Фото: ЕПА

Анализа: Трите прстени на иранскиот ракетен противудар

  • Во една современа војна, концептот на војување веќе не познава географска оддалеченост. Она што вчера беше „далечна Европа“ од гледна точка на Блискиот Исток сега е „блиска Европа“ со новите софистицирани оружја

Долго време Европа во иранските воени калкулации можеше да изгледа како далечен континент, како простор на дипломатија, а и санкции, политички декларации и економски притисок.
Но во една современа војна, концептот на војување веќе не познава географска оддалеченост. Она што вчера беше „далечна Европа“ од гледна точка на Блискиот Исток сега е „блиска Европа“ со новите софистицирани оружја. Токму затоа, доколку конфликтот повторно ескалира, според мислењето на повеќе воени аналитичари, иранските можни воени цели пропорционално ќе се прошират, а периметарот на иранските цели може да се подели во три концентрични појаси.
– Тоа не е официјална иранска воена доктрина, туку начин да се разбере логиката на можната ескалација. Според логиката на војување, на Техеран му се дефинираат три различни појаси или т.н. периметри на одбрана или напад на непријателските цели.

Првиот појас е Персискиот Залив

Тука се најблиските и најочигледни американски и сојузнички воени капацитети, а тоа се бази, воздухопловни центри, поморски објекти и логистички јазли во заливските монархии.
– Катар, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Саудиска Арабија се географски блиску до Иран и затоа се најизложени на директна ракетна и беспилотна одмазда. Токму овој појас е и најлогичен од гледна точка на Техеран. Ударот може да биде релативно близок, политички разбирлив и насочен кон инфраструктура што директно го поддржува американското воено присуство. Но истиот појас има и слабост. Колку повеќе американските сили се распоредуваат наназад, толку повеќе растојанието станува фактор. Затоа втората линија на можната ескалација се поместува кон источниот Медитеран – велат нашите соговорници, генерали во пензија.

Вториот појас е источниот Медитеран

Тука влегуваат Турција, Сирија, Кипар и пошироката мрежа на британски, американски и НАТО-инфраструктури. Најважниот пример веќе не е хипотетички.
– Во март годинава, британската база „Акротири“ на Кипар беше погодена од ирански беспилотно летало, во периодот по американско-израелските удари врз Иран. Базата е еден од клучните британски центри за операции во регионот. Со тоа источниот Медитеран престана да биде само заднина на конфликтот. Тој стана дел од неговата оперативна зона. Турција, исто така, се најде во зоната на ризик откако во март беа пријавени ирански ракетни дејствија насочени кон подрачјето на Инџирлик, каде што постои долгогодишно американско воено присуство. Ракетите биле пресретнати. Ова е важен момент, затоа што ако сточниот Медитеран стане дел од конфликтот, границата меѓу „блискоисточен“ и „европски“ безбедносен простор практично исчезнува – велат нашите соговорници. А потоа доаѓа третиот, најнеобичен и за Балканот најважен појас.

Третиот појас: Југоисточна Европа

Во него се наоѓаат Бугарија, Грција и поширокиот балкански простор, како дел од европската воена инфраструктура што може да служи за логистика, транспорт, воздушно полнење гориво и поддршка на американските операции. Токму тука се случува суштинската промена во стратегиската слика.
Имено, Бугарија повеќе не е само членка на НАТО што политички стои зад западната политика кон Иран. Нејзината територија станува дел од воената логистика. Во јули 2026 година, бугарскиот парламент одобри привремено распоредување до осум американски танкери „KC-135“ и околу 250 американски припадници во базата „Безмер“, за поддршка на американските операции на Блискиот Исток. Софија истакна дека станува збор за логистичка функција и дека операциите кон Иран нема да се изведуваат од бугарска територија. Но од гледна точка на Техеран, токму тука лежи проблемот. Во современата воздушна војна, танкерот не е „само транспортен авион“. Тој е дел од системот што им овозможува на борбените авиони да останат подолго во воздух, да дејствуваат на поголеми растојанија и да ја зголемат оперативната длабочина. Затоа Иран веќе испрати дипломатски предупредувања до Софија поради американското присуство во Бугарија. Тоа е можеби најважниот сигнал за Балканот.
– Добро, тоа не значи дека Бугарија автоматски ќе биде нападната. Напротив, растојанието и ограничувањата на иранските системи остануваат сериозна пречка. Отворените процени покажуваат дека голем дел од иранскиот балистички арсенал е концентриран во категоријата до околу 2.000 километри, а способностите над таа граница се многу понеизвесни. И тука се гледа една од најголемите разлики меѓу првиот и третиот појас. Заливот е непосредна целна зона. Источниот Медитеран е проширена оперативна зона. А Бугарија е нешто друго. Тоа е потенцијална зона на ескалација, чие значење расте со секое дополнително американско воено распоредување. Тоа е разликата меѓу „можноста за напади“ и „стратегиската вредност на целта“, велат генералите, додавајќи дека Бугарија е оддалечена од Иран илјадници километри, но со новите воени трендови, ниту Европа, ниту Југоисточна Европа, ниту Бугарија не се изолирани од Блискиот Исток, напротив – заклучуваат соговорниците. Р.С.


