кажуваше Андре Вињ, дека сте држава во која живеат повеќе националности, внимавајте на албанската, која искажува незадоволство од сегашниот третман и статус во општеството. Не знам во која насока ќе одат нивните барања, но не сум оптимист дека ќе бидат задоволни само со извесни шминкања на законите. Ако е така, нивното незадоволство ќе расте.
Тоа беше мојата прва, последна и единствена официјална средба со директорот на Францускиот културен центар во Скопје, пролетта 1992. Се видовме уште еднаш-двапати на нечии приеми, само се поздравивме како луѓе што се запознале и толку. Тој замина, јас ги доживував промените што ги навестуваа неговите добронамерни пророштва. Не само јас и вие што го прочитавте ова туку и цела трансформирана, реформирана и преобразена Република Македонија, сега Северна.