Фото: ЕПА

Мегаанализа на актуелните политичко-безбедносни состојби и напорите за излез од војната на Блискиот Исток во највисоките табори на засегнатите страни – Вашингтон и Техеран

  • Американскиот претседател веќе формира политичка волја за да стави точка на војната со Иран, но бара модус преку кој ќе може да прогласи победа. Варијантите на Трамп за доведување до „крај на војната“ се движат од „безусловна капитулација“ до „намалување на ритамот“ на американските воздушни кампањи. Во анализата што следува ќе се обидеме да одговориме на прашањето зошто американскиот претседател сѐ поочигледно бара политички излез од иранската војна, а истовремено очајнички се обидува тој излез да го претвори во победничка приказна

Пет месеци по почетокот на американско-израелската војна против Иран, безбедносно-политичката равенка во Вашингтон станува сè појасна. Доналд Трамп сака оваа војна да заврши! Прашањето не е толку „дали американскиот претседател сака да го запре директното воено ангажирање“, туку „под кои услови може да го направи тоа без да изгледа дека се повлекува, отстапува или признава дека војната не ги постигнала првично прокламираните цели“. Токму тука се наоѓа суштината на актуелната дипломатска и воена игра околу Иран и Ормускиот Теснец.

Децидна изјава на Трамп од која се гледа дека војната ќе ја менаџира во насока на деескалација

На прв поглед, изјавата на Трамп за медиумот „Аксиос“ од пред неколку дена може да изгледа како уште една од неговите „тактички“ промени на ставот.
Го намалуваме ритамот, порача Трамп, додавајќи дека Вашингтон повеќе се потпира на економскиот притисок и ја набљудува тешката економска состојба во Иран. Медиумот „Аксиос“ притоа наведува дека „само една недела порано Трамп бил многу поблиску до одлука за продолжување големи воени операции“. Но ако оваа изјава се стави во поширок контекст, станува видлив многу посериозен процес. Трамп не се откажува од максималниот притисок врз Иран. Тој се обидува да го замени продолжувањето на војната со политичка формула што ќе му овозможи да ја заврши. И тоа е големата разлика.

Од жестоко „завршување на работата“ до барање „излезна стратегија“

За потсетување, само пред неколку недели сликата беше сосема поинаква. На 23 јули Трамп изјави за „Аксиос“ дека „сериозно размислува за повторно започнување големи борбени операции против Иран, дури и за напад поголем од претходната американска операција“. Тогаш цената на нафтата веќе беше над 100 долари за барел, а целосно продолжување на војната стануваше сè понепопуларно во САД. Потоа, само неколку дена подоцна, Трамп сепак избра пауза во бомбардирањето и нова шанса за дипломатијата. Тој тогаш нагласуваше дека „војната може повторно да се разгори доколку разговорите пропаднат“!?
– Зошто е ова важен момент? Затоа што покажува дека Трамп не ја напуштил воената опција, туку почнал да ја користи како средство за преговарање наместо како неизбежна следна фаза. Тоа е типично за неговиот стил на преговарање, а тоа е максимално подигање на цената на конфликтот, закана со уште поголема сила, а потоа барање договор што може да биде претставен како резултат на американскиот притисок. Затоа најновото „low-keying it“ (да не се прави голема работа од нешто, или да се однесува опуштено и без многу внимание – н.з.) не треба да се чита како пацифистички пресврт. Тоа е тактичка деескалација во служба на политички договор – вели еден наш соговорник, странски дипломат од балканските земји акредитиран во Македонија.

Втора голема промена: Од нуклеарната програма кон Ормуз

Уште поважен е развојот што го открива весникот „Волстрит журнал“. Според американски официјални лица цитирани во весникот, Трамп е подготвен да размисли за завршување на војната без нов нуклеарен договор со Иран, доколку Техеран целосно го отвори Ормускиот Теснец. Тоа е суштинска промена во преговарачката математика. (Текст во „Волстрит журнал“: Трамп сметаше дека отворањето на Ормускиот Теснец е неизбежно.) Зошто? Бидејќи нуклеарната програма беше претставувана како една од централните причини за американската воена интервенција. Ако Вашингтон сега може да прогласи дека војната е завршена без нов договор за нуклеарната програма, тоа значи дека де факто се намалува почетната политичка цена што Трамп самиот си ја постави. Но за возврат мора да добие нешто што може да го покаже пред американската јавност како конкретна победа. И тука влегува теснецот Ормуз.
– Ормускиот Теснец е многу попогоден за таква политичка конструкција. Нуклеарната програма е сложено, техничко и тешко проверливо прашање. Отворањето на теснецот е визуелно и политички разбирливо за јавноста. И за американската и за светската… бродовите повторно пловат, енергетските пазари се стабилизираат, цената на нафтата паѓа. Во превод, Америка го принудила Иран да попушти. Тоа е приказна што Трамп може да ја продаде како победа – вели нашиот брифер, дипломат од кариера акредитиран во Македонија.

