Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска изјави дека дијалогот со Бугарија за надминување на спорот и деблокирање на европските интеграции на земјава е постојан, иако неговиот интензитет варира во зависност од периодот, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање, Муцунски рече дека Владата од почетокот на својот мандат континуирано разговара за изнаоѓање праведно решение, во согласност со позициите на Македонија.
Тој посочи дека црвените линии на земјава се однесуваат на историјата, идентитетот, јазикот и културата.
„Не е праведно нашите преговори постојано да заглавуваат на тема поврзана со нашиот идентитет, јазик, историја и култура“, рече Муцунски, додавајќи дека овие позиции повеќепати биле претставени и пред домашната јавност и пред меѓународните партнери.
Според него, Македонија очекува систем на гаранции од европските институции, почитување на реципроцитетот во однос на човековите права и решение што ќе ги заштити позициите на земјава поврзани со идентитетот, јазикот, културата и историјата.
Во однос на разговорите со Европската Унија, Муцунски информираше дека во изминатите неколку недели немало поконкретни активности поради периодот на колективни годишни одмори во земјите членки и европските институции.
Сепак, тој најави дека во наредниот период се очекуваат повеќе посети и разговори. Меѓу нив е и посетата на чешкиот министер за надворешни работи, при што, како што рече Муцунски, прашањето за европската интеграција на земјава се очекува да биде една од темите.
Министерот нагласи дека дијалогот треба да продолжи, но и понатаму да се води врз основа на јасно утврдените позиции на македонската страна.


































