Разговор со Ангела Тасеска, биолог и едукаторка на работилници за деца под отворено небо
- Важен дел од едукацијата во природа е и осознавањето како правилно да се однесуваме кон неа. Затоа, кога ќе пронајдеме инсект или друго мало животно, го набљудуваме кратко и внимателно, а потоа го враќаме токму таму каде што сме го пронашле. Не мора секое животно да го фатиме, секој цвет да го скинеме, секој интересен предмет да го однесеме дома. Најдобар начин за да покажеме љубов кон природата е да ги оставиме нејзините жители таму каде што припаѓаат
Постојат многу начини квалитетно да се исполнат деновите од летниот одмор. На дечињата од Струга и Охрид, Охридско Езеро им е на дофат и можат секојдневно да пливаат и да уживаат во водните лудории. Сепак, биологот Ангела Талеска се погрижи тие да доживеат незаборавни авантури запознавајќи ја природата од еден поинаков и повистинит агол. Имено, таа е креаторка на работилниците за деца „Растеме во природа“, кои ги реализира неколку години, а интересот за нив постојано расте.
– Што ќе се случи ако на децата наместо готова играчка им дадеме лупа, мала кутија за набљудување и слобода да истражуваат? Одеднаш, тревникот станува лабораторија, паднатото стебло цел еден свет, а едeн мал инсект може да предизвика десетици прашања. Токму така изгледаат работилниците „Растеме во природа“, каде што децата на неколку часа ја заменуваат класичната училница со природа и стануваат мали истражувачи – ни раскажа Тасеска.
На работилницата на која ние присуствувавме, децата добија задача да ги истражат животинскиот и растителниот свет околу себе.
– Уште на самиот почеток се договоривме за едно важно правило, а тоа е дека во природата не сме никогаш сами. Околу нас има безброј живи организми, иако не секогаш ги забележуваме. Затоа треба да се движиме внимателно, да набљудуваме и да се однесуваме со почит кон секое живо суштество што ќе го сретнеме – објаснува Ангела Тасеска.
За некого обична тревка, за некого – цел свет!
Таа споредува дека кога возрасните ќе погледнат во еден тревник, најчесто велат: „Трева“, но кога децата ќе застанат во истиот тревник со лупа во рацете, приказната е сосема поинаква.
– Тие забележуваат мравки што носат храна, инсекти скриени под лисјето, пајаци што трпеливо ја градат својата мрежа, различни цветови, семиња, траги од животни и безброј ситни детали што обично ги одминуваме – раскажува Ангела.
Со лупи и друга истражувачка опрема, децата пребаруваа низ тревата и внимателно гледаа под листовите и околу растенијата. Секое ново откритие веднаш отвораше ново прашање: „Што е ова?“, „Зошто има вакви нозе?“, „Дали лета?“, „Што јаде?“, „Дали каса?“, „Каде живее?“ А токму прашањата се можеби најважниот дел од една ваква работилница.
– Целта не е детето да запомни десет имиња на видови. Многу поважно е да научи да забележува, да ги разбуди сите сетила и да се запраша зошто нешто изгледа или се однесува на одреден начин и самото да се обиде да дојде до одговор – подвлекува нашата соговорничка.
Едно од највозбудливите нешта за децата е откритието дека животните не мора секогаш да бидат големи за да бидат интересни. Понекогаш е доволно внимателно да погледнеме под паднат лист, во почвата или околу старо парче дрво. Таму може да се пронајдат мравки, пајаци, стоногалки, различни ларви и многу други ситни организми. Секој од нив има своја улога во природата.
– Дел од нив помагаат во разградувањето на мртвата органска материја. Други се храна за поголеми животни. Некои ги опрашуваат растенијата, а трети се предатори што го контролираат бројот на други ситни животни. На тој начин децата почнуваат да разбираат една од најважните лекции во биологијата, а тоа е дека во природата сè е поврзано. Исчезнувањето или намалувањето на еден вид може да влијае и врз многу други организми – нагласува Тасеска.
