Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (21)

  • Евлија Челебија преку своето дело покажува посебен афинитет кон анализата на здравствената состојба на населението. Во неговите
    описи, квалитетот на животот во даден град директно се мери преку три основни параметри: достапноста и квалитетот на изворската и пивката вода; бројот, архитектурата и естетската изведба на јавните и приватните амами; постоењето и капацитетот на термоминералните извори (бањи) за лекување и превенција на заболувањата. Пред 400 години, сите градови во Македонија имале свои чешми со чиста вода, единствено во градот Охрид не биле изградени чешми бидејќи населението пиело од езерската вода!

Урбанистичкиот, социоекономскиот и здравствениот профил на македонските градови за време на Османлиското Царство во XVII век е нераскинливо поврзан со делата на османлиските патописци, меѓу кои централно и најдоминантно место зазема Евлија Челебија. Неговото капитално дело во десет тома, „Seyahatname“ („Книга за патувањата“), претставува важна енциклопедиска синтеза на географијата, етнографијата, фолклорот, социологијата и архитектурата на тогашното Османлиско Царство. Патувајќи низ провинциите на империјата, Евлија Челебија запишал исклучително важни податоци за комуналната инфраструктура, хигиенските стандарди, водоснабдувачките системи и медицинските практики на населението. Неговите забелешки за Македонија не претставуваат само сувопарна административна картографија туку живо сведоштво за начинот на кој исламскиот концепт на телесна чистота се испреплетувал со затечените антички и средновековни традиции на балканскиот простор.
Евлија Челебија преку своето дело покажува посебен афинитет кон анализата на здравствената состојба на населението. Во неговите описи, квалитетот на животот во даден град директно се мери преку три основни параметри: достапноста и квалитетот на изворската и пивката вода; бројот, архитектурата и естетската изведба на јавните и приватните амами; постоењето и капацитетот на термоминералните извори (бањи) за лекување и превенција на заболувањата.
Пред 400 години, сите градови во Македонија имале свои чешми со чиста вода, единствено во градот Охрид не биле изградени чешми бидејќи населението пиело од езерската вода!
Во XVII век, Скопје израснал во еден од најважните трговски, административни и урбани центри на Румелија. Евлија Челебија во својот патопис детално ја опишува градежната структура на градот, забележувајќи дека станбените и јавните објекти се градени од тврд материјал, покриени со карактеристични црвени ќерамиди. Во неговиот фокус е монументалниот сарај на Махмуд-паша, како и широк спектар на религиозно-институционални објекти.

Меѓутоа, највпечатливиот дел од неговите опсервации се однесува на урбаната хидротехника. Според Евлија Челебија, во Скопје во тоа време постоеле над 120 јавни чешми од кои непрекинато течела чиста планинска вода. За да се овозможи постојан прилив на чиста вода во урбаното јадро, османлиските инженери изградиле комплексен каптажен и акведуктен систем врз основа на стариот систем, кој веќе постоел кога ја освоиле Македонија. Водата била зафаќана директно од чистите планински извори во регионот на Скопска Црна Гора и планината Осој (село Глумово и село Бразда). Преку монументалната акведуктна конструкција, која бележи траги уште од времето на цар Јустинијан, водата се спроведувала со помош на слободен пад и гравитациски притисок до самите градски чешми, амами и џамии. Евлија Челебија ја опишува оваа вода како „чиста како кристал“, подвлекувајќи ја нејзината супериорност во споредба со водните извори во други метрополи на империјата.
Интересен контраст во описите на Евлија Челебија претставува градот Охрид. За разлика од повеќето други градови во Македонија, кои задолжително граделе сложени мрежи од јавни чешми и каптажи, Охрид во тој период немал изградено класичен систем на чешми. Причината за ова лежи во фактот што населението за пиење и за сите домашни потреби ја користело директно езерската вода. Челебија забележува дека благодарение на извонредната чистота на езерската вода и исклучително поволната и блага клима, локалното население се одликувало со натпросечно здравје, а машките и женските деца израснувале со „здрава и убава става“.

Османлиската хигиенска култура се темелела на бањањето и одржувањето на телесната чистота. Во секој град, во согласност со важечките империјални и локални санитарни прописи, морало да постојат јавни бањи – амами. Евлија Челебија при својот престој во Скопје наведува податок што ја илустрира масовноста на оваа навика: тој бележи дека во Скопје имало повеќе од 1.600 јавни и приватни (домашни) амами. Употребата на јавните амами не била хаотична, туку строго подредена на медицинско-превентивни правила, кои имале цел заштита на срцево-садовиот систем и општото здравје. Влезот во амамот се одвивал постепено. Посетителот најпрвин престојувал во оладено претсобје, за организмот постепено да се адаптира, а потоа преминувал во потоплата и со пареа исполнета просторија. Истиот обратен редослед се применувал и при излегувањето за да се спречи топлотен шок. Во загреаните простории не се останувало предолго. Долготрајниот престој во пареа се сметал за штетен бидејќи предизвикувал срцебиење (палпитации) и прекумерно исцрпување на организмот. Било строго забрането и штетно да се консумираат или да се аплицираат лекови за време на престојот во загреаните простории на амамот. Секој жител имал општествена и хигиенска обврска најмалку еднаш неделно да го посети амамот. Се верувало дека капењето во амам го зајакнува дигестивниот систем, ја подобрува циркулацијата на крвта, ги лекува кожните чиреви и разните дерматолошки заболувања, правејќи ја кожата цврста и здрава. Според тогашните сфаќања, најдобро време за капење било по целосното завршување на процесот на варење на храната во желудникот.

Евлија Челебија и историските документи од тој период издвојуваат неколку забележителни архитектонски објекти на територијата на Македонија што претставувале врв на османлиското градежништво. Лоциран во непосредна близина на Камени мост во старата скопска чаршија, Даутпашиниот амам бил изграден во периодот помеѓу 1489 и 1497 година од страна на тогашниот голем везир Даут-паша. Според преданието, Даут-паша го изградил овој грандиозен објект за султановата ханума Хума Шах Султан, со јасна намера да создаде најголем и најубав амам во целото Османлиско Царство. Амамот содржел дури 16 одделенија, кои се разликуваат по својата димензија и архитектонска форма. Во двете основни простории за соблекување имало два шадрвана (водоскока) и многубројни простории со курни (камени садови за вода). Сите курни и шадрвани биле изработени и обложени со најквалитетен бел мермер. Покрај Даутпашиниот, во Скопје функционирале и…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)