Што ќе се случува со Балканот доколку конфликтот постепено се поместува кон европската воена инфраструктура?

Бугарија не е далечна точка на иранската воена мапа

Бугарија не е далечна точка на воената карта на Техеран. Дури може да се каже дека е во непосредна близина, членка на НАТО и дел од истиот регионален безбедносен простор. Доколку воената инфраструктура во Бугарија стане дел од поширока американска операција, секоја ескалација околу неа автоматски ќе има балканска димензија.

За Македонија ова прашање е особено чувствително

Без оглед дали Македонија директно учествува во конфликтот, за нас ова прашање е особено чувствително.
– Да се разбереме. Сето ова не значи дека Скопје станува воена цел. Но значи дека концептот на „оддалечена војна“ станува сè помалку убедлив. Воздушниот простор, цивилната авијација, енергетиката, бегалските текови, економските шокови, сајбер-безбедноста и политичкиот притисок можат да ја пренесат кризата многу порано од првиот проектил. И тука повторно се враќаме на трите појаси. Првиот е местото каде што се води војната. Вториот е местото каде што војната почнува да се шири. Третиот е местото каде што Европа сфаќа дека повеќе не е само публика. Бугарија е особено важна затоа што стои токму на таа граница. Не затоа што денес е неизбежна иранска цел, туку затоа што нејзината стратешка вредност расте во моментот кога американските воени операции се потпираат на инфраструктура сè подалеку од Блискиот Исток. Големите сили отсекогаш претпочитале војните да се водат далеку од нивните домови. Но во ерата на прецизни ракети, беспилотни летала, далекосежна авијација и глобална воена логистика, „далеку“ веќе не е географска категорија. Тоа е само прашање на километри. А за Балканот, особено за земја што се наоѓа веднаш до Бугарија, најважната лекција е токму таа: границата на еден конфликт не завршува таму каде што завршува мапата на боиштето. Понекогаш таа завршува таму каде што почнува следната писта – велат нашите соговорници, генерали во пензија. Р.С.


Може ли иранскиот удар врз Бугарија да заврши во Македонија?

Според нашите соговорници, поранешни носители на највисоки армиски чинови, најкраткиот, војнички одговор на дилемата поставена во насловот е: теоретски да, но како случајна последица од промашување – тоа не изгледа како најверојатното сценарио!
– За балистички проектил насочен кон конкретна воена инсталација во Бугарија, промашување од стотици километри не би било нормална последица на неговата декларирана прецизност. Иранската ракетна технологија, сепак, веќе не може да се опишува како примитивна. Отворените процени покажуваат голем распон меѓу постарите системи со релативно ограничена прецизност и поновите балистички ракети со маневрирачки боеви глави и подобрени системи за наведување. За прецизноста се користи параметарот CEP – кружна веројатна грешка, односно радиусот во кој статистички би паднала половина од истреланите ракети. Но тука има една суштинска разлика. Прецизноста на ракетата не е исто што и прецизноста на целиот напад. Грешката може да настане при изборот на координати, разузнавачките податоци, навигацијата, лансирањето, одржувањето на системот или во текот на летот.

Иранските понови ракети покажаа значително подобри способности, но отворените извори истовремено предупредуваат дека не може со сигурност да се утврди колку од погодоците во неодамнешните напади биле директно насочени кон конкретни објекти, а колку се резултат на поголемата концентрација на воената инфраструктура. Затоа, ако целта е воена база во Бугарија, многу пореален ризик за Македонија би бил „индиректен ризик“ отколку „промашена ракета“ – тврдат нашите соговорници со висока доза на сигурност.
Соговорниците образложуваат и што се подразбира под поимот „индиректен ризик“.
– Тоа би значело дефект на ракета и нејзин пад, секундарни ефекти од нападот, беспилотни летала или пошироко нарушување на воздушниот простор. Особено важен фактор е што современата противвоздушна одбрана не гарантира дека пресретнувањето се случува без остатоци; напротив, пресретнатата ракета може да произведе фрагменти што паѓаат над поширока област – велат тие. Р.С.


Грција разгледува „патриот“ за Бугарија

Грчкото Министерство за одбрана ја разгледува можноста за помош на Бугарија во зајакнувањето на нејзината воздушна и балистичка одбрана со распоредување систем „патриот“, објави АНА-МПА, повикувајќи се на извори од министерството. Одлуката би била донесена доколку Бугарија упати официјално барање и доколку тоа биде одобрено од грчкиот Совет за национална безбедност (КИСЕА). Според БТА, во услови на неодамнешните ирански закани кон европските земји, Атина разгледува повеќе сценарија. Едно од нив е преместување на батеријата „патриот“, моментално стационирана на островот Карпатос, во јужен Крит, доколку тоа биде потребно.
Грчките власти, сепак, нагласуваат дека безбедноста на Кипар останува приоритет. Во областа и натаму се распоредени четири грчки борбени авиони „Ф-16“ и фрегатата „Никифорос Фокас“. Само неколку дена по почетокот на американско-израелските напади врз Иран и иранските одмазднички напади врз земјите од Персискиот Залив, Грција веќе распореди батерија „патриот“ и два „Ф-16“ во северниот дел на земјата, по барање на Бугарија, за заштита на бугарскиот воздушен простор. Новото разгледување на можноста за дополнителна поддршка го потврдува засиленото безбедносно поврзување меѓу двете соседни НАТО-сојузнички во услови на растечки ризици од поширокиот регионален конфликт на Блискиот Исток и проширувањето на периметарот на ракетни противнапади од страна на Техеран. Р.С.


