Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, откако САД ќе го поразат Иран, ќе го прогласи Ормускиот Теснец за „територија на Соединетите Американски Држави“.
-Откако ќе завршиме со поразувањето на Иран, кој е сериозно поразен, наскоро ќе го прогласам Ормускиот Теснец за територија на Соединетите Американски Држави – рече Трамп со насмевка на политички настан во полицискиот центар за обука во Гарден Сити, во американската сојузна држава Њујорк.
-Во суштина, тоа и е. Ние ја имаме блокадата. Ниту еден брод не поминува ако ние не го дозволиме тоа – додаде тој.
Не беше веднаш јасно колку е сериозна изјавата на Трамп и дали таа претставува нов став на американската администрација, објави британски „Гардијан“. Според „Волстрит журнал“, претставник на Белата куќа подоцна изјавил дека американскиот претседател се шегувал.
На изјавата реагираше заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади.
-Ормускиот Теснец не може да биде преземен со твит, носач на авиони, указ или предизборен говор. Иран не се плаши од закани ниту од демонстрација на сила – напиша Гарибабади на платформата Икс.
Трамп претходно за „Фокс њуз“ најави дека САД дополнително ќе го засилат економскиот притисок врз Иран. Тој порача и дека нема да се извини поради повисоките цени на горивата, оценувајќи дека спречувањето на Иран да дојде до нуклеарно оружје ја оправдува цената што ја плаќаат Американците.
-Она што го правиме е голема услуга за светот, а не само за нас – рече Трамп.
Ормускиот Теснец е една од најважните светски рути за транспорт на енергенси. Пред почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран на 28 февруари, низ него минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта. Сообраќајот во теснината сега е речиси запрен, објави Ројтерс.


































