Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија се наоѓа меѓу европските земји со висока стапка на секојдневна употреба на тутун и сродни производи. Според последните достапни податоци, во 2022 година 22,5 отсто од лицата на возраст од 16 години или постари секојдневно користеле тутун, електронски цигари, никотински кесички или загреани тутунски производи.

Според Евростат овој удел е значително над просекот на Европската Унија, кој во 2025 година изнесува 16,5 отсто. Во ЕУ, притоа, се бележи намалување на дневната употреба – од 17,5 отсто во 2022 година на 16,5 отсто во 2025 година.

Македонија е под нивото на дел од земјите во регионот. Највисока стапка има Турција со 29,6 отсто во 2025 година, по што следуваат Србија со 26,6 отсто и Бугарија со 26,3 отсто. Црна Гора во 2022 година имала 23,8 отсто, додека Хрватска во 2025 година достигнала 23,6 отсто.

Кај дел од овие земји е забележан и раст на употребата. Во Турција уделот се зголемил од 28,2 отсто во 2022 на 29,6 отсто во 2025 година, додека во Србија пораснал од 24,8 на 26,6 отсто. Во Хрватска растот е од 20,9 на 23,6 отсто.

За разлика од нив, Грција бележи намалување – од 24,2 отсто во 2022 година на 22,6 отсто во 2025 година. Намалување има и во Словенија, каде што уделот паднал од 17,9 на 17,3 отсто.

Во рамките на ЕУ, највисока стапка на секојдневна употреба на тутун и сродни производи во 2025 година е регистрирана во Бугарија со 26,3 отсто, Шведска со 23,9 отсто и Хрватска со 23,6 отсто. Најниски стапки имаат Холандија со 9,9 отсто, Ирска со 11,7 отсто, Белгија со 13,6 отсто и Луксембург со 13,8 отсто.

Повеќе мажи отколку жени

Податоците покажуваат и значителна разлика според полот. Секојдневно тутун и сродни производи користеле 20,8 отсто од мажите, наспроти 12,6 отсто од жените.

Највисок удел на дневни корисници има кај лицата на возраст од 35 до 49 години – 21,3 отсто. Следуваат возрасната група од 25 до 34 години со 19,9 отсто и лицата од 50 до 64 години со 19,8 отсто.

Најниска стапка е регистрирана кај најмладите и најстарите возрасни групи. Кај лицата на возраст од 16 до 24 години уделот изнесува 12,1 отсто, додека кај оние на 65 години или постари е 9,1 отсто.

Иако Македонија е под стапките на Турција, Србија и Бугарија, податоците укажуваат дека употребата на тутун и сродни производи останува значително пораспространета отколку во просекот на ЕУ.

Според податоците, 77,5 отсто од лицата на возраст од 16 години или постари во Македонија не користеле тутун или сродни производи, односно не ги користеле во периодот од 12 месеци пред собирањето на податоците.