Недопуштено и недозволиво е, кривично дело е да почитувате меѓународен договор што е во спротивност со и е ништовен според меѓународното право!

  • Честитки до Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, по повод 10 август, Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување и Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ, и 11 август, Денот на македонското знаме!

Се разбира, треба да се почитуваат меѓународните договори. Но само меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Но најважното: Меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на државата!
Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година е склучен од лице без активна легитимација: Договорот помеѓу Македонија и Бугарија не е склучен од претседателот на државата, туку од претседателот на македонската влада Зоран Заев со претседателот на бугарската влада Бојко Борисов! Иронијата да биде поголема, и Првиот протокол за спроведување на Договорот Заев-Борисов е склучен меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија – Никола Димитров и Екатерина Захариева на 10 јуни 2019 година. И Вториот протокол за спроведување на договорот Заев-Борисов е склучен меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија – Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година. Никола Димитров беше министер за надворешни работи од 1 јуни 2017 до 30 август 2020 година, а Бујар Османи беше министер за надворешни работи од 30 август 2020 до 23 јуни 2024 година. Бујар Османи го обвини Никола Димитров дека предавството е во Првиот протокол, а Никола Димитров го обвини Бујар Османи дека предавството е во Вториот протокол. Министерот за надворешни работи на Македонија, пак, од 23 јуни 2024, Тимчо Муцунски изјави дека протоколите биле записници. Да, протоколите де јуре се записници, но де факто се анекси на договорот Заев-Борисов без ратификација во Собранието и, за жал, претставуваат составен дел на предлог-француската преговарачка рамка за почеток на преговорите ЕУ-Македонија за полноправно членство во Европската Унија.
И спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година е склучена од лице без активна легитимација: Спогодбата помеѓу Македонија и Грција не е склучена од претседателот на државата, туку од министерот за надворешни работи Никола Димитров!
Во меѓународните односи важи основното правило: Со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право!
За жал, со договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година со двата протокола и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година се суспендира неотуѓивото неотстапно и неприкосновено веќе апсолвирано универзално право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ за македонска држава – држава Македонија! И затоа, и двата билатерални договора и двата протокола се ништовни се во спротивност со Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година: Договорите се во спротивност со домашното право, потпишани се под меѓународен притисок, потписниците биле доведени во заблуда и склучени се поради лукративни интереси!

