Фото: Маја Јаневска - Илиева

Политиката се темели на разговори. Јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај ние ќе продолжиме да разговараме. Знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ќе се обидеме да го најдеме решението, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Амбасадорскиот совет. Истакна дека нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита на правата за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница.

Во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавата на бугарскиот премиер Румен Радев дека ќе го поддржи проширувањето на ЕУ, но дека и натаму остануваат на оние барања за исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во земјава, Мицкоски рече дека нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница.

-Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница. И тоа не го зборувам само јас, туку тоа го зборува и Советот на Европа, којшто ги третира човековите права и затоа и мониторинг и постмониторинг мисијата ја прекина во земјава, што значи дека човековите права на сите заедници на сите граѓани се гарантирани со нашиот Устав. И сега тука доаѓаме до втората тема, а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата, имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано дека ќе ги почитува човековите права, а од друга страна континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО Илинден Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на Судот за човекови права во Стразбур – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека партнери треба да разговараат партнерски искрено, а соседите исто така треба да разговараат и, јас сум, вели, подготвен секогаш да разговарам на оваа тема.

-Јас сум подготвен во кој било момент да седнам и да разговарам, а за средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето, ниту на неговото време. Очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближат позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен да седнам со него – потенцира Мицкоски, додавајќи дека досега немало иницирано директна средба на кое било ниво.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарскии прашања пред почетокот на Амбасадорскиот совет, рече дека од посетата на неговиот чешки колега на земјава Петр Мацинка е пратена клучна порака дека за Чешка е приоритет што побрзо да станеме полноправна членка на Европската Унија.

-Тоа што би сакал да го истакнам е дека колегата Мацинка прати неколку клучни пораки. Прво, дека за Чешка е приоритет дека ние треба што побрзо да станеме полноправна членка на Европската Унија. Второ, дека многу се ценат напорите коишто нашата држава ги има направено во последниот период, насочени кон полноправно членство. И исто така прати јасна порака дека тие како држава ги разбираат нашите позици и имаат за цел да помогнат доколку е возможно да се изнајде некое соодветно решение за да можеме ние да ги отвориме преговорите. Така што, доколку јас би ја ценел оваа изјава, би ја ценел низ призмата на максимална поддршка којашто Чешка ни ја дава како принципиелен и долгогодишен поддржувач – рече Муцунски прашан за коментар за изјавата на Мацинка дека уставните измени не се билатерално прашање, туку прашање меѓу земјава и ЕУ.

Во однос на изјавата на Мацинка дека Чешка е против промени на начинот на одлучување во ЕУ, шефот на македонската дипломатија рече дека е нессодветно да коментира за тоа како одделни земји-членки се поставуваат во рамките на внатрешните реформи на Европската Унија, бидејќи ние не сме членка на ЕУ.

– Мацинка прати јасна порака дека Чешка сака да биде наш сојузник во изнаоѓање на соодветно и одржливо решение. Беше прилично јасен, барем јас тоа што го слушав во неговите пораки во таа смисла. Во однос на тоа како поединечни земји членки се поставуваат во рамките на внатрешните реформи на Европската Унија, е сосема несоодветно ние да даваме коментар, ние не сме земја членка на ЕУ. За нас она што значи е поддршката што ја добивме во текот на вчерашниот ден, којашто е јасна и не беше само насочена кон прашања поврзани со Европската Унија, туку со него има и прилично голема бизнис делегација, голем број на туроператори, разговаравме за отворање на повеќе директни линии, компании во делот на дигитализацијата, така што нашата соработка е да, Европската Унија, но и многу други значајни сегменти за двете држави и нашите граѓани – додаде Муцунски.

Амбасадорски совет се одржува денеска и утре во Скопје, со учество на шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство. Ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во нашата држава, со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, пренесува МИА.