Фото: ЕПА

Соединетите Американски Држави во моментов ја преиспитуваат својата нуклеарна стратегија, изјави заменик-министерот за одбрана Елбриџ Колби, пренесе ДПА.

Според Колби, станува збор за ограничена ревизија што се однесува на специфични сценарија поврзани со потенцијалната употреба на нуклеарно оружје.

 – Целта е да се зачуваат одвраќањето и стабилноста – изјави тој.

Колби посочи дека американската војска досега била организирана така што можела да спроведува операции насочени кон промена на режими, но дека во иднина фокусот ќе биде ставен на одбранбените капацитети и спречувањето конфликти.

Тој нагласи дека новиот пристап ќе биде насочен кон заштита на територијалниот интегритет на американските сојузници.

Минатата недела телевизиската мрежа „Ен-би-си“ објави дека Колби работи на нова нуклеарна стратегија која би можела да предвиди употреба на тактичко нуклеарно оружје со краток дострел во случај на регионален конфликт со Кина или Русија.

Американските медиуми, повикувајќи се на извори запознаени со плановите на Пентагон, наведуваат дека анализите се однесуваат на можни сценарија во кои би биле загрозени или нападнати американските сојузници.