Швајцарски искуства за флексибилен систем

Енергетиката на Македонија 2026-2030

Нестабилноста на светските енергетски пазари, дополнително засилена од актуелните геополитички конфликти, уште еднаш потврди дека енергетската сигурност не е само економско туку и стратешко прашање. Токму затоа сметам дека е вистински момент да се отвори дискусија за тоа каде треба да се движи македонската енергетика во периодот 2026-2030 година.
Денешниот инвестициски импулс во енергетиката во Македонија, како и глобално, е јасен: се инвестира во фотоволтаици, а во помал обем и во ветерни електроцентрали. Тоа се проекти со низок развоен ризик и кратки рокови, лесни за финансирање и изградба, но, за жал, не носат значителни вработувања (освен кај производителите на опрема, кои се главно во НР Кина), а често користат и државни субвенции.
Друг проблем е што, кога овие капацитети се развиваат без соодветно планирање, капацитети за складирање и јасни пазарни правила, нивната системска вредност е ограничена. Производството е најголемо тогаш кога сите произведуваат, а најмало кога системот има најголема потреба од енергија.
Паралелно, неоспорен факт е дека во Македонија базната енергија од јаглен е практично на излезната врата. И „Битола“ и „Осломеј“ се стари централи со високи еколошки и оперативни трошоци, а нивна реална замена за евтина базна енергија засега нема. Со други зборови, „евтината базна енергија“ повеќе нема да постои. Во тој контекст, нуклеарна централа или мали модуларни нуклеарни реактори не се реална опција за Македонија на краток и среден рок.
Затоа стабилноста ќе ја обезбедува флексибилен енергетски систем што ќе складира евтина енергија, во македонскиот случај пред сè сончева енергија, и ќе ја испорачува тогаш кога нејзината вредност и потреба во системот се најголеми.
Логичниот следен чекор е инвестирање во флексибилност: пумпно-акумулациони постројки, батериски системи и интеграција со европските пазари на електрична енергија. Само така флексибилноста ќе добие реална економска вредност, а големите проекти како „Чебрен“ и „Галиште“ ќе добијат вистинска системска улога и можност за реализација.
Во актуелниот контекст на намалување на употребата на фосилни горива и забрзан пробив на електричните возила, очигледно е дека ќе мора да ја замениме зависноста од фосилните горива со флексибилен електроенергетски систем, базиран на складирање, паметно управување со побарувачката и регионална трговија со електрична енергија.
Во таа насока, државата треба да се фокусира на три клучни оски на развој.
Прво, инвестициите во соларни панели и во помал обем во ветерни електроцентрали ќе продолжат бидејќи тоа е економски рационално. Но без јасна стратегија тие можат да донесат повеќе проблеми отколку решенија. Новите мегавати мора да дојдат со јасен план за интеграција во преносната и дистрибутивната мрежа, како и со механизми за обезбедување флексибилност.

Тука искуствата од Швајцарија можат да бидат особено корисни. Фотоволтаиците треба да бидат рамномерно дистрибуирани низ мрежата, а не концентрирани во големи капацитети приклучени само на преносниот систем. Истовремено, потребно е да се поттикнуваат батериските системи, локалните енергетски заедници и активното учество на потрошувачите во управувањето со енергијата.
Второ, „евтината базна енергија“ каква што ја знаевме нема повторно да се појави. Во моментов нема реални предуслови ниту за нова голема термоенергетика, ниту за значајна нуклеарна програма во Македонија до 2050 година. Стабилноста ќе доаѓа од комбинација на флексибилност, складирање и регионална трговија преку интегрирање во европскиот пазар на електрична енергија. Сончевата енергија ќе го замени јагленот многу побрзо отколку што многумина очекуваат.
Трето, хидропортфолиото подразбира довршување на ревитализациите без застој и развој на нови пумпно-акумулациони хидроцентрали со јасно дефинирана пазарна улога.
Еден од најуспешните проекти во насока на зголемување на сигурноста и флексибилноста на системот, финансиран од германската КфВ банка во периодот 2007-2014 година, беше втората фаза од ревитализацијата на големите хидроцентрали во Македонија. Целта беше поголема доверливост, повисока ефикасност и намалување на испадите, а резултатите покажаа дека ваквите инвестиции носат брз и мерлив ефект. Токму затоа третата фаза од ревитализацијата на големите хидроцентрали треба да се реализира што е можно побрзо. Тоа е реална, технички подготвена и релативно лесно остварлива инвестиција со значително влијание врз сигурноста на системот.

Истовремено, македонската енергетика треба да го извлече најважното искуство од Швајцарија. Денес големите пумпно-акумулациони електроцентрали како „Нант де Дранс“ и „Лимерн“ не се користат пред сè за производство на енергија, туку за складирање евтина енергија и нејзино враќање во системот кога побарувачката и цените се високи. Водата практично станува енергетска батерија. Тоа е и вистинскиот начин на кој треба да се гледа на „Чебрен“: не само како на уште една хидроцентрала туку како на потенцијална регионална батерија што ќе обезбедува флексибилност за Македонија и поширокиот регион.
Понатаму, потребно е да се пронајде соодветен модел за реализација на „Чебрен“. Дали тоа ќе биде државата, јавни претпријатија, приватни инвеститори или комбинација од нив не е политичко, туку финансиско и економско прашање на кое одговор треба да дадат стручните лица.
Оваа комбинација – ревитализации, нови хидро и пумпно-акумулациони постројки, складирање на енергијата и европска пазарна интеграција – претставува најреалниот пат кон сигурен, конкурентен и одржлив електроенергетски систем во периодот 2030-2035 година.
Во следните колумни ќе се обидам да дадам мое видување за тоа кои се техничките и финансиските аспекти на проектите „Вардарска Долина“, „Бошков Мост“ и „Луково Поле“; и зошто „Чебрен“ има вистинска смисла само како регионална водна батерија во рамките на интегрираниот европски пазар на електрична енергија, како и на кој начин овие проекти можат да се финансираат во актуелниот енергетски контекст.

(продолжува)

Игор Николов

Авторот е инженер и проект-менаџер вохидроенергетиката (Швајцарија)