Што може да направи НАТО за македонското небо?

Во јавноста за ова прашање можеби постои една забуна, која нашите соговорници се обидоа да ја разјаснат.
– Таканареченото воздушно патролирање на НАТО не е исто што и противбалистичка ракетна одбрана. Македонија нема сопствена борбена авијација за извршување целосна т.н. мисија за воздушно патролирање. За потсетување, од 2021 година грчките воздухопловни сили ја презедоа оваа функција во рамките на НАТО. Алијансата официјално потврдува дека Грција и Италија го покриваат воздушниот простор на Македонија. Тоа значи дека НАТО има способност да набљудува, да идентификува и да реагира на одредени воздушни закани, особено авиони и други цели за кои борбените авиони се соодветно средство. Но балистичка ракета е сосема друг проблем. За неа се потребни радари за рано предупредување, командно-информациски системи и специјализирани пресретнувачи. НАТО има таква поширока архитектура, како на пример американскиот „Егис ашор“ (Aegis Ashore) во романскиот Девеселу, вториот во Полска, радарот во Кјуречик во Турција и командниот центар во Рамштајн и тие се делови од европската противбалистичка архитектура. Романија е особено важна за балканската слика, бидејќи нејзиниот систем „Егис ашор“ е еден од клучните елементи на натовата балистичка одбрана во Европа. Но тоа не значи дека секој проектил што би летал кон Бугарија или кон Македонија автоматски може да биде пресретнат. Геометријата на летот, висината, типот на ракетата, моментот на откривање и расположливите пресретнувачи се одлучувачки фактори. Дополнително, Бугарија веќе има добиено дополнително значење во оваа архитектура. Во март годинава беше објавено дека Грција ќе распореди „патриот“ и „Ф-16“ за поддршка на бугарската противракетна и воздушна заштита во контекст на иранската закана. Тоа ја прави сликата околу Македонија парадоксална.
Македонското небо е покриено со воздушното патролирање на НАТО, но тоа не значи дека над Македонија постои независен „штит“ од балистички ракети.
Ако би дошло до сериозен ирански напад врз цели во Бугарија, одбраната би била мрежна, со бугарски системи, грчки авиони и системи, романски „Егис ашор“, американски способности и поширокото НАТО-командување, кои би функционирале како различни делови од една архитектура. Колку од таа архитектура би била активирана за заштита на македонска територија би зависело од конкретниот напад и од процената на НАТО. Затоа, за Македонија поголемиот ризик не е дека Иран намерно ќе ја избере Македонија како цел, туку дека една војна што ја погодува Бугарија ќе произведе последици во соседниот воздушен и безбедносен простор. И токму тоа е најинтересниот дел за нас како поранешни активни припадници на АРМ. Имено, македонската безбедност во вакво сценарио не зависи од тоа дали Македонија е на иранската листа на цели, туку од тоа колку долго и колку длабоко НАТО ќе успее да ја задржи војната подалеку од европската територија – поентираат на крајот на својата елаборација нашите соговорници, генерали во пензија. Р.С.


Софија не очекува ирански напад врз американски цели во Бугарија

Бугарските власти засега не располагаат со релевантни разузнавачки информации за директна иранска намера за напад кон Бугарија, и покрај изјавите во јавноста и новинарските извештаи дека „Техеран би можел да разгледува напади врз американски воени објекти во Европа, вклучително и Бугарија“.
Министерот за одбрана на Бугарија, Димитар Стојанов, изјави дека процените на бугарските и западните разузнавачки служби покажуваат дека ризикот од ирански напад врз американски цели во Бугарија е исклучително низок. Според него, нема индикации дека Бугарија е директно загрозена.
Ваквата негова изјава следува по пишувањата на „Фајненшл тајмс“ дека Иран, во случај на нова ескалација на конфликтот со САД, би можел да разгледува цели во Јужна и Југоисточна Европа, меѓу кои и во Бугарија и на Кипар. Бугарскиот министер Стојанов подвлече дека бугарските служби се во контакт со своите партнери, вклучително и со британските разузнавачки структури.
Сепак, според процените на воени аналитичари и експерти, една од можните цели би можела да биде воздухопловната бугарска воена база „Безмер“, каде што се распоредени американски авиони танкери. Во Бугарија има и други објекти што се користат заеднички со САД, како полигонот „Ново Село“, логистичкиот центар кај Ајтос и базата „Граф Игњатиево“. Иако овие објекти би можеле да имаат стратешко значење во евентуална ескалација, официјална Софија засега не гледа непосредна опасност. Бугарските власти, сепак, внимателно ја следат ситуацијата поради зголемените тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Р.С.