Владата и Министерството за транспорт продолжуваат да бараат решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници по воведувањето на системот „ЕЕС“ (Entry/Exit System) во Европската Унија, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Одговарајќи на прашање за најавите од дел од превозниците дека би можеле да организираат протести доколку до 1 септември не се најде решение, Николоски рече дека Владата е во редовна комуникација со превозничките здруженија и дека се работи на конкретни решенија преку билатерална соработка со земјите од Шенген-зоната.
– Имаме редовни средби, ако не на една недела, тогаш на две недели. Имаме одлична соработка. Во однос на проблемот што настана со воведувањето на ‘Ентри-егзит’ системот на Европската Унија, ние го правиме нашиот максимум и превозниците имаат целосна поддршка – изјави Николоски.
Тој посочи дека прашањето е во надлежност на ЕУ и Шенген-зоната, но дека Македонија презема конкретни чекори за намалување на последиците преку склучување билатерални договори со одделни земји.
Според Николоски, Македонија веќе има такви договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, додека интензивно се работи на договори со Австрија, Унгарија и Германија.
– Очекувам во текот на октомври да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин да бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто работат или транзитираат – рече тој.
Во врска со најавените протести, Николоски оцени дека тие не се најдоброто решение и дека приоритет треба да биде продолжувањето на разговорите и изнаоѓањето конкретни решенија.
– Мислам дека е поконструктивно да наоѓаме решенија и не мислам дека протестите се решение. Секако, тие се крајна форма, но ние во изминатиот период наоѓаме решенија и ќе продолжиме да ги наоѓаме – нагласи министерот.
Николоски додаде дека смета оти дел од притисоците поврзани со ова прашање имаат и политичка заднина од соседството.
– Она што го добив како чувство е дека една соседна држава прави притисок за таа работа пред сè од политички причини. Нека си ги решаваат своите проблеми. Ние имаме индивидуален пристап и ќе ги решаваме проблемите онака како што мислиме дека е најдобро – истакна тој.
Министерот се осврна и на пристапот кон земјите од регионот, нагласувајќи дека Македонија треба самостојно да ги застапува своите интереси, наместо проблемите да се третираат колективно под етикетата „Западен Балкан“.
– Не смееме да паѓаме во замката на колективизација на проблемите. Долго време има обид целиот регион да биде претставен како едно. Ние славиме 35 години независност за некоја недела и враќањето назад би било најлошото нешто што може да ѝ се случи на државата – порача Николоски.
































