Фото: РФМ

РАКОМЕТ – ЕП 2026 ЗА КАДЕТИ

  • По успешниот настап на ЕП во Белград и освоеното деветто место, вчера младите македонски ракометари беа пречекани во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), каде што нејзиниот претседател Александар Стефанов им го честиташе постигнатиот успех на играчите и на стручниот штаб

Машката ракометна репрезентација на Македонија (до 18 години), предводена од селекторот Горан Кузмановски, го освои одличното деветто место на Европското првенство (ЕП) за кадети (до 18 години), кое се одржа во Белград, Србија, откако во последниот натпревар убедливо го совлада Израел со 39-29 иако на полувремето беше 20-19 за противникот. Сепак македонските ракометари заиграа фуриозно во вториот дел, кој го добија со дури 11 гола разлика (20-9). Најефикасни во македонските редови беа Горазд Дамчевски и Стефан Ѓоргиески, кои постигнаа по осум гола, додека Христијан Вујичевски реализираше шест, а кај поразениот состав доминираше Нево Месика со девет погодоци.
Завршниот пласман на Македонија е повеќекратен, оти покрај деветтото место, значи и опстанок во елитната дивизија А, пласман на Европското првенство (ЕП) за младинци во 2028, како и обезбедено учество на Светското првенство (СП) за кадети во 2027 година. Сето ова само потврди дека оваа генерација млади играчи поседува силен потенцијал, а македонскиот ракомет не треба да страхува за својата иднината.
Црвени-жолтите на овој шампионат во Белград забележаа пет победи, против Турција (29-27), Италија (33-23), Фарски Острови (34-32), Португалија 26-25) и Израел (29-29), а загубија во фазата по групи од објективно посилните репрезентации на Словенија (30-33), Франција (25-36) и Шведска (29-33).

Нов европски првак во оваа категорија ракометари стана селекцијата на Германија, која во финалето ја победи Словенија со 36-27, додека бронзата ѝ припадна на репрезентацијата на Данска, која, пак, ја совлада Шпанија со 28-25, во конкуренција на 24 европски селекции. На минатото ЕП во Црна Гора пред две години, на кое Македонија го освои 19-то место (10 места послабо отколку сега), шампионската титула ја освои селекцијата на Шведска, која овој пат целоно разочара, пласирајќи се дури на 13-та позиција.
По успешниот настап на ЕП во Белград и освоеното деветто место, вчера младите македонските ракометари беа пречекани во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), каде што нејзиниот претседател Александар Стефанов им честиташе за постигнатиот успех на играчите и на стручниот штаб и за борбеноста и залагањето во текот на целиот шампионат, посакувајќи им многу успех во понатамошниот развој и во следните репрезентативни предизвици што ги очекуваат. Г.И.