Фото: ЕПА

Во Грција во изминатата седмица се регистрирани 45 нови случаи на вирусот Западен Нил, со што вкупниот број заразени од почетокот на летото достигна 110. Во истиот период се регистрирани и три нови смртни случаи, според неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).

Од вкупно 110 заразени, кај 81 пациент биле забележани симптоми поврзани со централниот нервен систем, како енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Кај останатите 29 лица симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Од почетокот на летото починале девет лица заразени со вирусот, сите постари од 65 години, со просечна возраст од 82 години. Од заразените, 35 лица се хоспитализирани, 61 пациент е пуштен од болница, додека петмина не требало да бидат хоспитализирани.

Од ЕОДИ посочуваат дека бројот на регистрирани случаи со симптоми на централниот нервен систем не ја покажува целосната распространетост на вирусот, бидејќи значителен дел од инфекциите минуваат со благи или без симптоми.

Најголем број случаи, односно 77, се регистрирани во Атика, поширокиот регион на Атина. Останатите случаи се во Тесалија, северна Грција и на Пелопонез, додека пет случаи сè уште се во фаза на епидемиолошко истражување.

Поради зголемувањето на бројот на заразени во Атика, регионалните власти најавија зголемување за 30 отсто на насочените активности за сузбивање на комарците, вклучително и дополнителни прскања од копно и од воздух.

Првиот случај на вирусот Западен Нил во Грција оваа сезона беше регистриран на почетокот на јули. Вирусот, кој го пренесуваат комарци, е присутен во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 година наваму.

Најтешка година била 2018, кога биле регистрирани 317 случаи, а починале 51 лице. Лани во Грција биле регистрирани 96 случаи, а девет лица починале од последиците на инфекцијата.