„Победа“ не мора да значи она што значеше на почетокот

Во горниот меѓунаслов се наоѓа можеби најважната политичка поента. (Победа не мора да значи исто на почеток и на крај на еден судир – н.з.)
– Војните многу често завршуваат поинаку од начинот на кој започнуваат. Во почетокот се поставуваат максималистички цели. Потоа, како што се зголемуваат трошоците, се појавува потребата од приоритети. На крајот, најважно станува да се најде една цел што може да се прогласи за остварена. Трамп токму тоа го прави со Ормускиот Теснец – вели нашиот соговорник.
Во истиот контекст, за издвојување е дека и медиумот „Аксиос“ уште во јули годинава забележа дека конфликтот постепено се трансформира. И тоа „од војна насочена кон ослабување на иранските ракетни способности и нуклеарната инфраструктура во борба за контролата и слободната пловидба низ Ормускиот Теснец“.
– Ете, тоа на пример е една суштинска трансформација на воената цел. И истата трансформација денес му овозможува на Трамп да бара излез. Ако Ормускиот Теснец се отвори, Трамп може да каже дека американската сила го принуди Иран да попушти или глобалната енергетска артерија е повторно отворена, иранската воена инфраструктура е тешко оштетена, нуклеарната закана е ставена под контрола, санкциите и економскиот притисок го доведоа Техеран во тешка положба, а САД немаат потреба од бескрајна копнена или воздушна војна – вели дипломатот, додавајќи дека „од гледна точка на политичкиот маркетинг, тоа е доволно за да се прогласи победа“.

Иран ја разбра логиката на Трамп

Техеран очигледно сфати дека Трамп сака да излезе од војната. Затоа Иран не брза да му го даде токму она што му треба. Според актуелните информации, официјален Техеран бара целосен прекин на војната, укинување на американската поморска блокада и санкциите, повлекување на американските сили од регионот, компензација за воената штета и ослободување замрзнати ирански средства.
На 11 август иранскиот Врховен совет за национална безбедност повторно порача дека Ормуз нема да биде целосно отворен без промена на американското однесување и исполнување на иранските услови. Тоа значи дека Иран се обидува да направи нешто многу едноставно. Ако Ормускиот Теснец е Трамповиот излез од војната, тогаш истиот тој Ормуз е и иранскиот најсилен преговарачки адут. Техеран затоа ја зголемува цената. И тоа објаснува зошто преговорите се толку тешки. Но и внатре во Иран има струи што размислуваат различно.


Две струи во Иран со различни цели за излез од војната

 

  • Невообичаено отвореното соперништво во рамките на иранското раководство укажува на борба за контрола врз повоената иднина на Иран. Големо прашање е на чија страна се наоѓа новиот врховен лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, кој се крие откако беше повреден во нападот во кој загина неговиот татко, Али Хамнеи, на почетокот на војната, додека двете струи ја бараат неговата поддршка

Со ескалацијата на нападите врз американските бази и нивните сојузници во Персискиот Залив во текот на изминатата недела, иранските лидери покажаа значително единство околу нивната воена стратегија. Тие покажаа значителен степен на кохезија, држејќи се цврсто, решени да покажат дека Иран може да издржи повеќе во тековниот конфликт од Америка и нејзините сојузници. Тоа го констатира и реномираниот „Асошиејтед прес“, пренесувајќи своја анализа.
Но во рамките на иранското раководство, според внатрешни извори, постојат остри разлики околу тоа „каква треба да биде крајната цел на војната“?
Од едната страна се т.н. ултратврдокорни во Техеран, кои се противат на какви било преговори со САД и вршат притисок за целосна победа. Познати како движењето „Пајдари“, тие се тврдокорни исламски идеолози.
Од другата страна се оние што ги поддржуваат претседателот Масуд Пезешкијан и моќниот претседател на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, кој е и главен преговарач на Иран, и го гледаат воениот притисок како начин за добивање договор со САД. Овој табор е поттикнат и од загриженоста за економските последици што ги трпи Иран од војната и потребата да се приспособи на општествените промени во земјата.
– Преговорите се политичка алатка и дополнување на воената акција за да се доведе непријателот до точка на принуда и да се извлечат вистински отстапки – напиша советникот на Галибаф, Махди Мохамади, на својот канал на Телеграм минатата недела.