Во природата сè е поврзано
Важен дел од едукацијата во природа е и осознавањето како правилно да се однесуваме кон неа. Затоа, кога ќе пронајдеме инсект или друго мало животно, го набљудуваме кратко и внимателно, а потоа го враќаме токму таму каде што сме го пронашле. Не мора секое животно да го фатиме, секој цвет да го скинеме, секој интересен предмет да го однесеме дома. Најдобар начин за да покажеме љубов кон природата е да ги оставиме нејзините жители таму каде што припаѓаат
– Заштитата на природата започнува со едукација од најмала возраст, со малите постапки, внимателно да го вратиме каменот што сме го подигнале, да не ја уништиме пајаковата мрежа, да не оставиме отпад зад себе и да не повредиме животно само затоа што ни изгледа необично – советува Тасеска.
Таа ни раскажа дека на работилниците, децата често се соочуваат со страв од непознатото. „Се плашам од бубачки!“, „Пајак!“, „Не сакам да го допрам!“, се реченици што може да се слушнат од некои деца.
– И тоа е сосема во ред. Никој не мора да допре животно ако не сака. Но можеме да го погледнеме од безбедна близина, да дознаеме нешто повеќе за него и постепено да го замениме стравот со љубопитност – вели Ангела.
Кога детето ќе дознае дека едно необично животно има своја задача во природата, дека не го „брка“ човекот и дека најчесто само се обидува да преживее, неговиот однос кон него почнува да се менува.
Затоа, според Тасеска, една од најубавите промени што може да се забележат на ваквите средби е моментот кога: „Леле, бубачка!“ ќе се претвори во: „Тетка Ангела, дојди да видиш што најдов!“
Бесконечни можности за учење и за игра!
На работилница во природа не се очекуваат чисти патики и беспрекорно чиста облека. Се седнува на земја, се допира почва, се истражува трева. Понекогаш ќе се извалкаат колената, понекогаш ќе се залепи лист на маицата, а некогаш ќе се вратиме дома и со малку кал. Но токму преку тие непосредни искуства децата учат.
– Едно е да видат фотографија од инсект во книга, а сосема друго е самите да го забележат, да го набљудуваат движењето на неговите нозе и да се запрашаат каде оди. Едно е да прочитаат дека почвата е полна со живот, а друго е да клекнат и самите да го откријат тој живот – посочува Ангела.
Природата им овозможува да учат истовремено со очите, ушите, рацете, носот и преку движењето на целото тело.
– Една од идеите зад „Растеме во природа“ е да им покажеме и на децата и на возрасните дека за квалитетна детска игра не се секогаш потребни многу играчки и специјална опрема. Стапче може да стане дел од истражувачка мисија. Шишарка може да биде предмет за споредување и броење. Листовите можат да се подредуваат според форма, боја и големина. Камењата можат да кријат приказни стари милиони години. А еден квадратен метар тревник може да биде доволен за половина час истражување – вели таа.
Кога на децата ќе им оставиме простор самите да забележуваат и да создаваат игра, природата нуди речиси бесконечни можности.
– По неколку часа поминати надвор, можеби најважниот резултат не е колку видови сме успеале да пронајдеме. Поважно е детето следниот пат кога ќе оди во парк да застане пред цвет што претходно само би го одминало. Да погледне под лист. Да слушне птица и да се запраша која е. Да забележи мравка и наместо веднаш да ја згази, да застане и да види каде оди. Токму од таквата љубопитност започнува вистинското запознавање со природата. А она што детето ќе го запознае, многу полесно ќе научи и да го сака. И она што ќе го засака – еден ден ќе сака и да го заштити – подвлекува Ангела Тасеска.
Мала истражувачка мисија
Следниот пат кога ќе излезеш во парк или во природа, обиди се за десет минути да пронајдеш:
три различни форми на лисја;
еден инсект, без да го повредиш;
нешто што има интересен мирис;
трага дека некое животно било таму;
нешто во природата што никогаш претходно не си го забележал.
Не мора ништо да понесеш дома. Можеш да го фотографираш, да го нацрташ или едноставно добро да го запомниш. Најдобриот истражувач не е оној што собира најмногу, туку оној што забележува најмногу.




































