- Партијата на Али Ахмети е родена со политичка метаморфоза и поттикната од странски западни центри за да ја одигра својата улога во процесот на завршување на југословенскиот распад. За жал или за несреќа, со нагласената косовизација на Македонија, која има свои претходни епизоди, се нарушија традиционалните добри македонско-албански односи. ДУИ не го виде тоа, а можеби не можел да го воочи, но сега е веќе доцна, затоа што дуваат нови геополитички ветришта. Партијата на Ахмети станува симбол на гетоизација, која е
очигледна на просторот меѓу Колари и Зајас - Битката за тронот кај интегративците е нормална, но таа не би требало да се прошири во поширокиот простор. Затоа што станува сѐ појасно дека некои други ќе ја градат заедничката куќа за да кажеме дека, сепак, и покрај сите болки и трауми што ги донесе војната, никој не загина залудно. Дека сите сме еднакви пред законите, дека се почитуваме и веруваме во тоа што го градиме за идните поколенија
Во пишувањето постои и таканаречен библиски метод, кој всушност е повторување одредени поглавја, реченици, појави и ликови. Бидејќи станува збор за обемна материја, тоа повторување има цел – да не се заборави претходно прочитаното. Така и јас ќе повторам одредени нешта од мојата архива, за да не се заборави. Во 2001 година требаше да правам интервју со Лоренс Батлер, тогашниот амбасадор на САД. Се подготвував, ги преведов прашањата и поткован заминав на интервјуто. Батлер беше неконвенционален тип, па така и го почна интервјуто. Ми вели, ОК, остави ги сега твоите прашања, имам порака. И ја кажа. „Ако јас сум сега премиер (беше Бранко Црвенковски) би размислил за коалиција со Али Ахмети“. И по некое време бидна таа коалиција и се случи нешто што не требаше да ѝ се случи на Македонија. Таа 2001 година е процепот низ кој во некоја друга димензија ни замина македонизмот и ни се накалеми една вештачка конструкција на бинационалност, нешто што немаше ама баш никаква основа или потреба за таков хибриден систем во кој сега уште сме заглавени. Но ни го скроија, а Ахмети и партијата родена со политичка метаморфоза – ги преслече воените униформи и создаде Демократска партија за интеграција, ДУИ. Како некоја политичка пеперутка. Дали пеперутката сега е во нова фаза, нова метаморфоза, дали има идентитетски проблем, лидерски проблем или историски е прегазена од времето и од нечии потреби? Многу прашања, но има смисла да се постават сега кога е јасно дека се тресат темелите во Мала Речица, но и почвата под сигурните нозе на неприкосновениот лидер Али Ахмети. Времето е тест за сите, па и за партии како ДУИ, кои имаат неавтентичен развој и идеолошки варијации. Се појавија како марксисти ленинисти, Ахмети не криеше дека има контакти со Осама бин Ладен во воениот виор, некои разузнавачки информации објавуваа дека токму тој им е јатак на триесетина борци на Хезболах утврдени на Скопска Црна Гора, дека го фаќа курсот на зелените, па и се ребрендираше во зелено, и сега е таму каде што сите можат да го гледаат ДУИ. Нема ѕидови зад кои може да ги скрие своите слабости, нема коалициски партнер, нема јасна поддршка за своите ставови. Ако некој се сомнева во ова за поддршката, да го потсетиме дека истото тоа, ако не и полошо, му се случува на Албин Курти на Косово, кој само правел проблеми, па и односот на Еди Рама, премиерот на Албанија, кон некои наши албански политичари, кои ги смета за опасни по неговото општество. Тоа се вика „санитарен коридор“.
Ќе го оставиме ДУИ со своите внатрешни проблеми, дворски игри, напластени проблеми, нерасчистени сметки, пари. Многу пари. А каде е мирисот на парата таму има големи проблеми. ДУИ е појава во македонскиот простор. Историска валоризација во една реченица – ДУИ/ОНА (дел од Албанците) крена оружје против Македонците, но и други припадници на малцинствата, кои загинаа бранејќи ја државата Македонија. Не кренаа оружје Македонците против Албанците. Историски факт. Дебатата или аргументацијата за мајоризација на Албанците, права, правда, не може да има иста тежина кога е во прашање оружен конфликт. И ниту еден мој пријател Албанец не ми кренал ни телефон да ми каже едно извини за тоа што албански терористи пукаа во нас. И убиваа. Значи ли тоа оправдување или страв? Времето ќе го донесе и тој одговор. Не може сите реки да течат низводно, само реката на ДУИ да оди пругоре. Остана кабаетот неказнет со политичката амнестија за воените злосторства. Остана неказнето етничкото чистење на Матејче, на Арачиново, на исчезнати и никогаш непронајдени киднапирани лица. Воените злосторства не можат да се покријат со трева ниту да се закопаат под земја.
