Ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“ годинава се одржува по 18-ти пат, во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.
На годинашното издание учествуваат седум скулптори – Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески.
Уметниците работат на монументални скулптури наменети за јавен простор, со што колонијата продолжува да ја реализира својата основна идеја – создавање трајни уметнички дела кои ќе бидат дел од урбаниот и јавниот простор.
Колонијата е дел од годишната програма на Центарот за култура „Марко Цепенков“ за 2026 година во областа на визуелните дејности, поддржана од Министерството за култура и туризам. Годинава манифестацијата е поддржана и од Општина Прилеп.
Координаторот на колонијата, Марјан Стојаноски, вели дека значењето на манифестацијата е токму во поврзувањето на современата уметност со просторот во кој живее заедницата.
– Колонијата е значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел – уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата – вели Стојаноски.
Според него, создавањето монументални скулптури овозможува трајни уметнички интервенции кои го збогатуваат јавниот простор и придонесуваат кон градењето на препознатливиот идентитет на градот.
Во текот на колонијата, уметниците преку непосредната работа и размената на идеи го истражуваат односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето, создавајќи дела кои имаат потенцијал да останат како трајно културно наследство.
– Со 18-тото издание на колонијата ‘Марко Цепенков – Дрен 2026’, продолжуваме да градиме мостови меѓу уметниците, граѓаните и јавниот простор, создавајќи културна вредност која ќе остане и по завршувањето на манифестацијата – истакнува Стојаноски.
Тој додава дека Прилеп со ваквите проекти продолжува да инвестира во уметноста како дел од градскиот простор и културниот идентитет.
– Прилеп создава, поддржува и остава трага. Уметноста е дел од нашиот простор, нашиот идентитет и нашето културно наследство – порача Стојаноски.
Ka.M.




