Невообичаено отвореното соперништво во рамките на иранското
раководство укажува на борба за контрола врз повоената иднина на Иран

Во врска со овие две струи, големо прашање е на чија страна се наоѓа новиот врховен лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, кој се крие откако беше повреден во нападот во кој загина неговиот татко, Али Хамнеи, на почетокот на војната, додека двете струи ја бараат неговата поддршка.
Договорот за прекин на огнот постигнат со САД во април доби силна поддршка во највисокото раководно тело на Иран, Врховниот совет за национална безбедност. Дванаесет од неговите 13 члена го одобрија, вклучувајќи високи личности во Револуционерната гарда и војската.
Но прекинот на огнот се распадна откако двете страни разменија напади и откако Иран притисна за контрола врз преминот низ Ормускиот Теснец, кој пред војната пренесуваше една петтина од светската трговија со нафта и гас. Иран исто така изрази незадоволство бидејќи не се материјализираа финансиските ветувања предвидени во договорот, вклучително и ослободувањето милијарди замрзнати средства, а американската блокада повторно беше во сила.
Засега останува нејасен патот кон можен дипломатски исчекор меѓу Вашингтон и Техеран, чии напори за постигнување договор постојано наидуваат на пречки.


Најголемата опасност за мирот на Блискиот Исток

Што ако Трамп не успее да ја контролира сопствената победничка нарација?!

Дилемата за тоа дека според досегашните постапки на Трамп јавноста има впечаток дека тој тешко успева да ги контролира својот карактер и темперамент на агресивен и непредвидлив бизнисмен и во сериозните политички води, навистина е основана. И очигледна.
Факт е дека американскиот претседател многу тешко ја контролира сопствената (победничка) нарација. И парадоксално, според многу аналитичари, токму тука може да настане проблем.
– Трамп сака брз излез. Но, од друга страна, не сака да изгледа дека сака брз излез. Затоа неговата реторика мора да остане агресивна. Трамп мора да продолжи да се заканува со воена сила за да може евентуалниот компромис да изгледа како резултат на неговата сила. Оттука доаѓа привидната контрадикција. Така, еден ден Трамп зборува за огромен напад, следниот ден тој зборува за преговори, па потоа повторно се заканува и најпосле тој повторно нуди економски притисок. Па сѐ во круг?! Но, тука има едно големо НО! Сето тоа не мора нужно да биде стратегиска конфузија. Може да биде преговарачка техника. Но проблемот е што ваквата техника носи ризик од погрешна пресметка. Една ракета. Еден напад врз американска база. Еден погоден танкер. Една изјава на ирански или американски функционер. Еден погрешно протолкуван потег. И процесот на деескалација може повторно да се претвори во воена ескалација – тврди наша соговорничка, психолог, која воедно е експертка по комуникологија и универзитетска професорка од Скопје.

Денешниот Трамп е послаб во преговорите отколку што изгледа, но и посилен отколку што изгледа

Универзитетската професорка, која подолго време го опсервира и анализира однесувањето на Трамп, вели дека има еден исклучително интересен парадокс во однесувањето и постапките на Трамп, кој е вреден за една длабинска анализа на профилот на неговата личност. Тоа воопшто не значи дека со Трамп нешто не е во ред, како што милуваат да кажат многу граѓани во и надвор од Америка. Напротив, професорката инсистира дека нема ништо што би значело во неговото однесување дека „е во ред“ или дека „не е во ред“. Тој не ги влече тие потези сам, туку многу внимателно ги слуша предлозите на многу негови советници, но некогаш ги избира оние крајните опции, кои во јавноста тешко и самиот може да ги образложи, бидејќи комуникациските вештини не му се на ниво на висок светски политички формат.
– Еве еден за мене можеби најинтересен парадокс. Трамп е послаб затоа што има потреба од стабилизација на енергетските пазари, од намалување на воените трошоци, од обновување на муницијата и од политички успех пред изборите. Но е и силен затоа што Иран е економски ослабен, неговата инфраструктура е оштетена, а Техеран знае дека продолжувањето на конфликтот носи огромни ризици. Затоа никој не може лесно да го принуди другиот на капитулација. Резултатот мора да биде договор. Но договорот ќе биде можно да се постигне само ако и Трамп и иранското раководство можат дома да го претстават како сопствен успех. Тука е умешноста на менаџирање проток на ставови при отворен комуникациски канал во двете насоки, а Трамп нема баш високи социјални таканаречени меки вештини – вели професорката по комуникологија.

Трамп не сака „мир по секоја цена“, тој сака „победа по цена на мирот“

Според воен аналитичар со кој се консултиравме, целта на Трамп не е едноставно да престане да се пука. Неговата цел е да ја заврши војната во момент кога може да каже дека американската сила го принудила Иран да го направи нешто што претходно не сакал. Тоа е причината поради која Ормускиот Теснец станува толку важен.
– Ако Иран самостојно и без услови го отвори теснецот, Трамп може да прогласи победа. Ако Иран го отвори во рамките на договор со Вашингтон, Трамп повторно може да прогласи победа. Она што Трамп не може да си дозволи е следното: Америка да ја прекине блокадата, да ги повлече силите, да нема нуклеарен договор, Ормуз да остане затворен или под иранска селективна контрола, а Техеран притоа да добие санкциско олеснување. Таков исход во Вашингтон би изгледал како капитулација. И токму затоа Трамп сè уште не ја затвора воената опција, просто и едноставно – ни објаснува аналитичарот, кој во минатото бил активно воено лице од највисок ранг. Р.С.