Со свечена седница на Владата денеска беше одбележана 25 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Беким Сали, прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, и Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт во своите обраќања потенцираа дека овој историски договор остави силна трага во развојот на државата, пренесе МИА.
– Четврт век е доволно долг период за да се извлечат одредени поуки, но и да се видат одредени работи од дистанца. Да се даде и еден осврт којшто е и може да е пообјективен од она што се случувало во тие денови. Дел од актерите се помеѓу нас, дел од актерите за жал не се повеќе помеѓу нас – рече вицепремиерот Николоски.
Македонија, додаде тој, беше зафатена од една од најтешките кризи во поновата историја. – Конфликтот чукаше на врата, носеше неизвесност, поделби, страв и државата беше на ивицата да стане држава на поделби, на раздор и на силен национализам. Пред 25 години државата можеше да тргне по тој пат, но избра да тргне по сосема друг пат — по пат на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање – потенцираше Николоски.


