Вториот подзаборавен факт потврден и од американскиот Стејт департмент – во 2001 година Македонија беше нападната од Косово, иако претходно таа прифати околу 500.000 бегалци од Косово. И тука е клучот на сите процеси што се засилуваат од таа 2001 година, процеси за кои тогашната албанска политичка сила концентрирана во ДПА под лидерството Џафери-Тачи рече дека упадот на косовски терористи е внатрешна албанска работа. Тоа не се согледа така. Уште една клучна поента – целата стратегија на албанската пропагандна машинерија, која одеше паралелно со развивањето на конфликтите, имаше главна цел да се пикне Македонија по секоја цена во косовскиот синџир на нерешени прашања, а тоа значеше и сѐ подалеку од ЕУ. Да се стави Македонија во матрицата на пансловенскиот експанзионизам, значи сојузник со Србија и со Русија, иако со Србија немавме ни договор за разграничување. И организации како Меѓународната кризна група, па и ОБСЕ влегоа во таа матрица, а секако дека тоа немаше да помине без цврста поддршка од повеќе западни центри. Македонија ја изгуби таа пропагандна војна и ја втурнаа во косовскиот конфликт, кој стана војна во Македонија. Иако „косовизацијата на Македонија“ почна многу порано со издавањето македонски пасоши на околу 150.000 Косовци, информација што никогаш не е демантирана, но е документирана. Што се направи со таа брза натурализација? Се увезе Косово со цифра, а се нарушија традиционалните македонско-албански односи во земјава. Односи што постоеле со децении или со векови. Се донесоа на раб на издржливост и македонските Албанци, затоа што се соочија со непознат социолошки и културолошки проблем. Така се случи Македонците и Албанците да заборават дека се познаваат и денес од Зајас ни се порачува дека ние Македонците сме биле гости на оваа земја, сме ја окупирале Македонија сосе сите македонски топоними за кои се знае од памтивек. Опасна реторика. Неодамна објавив колумна со наслов „ДУИ липа“ со порака дека пејачката Дуа Липа добро пее, но ДУИ опасно „јазично фалшира“. Затоа што никој, барем не овде во Македонија, не им ги одзел јазикот на Албанците и неговата употреба. Денес јазикот е поделба, етничка брана и доминација. Во општини каде што Албанците се мнозинско население, македонскиот јазик е ставен во втор план и тоа е нагласена политика. Зошто? Каде ќе нѐ одведе тој јазичен јазол? Мој извор, со кого отворено разговарав дали е можно Законот за јазиците да се врати во рамките од 2008 година, кусо ми одговори: „Тоа може да отвори војна“. Зошто? Дека ДУИ така сака? Дека Бујар Османи или Али Ахмети така сакаат?
Ова е прашање на наследство што го остава ДУИ под лидерството на Ахмети, партија што постојано нагласува дека воените чизми ги чува во шкафовите и е подготвена пак да се крене на оружје. Што има друго да понуди ДУИ сега во овој 21 век на трансформации и иновативности? Само куршуми ли има во својот политички сеф? Има ли додадена вредност што може да ѝ ја даде на Македонија? Од партија тоа се очекува, а не само да зборува од зори до мрак само и само за Албанците. Дали ДУИ останува на позиции дека може да живурка во енклава каква што е од Колари до Зајас каде што се веат само албански знамиња? Не ли тоа политика на гетоизација? Тоа ли Ахмети го остава како аманет? И тоа ли е миразот за македонската невеста?
Конечно, странците, кои денес се сѐ подалеку од Ахмети, го креваа во висина лидерот на ДУИ, па дури го сменија и дипломатскиот државен протокол, па голем број амбасадори и некои странски државници одеа на одделни посети кај лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Мала Речица. Тие протоколи беа удар врз унитарноста на државата. Исто такво влијание има и незаконската употреба на албанскиот јазик, со која тој се изедначува со службениот македонски јазик, како и истакнувањето на етничките симболи, кои всушност се симболи на друга држава. Но дури и така прифатени, тие не се употребуваат во согласност со законот. Дополнително, нагласената етничка политика при вработувањето достигна ниво во кое се бара дури и од приватните компании да вработуваат Албанци, што доведе до феноменот што ќе го наречеме „етничка економија“.
Ова е наследството со кое ќе треба да се справува идното раководство. И подобро е тоа да остане само во партиски граници наместо да биде наметнато како државен проблем. Во други држави одбраната од етноцентристички или од некои други антиуставни акции, нешто што ги нарушува традиционалните односи и балансот во општеството, се спречува со заштитен ѕид или со санитарен коридор. Самиот ДУИ го подигна тој ѕид. Некои други ќе ја градат заедничката куќа за да кажеме дека, сепак и покрај сите болки и трауми што ги донесе војната, никој не загина залудно. Дека сите сме еднакви пред законите, дека се почитуваме и веруваме во тоа што го градиме за идните поколенија.


































