РАКОМЕТ – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „СТРУГА 2026“

  • Охриѓани први се пласираа во финалето, додека на
    Вардар и реми на вчерашниот дуел со Бутел Скопје ќе му беше доволно да игра во денешното финале

Охрид прв се пласираше во финалето на 54. издание на Меѓународниот ракометен струшки турнир 2026, кој го носи името „Вангел Баљукоски-Баљук“, откако славеше со 26-21 над српскиот претставник Дубочица од Лесковац, на вториот натпреварувачки ден, додека вториот финалист требаше да биде познат по вчерашните дуели. Со новите бодови и со претходните три од дуелот со Струга, охриѓани се први во групата Б и денеска бранителот на титулата од лани ќе се бори за нов трофеј на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“. Сепак, потешко од очекуваното, избраниците на тренерот Борис Ројевиќ стигнаа до посакуваната победа, откако Дубочица одигра послабо во второто полувреме. Најдобар кај охриѓани беше Тилен Стрмљан со шест гола, Доменик Мате даде пет, а голманот Дино Славиќ имаше девет успешни одбрани. Кај Дубочица, прв поентер беше Вања Николиќ со пет погодоци.
Екипата на Прилеп по поразот од Вардар во првото коло во групата А ја забележа првата победа на турнирот, совладувајќи го Бутел Скопје со 31-29. Во неизвесен меч на вториот натпреварувачки ден, најзаслужни за победата на прилепчани беа искусниот голман Благојче Трајкоски, кој забележа 12 одбрани, и Димитар Димитриоски, кој беше прв стрелец со осум погодоци. Кај Бутел Скопје, Лука Јовиќ погоди седум пати, а голманот Марко Богдановски имаше седум успешни интервенции. Вчера на турнирот играа Струга – Дубочица и Вардар – Бутел Скопје. На црвено-црните и реми ќе им беше доволно да играат во денешното финале (20.30 ч). Претходно, денеска на турнирот се и натпреварите за петто место (10 ч.) и за трето место (18.30 ч.). Г.И.