РАКОМЕТ – 54. МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „СТРУГА 2026“
Бранителот на трофејот на струшкиот турнир, кој го носи името „Вангел Баљукоски-Баљук“, екипата на Охрид, забележа победа во почетокот на 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир во Струга, откако на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ во групата Б го победи домаќинот Струга со 37-24 (16-13). Во таа група Бутел Скопје беше слободен. Вардар, пак, го совладаа Прилеп со 39-29 (18-13) во првото коло во групата А, откако доминираше во текот на целиот натпревар. Слободна беше екипата на Дубочица од Лесковац (Србија). Првопласираните екипи во двете групи ќе играат во утрешното финале (од 20.30 ч), а истиот ден се и дуелите за петтото (од 10 ч.) и за третото место (од 18.30 ч.).
Охрид го доби езерското дерби против Струга и ја оправдаа фаворитската улога, особено во вторите 30 минути. Никола Зечевиќ со шест гола и Мартин Ивановски и Дарко Ѓукиќ со по четири беа најефикасни кај победникот, а кај стружани Никола Јукиќ постигна седум погодока. На охриѓани за сигурно финале ќе им биде потребна победа на дуелот со Дубочица.
Црвено-црните имаа контрола во текот на целиот меч, а на одмор се замина со резултат 18-13. Најефикасни на мечот беа прилепчаните Виктор Јанковски и Андреј Стојановски со по седум гола, а кај Вардар по шест погодоци реализираа новите засилувања Матео Фадуил и Леон Љевар.
Вчера на турнирот играа Прилеп – Бутел Скопје и Охрид – Дубочица, а денеска се дуелите Струга – Дубочица (од 18.30 часот) и Бутел Скопје – Вардар (од 20.30 часот).
Струшкиот турнир се игра од 1973 година и е најстар ракометен турнир во Македонија, а рекордери според бројот на освоени трофеи (по 14) се Вардар и Еурофарм Пелистер. Г.И.
