Впрочем, американската разузнавачка агенција ЦИА во март 2026 година објави дел од декласифицираните архиви – кореспонденција од 1992 година во која се тврди дека претседателот Киро Глигоров одбил понуда од 100 милиони долари од Грција за промена на името на државата Македонија. А, и самиот Киро Глигоров во своите мемоари напиша дека министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски во кабинет му донел грчка актовка со милион долари, часовник и амфори за промена на името на државата, тоа го тврдеше и Стојан Андов во своите мемоари.
Поради сето ова, недопуштено и недозволено е, кривично дело е почитувањето билатерален договор што е ништовен и е во спротивност со домашното и меѓународното право!
Затоа, кога се вели Македонија ќе го почитува меѓународното право, вие практично велите Македонија треба веднаш и безрезервно еднострано да ги раскине и договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година со првиот протокол Димитров-Захариева на 10 јуни 2019 година и вториот протокол Османи-Генчовска на 17 јули 2022 година, како и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, бидејќи и двата договора и двата протокола се во спротивност со домашното и со меѓународното право! Во двата протокола се содржани сите идентитетски, историски и образовни прашања со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија!
И двата договора имаат цел повторно да го затворат македонското прашање и да го санкционираат Букурешкиот договор од 10 август 1913 година за легализација на поделбата и окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ! Затоа, прва задача и на Софија и на Атина беше ревизија на македонската историја!
Поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, своевремено недвосмислено рече: Ние еднаш напишавме историја за Македонија, повторно нејзина ревизија нема да вршиме!
Грција увиде дека нема ефект и џабе е да троши милијарди долари во антимакедонска пропаганда во светот и затоа го избра полесниот начин: Си договори сервилна партија, чија влада ќе ги спроведе нејзините интереси во Македонија. Со помош на мизантропот Џорџ Сорос финансираа „шарена револуција“ во Македонија, која заврши со инсталација на марионетската влада на шарлатанот Зоран Заев. Со велепредавство и суспензија на одлуките на референдумите од 1991 и 2018 година, на претседателот на државата и опозицијата, марионетската влада на Зоран Заев склучи два договора со Бугарија и Грција за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ.
Затоа заклучокот: Веднаш и безрезервно еднострано треба да се раскинат и договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, заедно со протоколите, и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година; веднаш и безрезервно еднострано треба да се распуштат македонско-бугарската и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја и создавање нова октроирана македонска историја и за тоа писмено да се известат владите во Софија и Атина и генералниот секретар на Обединетите нации. Истовремено треба да се упати резолуција до Генералното собрание за продолжување на членството во Обединетите нации со единственото државно, историско и генеричко име, кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија, со можност за употреба на уставната одредница Република како јасна дистинкција од југозападната провинција Македонија на Бугарија и северната провинција Македонија на Грција, на англиски јазик Republic of Macedonia, со нотификација на македонскиот народ – на англиски јазик Macedonian people и на македонскиот јазик – на англиски јазик Macedonian language! И покрај окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година!
Свесни дека Империјата Македонија не може да се супституира во Републиката Македонија и имајќи предвид дека сите нации држави на Балканот биле делови од исти империи на овие простори, поради што носат исто или слично културно-историско наследство, макар и еднострано Македонија, заради релаксација на тензиите меѓу балканските метрополи, треба да огласи – културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.
Ова не е право на избор, туку обврска на власта заради владеење на правдата и правото и заради почитување на правата и слободите! Во име на власта тоа може да го стори или претседателот на државата или премиерот или министерот за надворешни работи, со обична раскинувачка нота, бидејќи само тие имаат легитимитет пред меѓународната заедница во името на државата што ја претставуваат!
Не е никакво алиби дека тоа го сториле или така правеле тие пред вас, па вие ја следите новата реалност. Па, правеле и затоа не се сега како вас, во опозиција се, не се на власт! Повторувањето на делото не ја ослободува актуелната власт од одговорноста за соучество!

Особено што секоја власт пред сѐ и над сѐ, мора да ја почитува волјата на народот односно граѓаните! Не случајно во членовите 1и 2 од Уставот на државата Македонија се вели: Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, чиј суверенитет е неделив, неотуѓив и непренослив, произлегува од граѓаните и ним им припаѓа, а тие пак власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници и по пат на референдум.
Одлуката на референдум е задолжителна за сите, без исклучок!
Никој не смее да заборави: На референдумот одржан на 8 септември 1991 година, околу четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „суверена и самостојна држава Македонија“, без додавки и без придавки! А, на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, околу две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, НЕ ГЛАСАА „за членство во ЕУ и НАТО“ и „не го прифатија Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ!
Одлуките на референдумот се задолжителни, особено за власта, која е должна да ги спроведе во Уставот и законите!
Промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ претставува најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува!
Членовите на Владата и пратениците што гласаа за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ, кога и да е, треба да одговараат пред судот на правдата, историјата и народот со доживотна казна затвор и конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејството дома и во светот!
Никогаш не смее да се заборави дека по меѓународно право, во меѓународната заедница, името на државата е идентитетот на нацијата односно народот – од името на државата по автоматизам произлегува името на националноста односно државјанството! Со промената на името на државата автоматски се менува и името на нацијата односно народот!
Со промената на името на државата Македонија автоматски се менува и името на македонската нација односно македонскиот народ со сите негови атрибути – име, јазик, култура, историја…
И никогаш не смее да се заборави: Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ (с)нема!
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!
Честитки до Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината по повод 10 август, Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување и Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ, и 11 август, Денот на македонското знаме! Амин!

Тодор Петров